Македонија
Груби од Тирана: Со два значајни проекти ги поврзуваме граѓаните и земјите на Западен Балкан
Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, денес во Тирана го потпиша „Договорот за соработка меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Албанија за развој на инфраструктурни проекти, логистичка безбедност и ефикасност на транспортот на стоки меѓу двете земји“.
Рече дека му е задоволство што е дел од иднината преку еден креативен, современ и транспарентен пристап од страна на Владата на Република Албанија, овој пат преку мега проектот за пристаништето во Драч, исклучително значаен проект за албанската економија и туризам, но и со значително влијание врз економскиот развој на Македонија.
„Дозволете ми во името на Владата да ви честитам за оваа иницијатива, за оваа инвестиција која претставува иновативна и модерна димензија во нашите простори. Овој проект ги надминува димензиите на еден национален проект, тој е проект од стратешко значење за развојот на Западен Балкан. Уште повеќе, тежината на овој проект кој вие почнувате да го реализирате во однос со мојата земја, го зголемува проектот кој е главен приоритет на Владата на Република Северна Македонија, изградбата на патниот и железничкиот дел од Коридорот 8 што ќе го олесни и модернизира движењето на моите сограѓани до просториите на пристаништето во Драч, но и до Албанија воопшто. Два големи проекти, инвестиции кои ќе останат во служба на идните генерации и кои уште повеќе ќе ја зацврстат нераскинливата врска меѓу граѓаните на нашите две земји и меѓу земјите од Западен Балкан“, рече Груби.
Додаде дека со изградбата на автопат со 6 ленти од Скопје до Ќафасан, растојанието помеѓу Скопје и Тирана ќе се намали на 2,5 часа, Скопје и Валона на 3 часа. За максимално искористување на пристапот до пристаништето, планиран е почеток на изградбата и на железничката врска Скопје – Кичево – Поградец – Драч.
„Во јануари ги спојуваме двете гранични контроли во една, со цел конечно да ги отстраниме границите меѓу нас. Ја градиме и интерконективната енергетска врска меѓу нас со два проекта, трафостаница во Охрид и високонапонска врска Битола-Елбасан. Бројни се скептиците кои не веруваат во реализација на проектите што ги имаме започнато за да бидеме заедно, за да ги отстраниме границите меѓу нас, бројни се и ќе бидат оние кои ќе се обидат да направат опструкции, да ја потценат нивната тежина, но наша должност е да продолжиме со работа размислувајќи за идните генерации и за она што можеме да им го оставиме денес како наследство и основа за здрава иднина“, рече Груби.
Една новост за која разговарале со премиерот Рама на заедничката седница меѓу нашите две влади е изградбата на суво пристаниште во градот Струга, нова и креативна димензија на комуникација која несомнено, како што посочи, ќе придонесе за зајакнување на трговската размена меѓу нашите земји и е составен дел од изградбата на новото пристаниште Драч.
Тој им заблагодари на Рама и на албанската влада за нивната „великодушност, подготвеност и решителност да го споделат пристапот до пристаништето со Северна Македонија и Косово“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

