Македонија
Двајца вработени во Град Скопје ставиле во џеб над три милиони денари, пари што граѓаните ги плаќале како данок
Двајца вработени во Град Скопје ставиле во џеб над три милиони денари, пари кои граѓаните ги плаќале како данок. Против нив е поднесено обвинение за злоупотреба на службена положба и овластување и за компјутерска измама.
Првиот обвинет, на возраст од 26 години, ја искористил својата службена положба како службено лице – помлад референт за архивирање на документација во Одделот за присилна наплата, прием, издавање, заверка на документи за даноци, такси и надоместоци на Град Скопје. Преку работното место тој имал контакт со граѓани кои поднесувале даночни пријави за данок на промет, данок на имот и данок на наследство, па им нудел услуга – да изврши плаќање на износот на данокот во нивно име за да не чекаат на шалтерите во банките каде се врши уплатата. Тој притоа барал износот на данокот според решението за плаќање данок да му го дадат во готово нему, но наместо да го уплати целосниот износ на даночната обврска, вршел уплата на минимален износ, а останатиот дел од парите ги присвојувал со вториот обвинет.
Вториот обвинет, на возраст од 38 години, како вработен во Одделението за присилна наплата, прием, издавање, заверка на документи за даноци, такси и други надоместоци на работно место соработник за присилна наплата, стручни работи за прием, издавање и заверка на документи за даноци и такси имал овластување да пристапува до компјутерскиот систем на Град Скопје во кој се евидентираат уплатите од граѓаните по основ на данок. Тој преку неговиот компјутер, користејќи ја сопствената лозинка, електронски ги менувал податоците за извршените уплати за данок и прикажувал дека износот на даночниот долг е целосно подмирен. Со ова, велат од Обвинителството, тој ги доведувал во заблуда лицата задолжени за контрола на извршените уплати по различен даночен основ. По заверка на договорите од нивна страна, вториот обвинет повторно пристапувал во компјутерскиот систем и ги враќал податоците во претходната состојба на даночниот долг.
На овој начин, двајцата обвинети во периодот на 2018 и 2019 година, преку уплатите од 20 даночни обврзници, го оштетиле буџетот на Град Скопје, како и буџетите на општините Бутел, Чаир, Ѓорче Петров, Центар и Гази Баба, за вкупен износ од 3.410.366 денари.
За двајцата обвинети на сила се претходно определени мерки на претпазливост – обврска да се јавуваат повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патните или други исправи за преминување на државната граница, како и забрана за преземање определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

