Македонија
Дали Заев во скопски ресторан договарал забошотување на ‘Рекет’, прашува ВМРО-ДПМНЕ

Дали Заев со министерот за внатрешни, обвинител и со адвокат во скопски ресторан договарал забошотување на „Рекет“?! Со вакво прашање опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагира на коментарите од владејачкиот СДСМ дека опозицискиот лидер Христијан Мицкоски го брани приведениот бизнисмен, Орце Камчев.
Според ВМРО-ДПМНЕ, Социјалдемократскиот сојуз си ја ишка мувата од капата со случајот за Орце Камчев.
Од тука велат дека Орце Камчев е во затвор затоа што парите од рекетот на Камчев се кај Зоран и Вице Заеви. Токму ова го кажа и првоосудениот за рекетот, Бојан Јовановски, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата го повика Заев да одговори дали е точно оти во еден ресторан на периферијата на Скопје, заедно со министерот за внатрешни работи, една обвинителка и адвокат договарал забошотување на случајот „Рекет“ и замолчување на можниот сведок Орце Камчев.
„Дали е точно дека Заев јавно се заканувал со зборовите: ‘нема да се стигне до парите – па макар и Владата да падне’? Дали торбата ‘луј витон’ со рекетираните пари е токму на улицата Младинска во Струмица, каде што е семејната куќата на Заеви? Дали на тој состанок во скопскиот ресторан е токмен план како да се заобиколи правдата? Ќе извадите докази за ова или да вадиме ние?“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
АМСМ: Зголемена фреквенција на возила, но на граничните премини без гужви

Сообраќајот на државните патишта утрово се одвива непречено, по суви коловози, информира АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила, но на граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сончево време, попладне локален дожд

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Попладне и во вечерните часови ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен, попладне во западните делови повремено засилен ветер од западен, а долж Повардарието од северен правец, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 22, а максималната ќе достигне од 30 до 37 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе има услови за умерен развој на нестабилна облачност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен, попладне повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 36 степени.
До четврток ќе преовладува променливо облачно и посвежо време со услови за локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува умерен до повремено засилен северен ветер, а дневната температура ќе биде во опаѓање.
Од петок се очекува постепен пораст на температурата.
Македонија
Без струја делови од Аеродром, Петровец, Илинден и Карпош

Без струја денеска ќе останат делови од општините Аеродром, Петровец, Илинден и Карпош.
Од ЕВН Македонија АД известија дека на ден 28.07.2025 година ( понеделник ) без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 12.30 часот, корисниците од ул. Тодор Чангов – крак 49 ( општина Аеродром ) како и корисниците од селата Кожле, Летевци, Бадар, Горно Блаце, Катланово и Градманци. ( општина Петровец )
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од корисниците во село Мршевци, објектите на фирмите Фреш Фарм, Солар Ентра, Мијак, Си Мао и Солант, како и корисниците од селата Бунарџик и Ајватовци. ( општина Илинден )
– во периодот од 10.00 до 14.00 часот, дел од корисниците од ул. Нерешка. ( општина Карпош )