Македонија
Дваесет и една година од авионската несреќа во која загина Борис Трајковски

Државни делегации и членови на семејствата денес ќе положат цвеќе во помен на трагично загубените животи во авионската несреќа пред 21 година, кога загина тогашниот македонски претседател, Борис Трајковски.
Авионската несреќа се случи на 26 февруари 2004 година кај Мостар. Во несреќата загинаа и Димка Илкова – Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Лозановска – советници во Кабинетот на претседателот, Миле Крстевски, вработен во МНР, Борис Велинов, Аце Велиновски – обезбедување, Марко Марковски и Бранко Ивановски – пилоти на авионот.
Последниот извештај за авионската несреќа од меѓународниот истражен тим покажа дека причините за падот на „кингерот“ се седум системски грешки на пилотите. Авионот се спуштил под минимално дозволена висина, временските услови биле неповолни, а пилотите не ја почитувале стандардната процедура, да слетаат на друг аеродром. Тие решиле да продолжат со слетување. Беше посочено и дека авионот не бил одржуван соодветно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Антикорупциската комисија парично казни повеќе поранешени и актуелни функционери, меѓу нив Груби, Меџити, Крмов

Антикорупциската комисија достави информации за имињата на 86 поранешни и актуелни носители на јавни функции кои се казнети со глоба за прекршување на одредбите од наведениот закон. Меѓу нив се пратеникот Борислав Крмов од Левица, екс-вицепремиерот Артан Груби кој е во бегство, поранешниот претседател на Собранието, Талат Џафери, Фатмир Меџити, поранешен министер за здравство.
„Фатмир Меџити, Министер за здравство, Во својство на одговорно лице во надлежна институција, не ги преземал сите мерки и активности за доставување на бараните информации до ДКСК, во рок од 15 дена од денот на добивањето на барањето согласно член 23 став 3 од ЗСКСИ 200 евра.
Артан Груби, Прв заменик министер и Министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Во својство на одговорно лице во надлежна институција, не ги преземал сите мерки и активности за доставување на бараните информации до ДКСК, во рок од 15 дена од денот на добивањето на барањето согласно член 23 став 3 од ЗСКСИ од 200 евра.
Талат Џафери, Претседател на Владата на РСМ истовремено и пратеник во Собранието на РСМ член 44 став 2 од ЗСКСИ казнив по 300 евра.
Арбер Адеми, по престанок на функцијата пратеник во Собранието на РСМ не поднел изјава за имотна состојба и интереси до ДКСК член 82 став 3 од ЗСКСИ, а казнив по член 109 од ЗСКСИ 300 евра
Јована Мојсовска, по избор на функцијата пратеник во Собранието на РСМ не поднела изјава за имотна состојба и интереси член 82 став 1 од ЗСКСИ, казнив по член 109 од ЗСКСИ 300 евра
Борислав Крмов, по престанок на функцијата пратеник во Собранието на РСМ не поднел изјава за имотна состојба и интереси до ДКСК член 82 став 3 од ЗСКСИ, а казнив по член 109 од ЗСКСИ 300 евра“, посочуваат од ДКСК.
Државната комисија за спречување на корупција во согласност со член 98 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси има обврска јавно да ги објави информациите за извршените контроли, спроведените постапки и глобите кои се изречени за сторените прекршоци.
„Преку објавување на овие информации ДКСК има за цел да ја информира јавноста во насока на охрабрување на граѓаните, како и институциите да се придржуваат до правните норми. Очекуваме дека со исполнување на оваа законска обврскa ќе се зголеми довербата во процесите на надзор и контрола, но и ќе се зајакнат напорите за ефикасно спречување на корупцијата и судирот на интереси во Република Северна Македонија“, велат од ДКСК.
ДКСК смета дека оваа мерка е исклучително значајна за зголемувањето на транспарентноста и отчетноста на секоја институција во борбата против корупцијата.
Македонија
Алијансата за Албанците: Владата инвестира милиони во болницата „8 Септември“, а Тетово и Штип се запоставени

Алијанса за Албанците го поддржува секое вложување во здравството, но изразува длабока загриженост за неправедната распределба на инвестициите во здравствениот сектор од страна на актуелната влада. Додека милиони евра се планираат за инвестиции во болницата „8 Септември“ во Скопје, клиничките болници во Тетово и Штип продолжуваат да се соочуваат со неприфатливи услови и недостаток на инвестиции.
„Владата го третира здравствениот систем на две нивоа: едно за Скопје и друго за регионите. Ова е очигледна дискриминација кон пациентите во Тетово, Штип и сите други региони надвор од главниот град, кои имаат исто право на квалитетни здравствени услуги. И покрај многубројните ветувања, Клиничката болница во Тетово и онаа во Штип сè уште работат со застарена инфраструктура, недостиг на модерна опрема и ограничени капацитети за лекување на пациентите. Во меѓувреме, владата одлучи јавните средства да ги насочи исклучиво кон една болница во главниот град, целосно игнорирајќи ги потребите на регионалните болници“, посочуваат од Алијанса за Албанците
Бараат од Министерството за здравство:
1. Јавно да ги објави критериумите врз основа на кои е донесена одлуката за инвестиција во „8 Септември“, додека Тетово и Штип се изоставени.
2. Итно да го ревидира буџетот за здравство и да предвиди конкретни инвестиции во регионалните болници, особено во Тетово и Штип.
3. Да се преземат итни чекори за да се обезбеди еднаков третман за сите граѓани, без разлика каде живеат.
„Алијансата за Албанците ќе го следи ова прашање со сите политички и институционални средства за да гарантира дека пациентите во Тетово, Штип и сите региони имаат пристап до квалитетна здравствена заштита, исто како и граѓаните на Скопје“, дополнуваат оттаму.
Македонија
Матичните штрајкуваат поради измените во „Мој термин“, од Министерството за здравство велат дека верификувањето на телефонскиот број на пациентите е еднократно

Матичните лекари денеска одржаа едночасовен предупредувачки штрајк поради новите измени во системот „Мој термин“.
Претседателката на Здружението на приватните матични лекари, доктор Лилија Чолакова-Дервишова, рече дека без претходна најава, Управата за електронско здравство им наложила да верификуваат мобилни телефони на пациентите пред да ги извршат прегледите. Тоа, како што објасни, го блокирало функционирањето на системот „Мој термин“.
Од Министерството за здравство велат дека измената за верификација на телефонскиот број е со цел цел да обезбеди пациентите навремено да добиваат известувања за закажани термини и други здравствени услуги, со што се намалуваат пропуштените прегледи и се оптимизира функционирањето на здравствениот систем.
Во моментот процесот сè уште не е задолжителен, но во наредниот период ќе стане обврска при посета кај матичниот лекар. Од Здравство исто така нагласија дека верификацијата се прави еднократно, што значи дека пациентите треба да го потврдат својот телефонски број само при првиот преглед.
Сепак, системот предвидува исклучоци во одредени случаи: итни медицински случаи – внесување во системот без верификација; деца и изнемоштени лица – може да бидат верификувани преку друго лице (еден телефонски број за повеќе пациенти).
Се додава и дека корисниците на мобилната апликација „Мое здравје“ може самостојно да ја завршат верификацијата, без вклучување на матичниот лекар.
„Оваа промена се базира на анализи, кои покажаа дека значителен број пациенти не се појавуваат на закажаните термини поради неажурирани телефонски броеви. На пример, повеќе од 50 отсто од пациентките со закажани прегледи на дојка не се појавиле, со што биле изгубени термини, кои можеле да бидат искористени за други пациенти“, велат од Министерството.