Македонија
Гужва на Богородица, се чека и по еден час

Во екот на сезоната голем број граѓани рано утрово се упатија кон Грција. На граничниот премин Богородица колона возила чекаат и по еден час. Интензитетот на сообраќајот, како што информира АМСМ е умерен на сите патни правци.
Од АМСМ предупредуваат дека сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози, поради што препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената патна сигнализација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Стоилковиќ на средба со српскиот министер за култура

Потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, денес оствари работна средба со делегација од Република Србија, предводена од министерот за култура, Никола Селаковиќ. На средбата присуствуваше и амбасадорката на Р Србија во земјава, Невена Јовановиќ.
Во рамки на средбата беа разгледани повеќе актуелни прашања од заеднички интерес, со потенцијал за натамошно зајакнување на пријателските и традиционално добри односи меѓу двете земји. Посебен акцент беше ставен на унапредувањето на стратешката соработка и развојот на партнерства во различни области, особено во контекст на капитални инвестиции и реализација на заеднички проекти од стратешко значење.
Двете страни разменија мислења и ставови и за тековните политички и економски состојби во двете држави и регионот, при што беше потенцирана подготвеноста за продолжување на редовниот политички дијалог на највисоко ниво. Воедно, беше нагласена важноста од координирани активности за поттикнување на демократскиот развој и забрзување на економската трансформација преку стабилна и одржлива меѓудржавна соработка.
На средбата беа разгледани и можностите за заеднички ангажман во иницијативи кои придонесуваат за унапредување на положбата на припадниците на немнозинските заедници, со акцент на образованието, културата, медиумската застапеност и дигиталната инклузија. Овие напори се во функција на градење инклузивно и кохезивно општество, засновано на еднаквост, почитување и заемна доверба.
Средбата беше оценета како значаен чекор кон унапредување на регионалната соработка и потврда на заедничката волја за продлабочување на билатералните односи преку конкретни и конструктивни иницијативи.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, попладне со изолирана појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд, грмежи и засилен ветер

Времето денес ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до
засилен ветер од југозападен правец. Попладне ќе има изолирана појава на нестабилност со
краткотраен пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Максималната температура ќе биде во
интервал од 20 до 28 степени.
Времето и метеоролошките параметри за Скопје: променливо облачно со сончеви периоди.
Ќе дува умерен до засилен ветер од југозападен правец. Попладне во делови од котлината ќе
има услови за појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
T=27°C. P=974hPa. U=48%. V=6m/s
Утре попладне, во текот на ноќта и в сабота претпладне ќе има врнежи од дожд,
локално проследени со грмежи. Врнежите ќе бидат пообилни во јужните делови (од 20 до 30
l/m²), а во другите од 10 до 20 l/m². Потоа во следните денови времето ќе биде
променливо облачно и посвежо со повремен локален дожд.
Македонија
Филипче за можната коалиција со ДУИ и со Таравари: Ќе разговараме со сите политички партии

Лидерот на опозицискиот Социјадемократски сојуз (СДСМ) не ја исклучи можноста за коалиција со Демократската унија за интеграција (ДУИ) и со Арбен Таравари од Алијансата за Албанците на претстојните локални избори. Одговарајќи на новинарски прашања, денес на отворањето на новата градинка во населбата Пролет тој рече дека коалицијата од 14 партии е веќе потврдена и се прават заеднички советнички листи според неа, но процесот за разговори со други партнери допрва почнува и ќе разговараат со сите политички партии.
„Ние во СДСМ се спремаме за претстојните избори и нашите врати се отворени, како и каналите на комуникација. Бараме партнери. Ја потврдивме нашата коалиција од 14 партии. Веќе почнавме заеднички да ги креираме листите во сите општини, а во однос на други партнери почнува процесот на разговори. Ќе разговараме со сите политички партии, меѓутоа принципите на коалиција значат дека коалициските партнери првин траба да се почитуваат, понатаму да се целосно согласни за програмите што ќе им ги ветиме на граѓаните, односно имплементираме научени лекции од претходните коалиции, кои на некој начин го оштетија имиџот на СДСМ“, одговори лидерот на опозицијата, Филипче, на прашањата дали се можни коалиции на СДСМ со ДУИ или со Алијансата за Албанците.
За последните случувања во владината коалиција откога Таравари излезе од „Вреди“, Филипче вели дека е само прашање на време кога целосно ќе се распадне оти покажале дека ништо суштински не ги врзува.