Македонија
„Дали е потребен Закон за Уставниот суд?“ – отворена јавна дебата
Уставниот суд денеска организираше тркалезна маса на тема „Дали е потребен Закон за Уставниот суд?“, со што официјално ја отвори јавната дебата за потребата од донесување на посебен закон што би го регулирал работењето на Судот.
На настанот учествуваа уставните судии, претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, претставници на дипломатскиот кор, професори по уставно право и експерти од граѓанскиот сектор.
Тркалезната маса е организирана во рамките на ИПА 3 проектот „Зајакнување на капацитетите на Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на донесените правни акти и заштита на човековите права“, финансиран од Европската Унија и спроведуван од конзорциумот ICE EEIG и Expertise Advisors.
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, во своето обраќање ја нагласи потребата од донесување на Закон за Уставниот суд со кој ќе се регулираат клучните правни прашања и ќе се обезбеди самостојноста на Судот. Тој истакна:
„Потребно е да се интервенира во Уставот и да се предвиди уставен основ за Закон за Уставен суд, донесен со дво-третинско мнозинство. Ваквиот мој став е во линија со Мислењето на Венецијанската комисија по однос на предложените седум нацрт-амандмани на Уставот од 2014 година. Да се донесе уставен закон по примерот на хрватскиот закон за Уставен суд. Овој закон би го конкретизирал терминот „истакнат правник“, потоа начинот на избор на уставните судии. Јас сум отворен поборник седниците да се прикажуваат во живо на ТВ, за да разберат граѓаните како ги носиме одлуките, да нè запознаат и слушнат како размислуваме. Клучна е административната, буџетската и статусната самостојност и независност на судот која би се уредила со Закон.“
Претседателката, Гордана Сиљановска-Давкова, нагласи дека реформата на Уставниот суд е одамна задоцнета и неопходна:
„Јас сум за поширока надлежност на Уставниот суд, но тоа не може да се регулира со закон, бидејќи и да носиме закон за Уставен суд треба да интервенираме во Уставот. Можеме ние да го читаме како сакаме членот 113, меѓутоа јасно е таму дека акт за Уставниот суд не значи закон, бидејќи Уставниот суд не може да донесе Закон, тоа треба да го направи Парламентот. Денеска сум посреќна, кога гледам дека на некој начин пробива општоприфатениот став дека ни е потребен похрабар однос кон Уставниот суд, за да може тој да биде похрабар во односот кон трите власти, а исто така похрабар кон заштитата на човековите слободи и права.“
Амбасадорот на Европската Унија, Н.Е. Михалис Рокас, ја истакна важноста на реформите за владеењето на правото и демократијата:
„Зајакнувањето на Уставот не е само формално барање за членство во ЕУ, тоа е стратешка инвестиција во фер пристапот и владеењето на правото — нешто што им е потребно на граѓаните.
Тоа е реформа во која Уставниот суд треба да одигра многу важна улога. Од тие причини ЕУ го поддржува Судот во неговата работа и ги зајакнува неговите капацитети. Ја поддржуваме Северна Македонија да изгради силни, независни и кредибилни институции.“
Амбасадорката на СР Германија, Н.Е. Петра Дрекслер, ja повтори поддршката за секој напор за јакнење на институциите што ја штитат демократијата и основните слободи:
„Во Германија, Федералниот уставен суд е институција која ужива висока доверба кај граѓаните и која одигра витална улога во јакнењето на демократијата по Втората светска војна. Исто така, вашиот Уставен суд може да стане столб на доверба, независност и заштита на правата.
Силен и независен Уставен суд е клучен за владеењето на правото и за заштитата на човековите права.”
Амбасадорката на САД, Н.Е. Анџела Прајс Агелер, потенцираше дека ќе продолжат да го поддржуваат зајакнувањето на судството и Уставниот суд како чувари на човековите права:
„Независниот Уставен суд е еден од столбовите на демократијата и владеењето на правото. Кога судовите се силни, независни и транспарентни, тие не само што ја штитат слободата и правата на поединците, туку градат и доверба на јавноста во институциите.
Во САД, вербата во независно судство е основен принцип кој ја одржува демократијата жива, и среќни сме што можеме да ја поддржиме Северна Македонија на истиот пат.“
По воведните излагања, на тркалезната маса следуваше повеќечасовна експертска дебата на која беше презентирана Студија која е изработена од страна на тројцата правни експерти ангажирани од ИПА 3 проектот, Карстен Манке, Мартин Сопронов и Маргарита Цаца Николовска. Свое обраќање имаа и судиите на Уставниот суд, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева и проф. д-р Ана Павловска-Данева.
Своите експертски видувања ги споделија и професорите по уставно право, проф. д-р Татјана Каракамишева, проф. д-р Денис Прешова, проф. д-р Јетон Шасивари и проф. д-р Рената Тренеска Дескоска, а се вклучија и претставници од граѓанскиот сектор, Дарко Аврамовски од „Коалицијата – Сите за правично судење“ и Бојан Трпевски од Македонското здружение на млади правници.
Дебатата придонесе кон продлабочување на јавната дискусија за можностите и моделите за идно законско регулирање на Судот, во насока на јакнење на владеењето на правото и заштитата на човековите права во Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

