Македонија
Груевски нема да одговара за „Траeкторија“ поради застареност на делото

Експремиерот во бегство, Никола Груевски, нема да одговара за кривичното дело во предметот „Траекторија“, кое се однесува на изградбата на кинеските автопати поради застареност на делото.
Од делото за кое се товари Груевски поминати се шест години и државата ќе треба да му ги надомести судските трошоци.
Одлуката денеска ја донесе Кривичниот суд по барање на одбраната.
Делото што му се става на товар Груевски го почнал во октомври 2012 година, а завршило во октомври 2013 година. Првото рочиште за „Тракеторија“ се одржа на 6 декември во 2017 година.
Во предметот на СЈО обвинети се и ексвицепремиерот Владимир Пешевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и ексдиректорот на ЈП „Државни патишта“, Љупчо Георгиевски, за злоупотреба на службената положба и овластувањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Инвестиција од неколку десетици милиони евра и над 200 вработени најави Мицкоски

Нова инвестиција од неколку десетици милиони евра и над 200 вработени, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Како што изјави, стартот на инвестиција се очекува за една до две недели.
Одговорајќи на новинарски прашања по одбележувањето 122 години од смртта на Гоце Делчев, Мицкоски повтори дека една од примарните цели на Владата е номиналниот БДП да биде над 20 милијарди долари или 10.500 долари по глава на жител, како и намалување на јавниот и државниот долг под 50, односно 40 проценти.
-Минатата година ја завршивме со историски рекорд кога станува збор за странските инвестиции, една милијарда и 255 милиони евра. Само во последниот квартал е повеќе од 400 милиони евра. Како ќе биде годинава, ги чекаме податоците од првиот квартал. Се надевам дека ќе биде подеднакво успешна. Можам да најавам дека за недела – две од денеска почнуваме со нова инвестиција од неколку десетици милиони евра и повеќе од 200 вработени, која ќе учествува значително во БДП, рече премиерот.
Македонија
Царина се пофали дека наплатиле 190,4 милиони евра, велат ќе се трошат за училишта, градинки, болници…

Царинската управа во текот на изминатиот месец наплати приходи во износ од 11,7 милијарди денари или 190,4 милиони евра, што е за 7,3 проценти односно 12,88 милиони евра повеќе од истиот месец минатата година. Притоа приходите од данок на моторни возила се зголемени за 20,5 проценти, од царина за 14,1 процент, а од акцизи за 16,3 проценти.
Како што информира денеска Царинската управа, вкупно од почетокот на годинава, за четири месеци се наплатени 41,2 милијарди денари или 670,27 милиони евра, што е за 26,5 милиони евра повеќе од лани истиот период.
Директорот Бобан Николовски вели дека овие средства значат повеќе инвестиции за капитални проекти, за училишта, градинки, болници, патишта, повисоки плати и пензии, за поконкурентна економија. Ваквите резултати, како што потенцира, се должат на зголемени контроли и зголемена тимска работа и делување на ниво на институција, а не на поединци.
– Царинската управа ќе продолжи да делува во насока на зачувување на финансиските интереси и стабилност на финансискиот систем преку поголема ефикасност на институционалните капацитети во наплатата на приходи, подобрување на услугите и сузбивање на криминалот и корупцијата, се наведува во соопштението.
Македонија
Мицкоски за делото на Делчев: Македонија е изградена од саможртвата на хероите кои ги дадоа своите животи за нашата слобода

Премиерот Христијан Мицкоски утрово преку својот фејсбук профил изрази почит по повод 122 години од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев.
Како што наведува Мицкоски, Македонија е изградена од саможртвата на хероите кои ги дадоа своите животи за нашата слобода, а славата и делото на Гоце Делчев продолжуваат да живеат.
-Македонија не е само држава, туку и наша судбина, и мора да биде наша иднина. Таа е изградена од саможртвата на хероите кои се дадоа за нашата слобода. Еден од најцврстите карпи на тоа народно дело е Гоце Делчев чиј живот херојски згасна пред 122 години, а неговата слава и дело продолжува да биде живо.
Длабок поклон за великанот. Слава му, пишува премиерот Мицкоски.