Македонија
Две дози вакцина во Македонија примиле скоро 200.000 граѓани

Две дози вакцина во Македонија примиле 199.143 граѓани, соопшти Министерството за здравство.
На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 274.710 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 5.834 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 7.720 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 473.853 дози вакцини, а ревакцинирани се 199.143 граѓани.
Со последните бројки 50 % од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 45 % од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 38 % од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) СДСМ: Неетички чин на министерот Филков, судир на интереси или кражба на труд?

„Министерот за правда, Филков, има намера да магистрира на тема „Креирање на стратегии во сферата на правосудството како надлежност на министерот за правда“. Овој скандалозен потег, иако навидум е академски, е всушност крајно непримерен и не споив со високата јавна функција што тој ја извршува. Министерот за правда магистрира на тема за сопствени надлежности“, рече Јовица Јанковиќ, потпретседател на СДММ.
„Ова е директен судир на интереси, кој го разобличува неговиот личен и институционален интегритет.
Постапката на министерот отвора прашања за неговата свест за Законот за спречување на корупција и судир на интереси и неговите одговорности како службено лице.
Со користење на службени документи и информации до кои има пристап како министер, за да ги искористи за лична академска добивка, Филков директно го прекршува членот 62 од истиот закон, кој забранува какво било користење на службената положба за лични цели.
Ова не е ништо друго освен злоупотреба на службената должност.
Изјавата на министерот дека „не постои конфликтна или не конфликтна тема за магистерска работа“ е не само арогантна, туку и скандалозна.
Со тоа тој ги игнорира сите етички и законски принципи.
Токму креирањето на стратегии во правосудството е законска надлежност на Министерството за правда. Тие се дело на државни службеници и експерти, и никој нема авторски права над нив, па дури ни министерот.
Со овој чин, министерот Филков, всушност, си присвојува државен труд за своја лична корист.
Ова не е само неетички чин, туку и ја доведува во прашање суштината на академската чесност и интегритет.
Господине Филков, со овој потег, Вие го изгубивте моралниот и професионален интегритет за да ја извршувате функцијата министер за правда.
Очекуваме реакција на Антикорупциската комисија. Поттикнувањето на сомнежи за судир на интереси и злоупотреба на службената положба не смеат да бидат дел од дејствувањето на еден министер.
Јавноста бара одговорност, а не оправдувања и ароганција“, изјави Јовица Јанковиќ, потпретседател на СДММ.
Македонија
Поднесено обвинение против уште едно лице за пожарот во „Пулс“

Обвинителскиот тим кој постапува во предметот во врска со пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против уште едно лице за сторени – Тешки дела против општата сигурност од член 292 став 2 во врска со член 288 став 3 во врска со став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
И овој обвинет се товари за сопствен особен придонес, бидејќи заедно со повеќе одговорни и службени лица за кои веќе е поднесен обвинителен акт кој е во фаза на оценка, како и со други за сега непознати лица, не постапил според прописите и техничките правила за мерките за заштита и со тоа предизвикал опасност за животот и телото на луѓето, како и имотот од големи размери.
Поради нивните пропусти во еден подолг временски период, како и поради конкретните дејствија на дел од обвинетите, на 16.03.2025 година во угостителскиот објект во Кочани бил предизвикан пожар на место каде што биле собрани поголем број луѓе, при настап на музичката група ДНК, во целосно небезбедни и опасни услови, поради што настапила смрт кај 62 лица, со тешки телесни повреди се здобиле 157 лица, а со телесна повреда се здобиле 65 лица.
Последниот обвинет, во временскиот период од септември 2022 година до денот на пожарот, во Скопје и Кочани, како одговорно лице – реален сопственик на обвинетото правно лице Друштво за обезбедување на имот и лица РУБИКОН СЕКЈУРИТИ СОЛУШН увоз-извоз ДООЕЛ Скопје, заеднички со веќе обвинетиот управител, раководел со деловниот потфат и целокупното работење на агенцијата за обезбедување.
Тие, иако имале сопственичка одговорност, не постапиле согласно чл.3 од Закон за приватно обезбедување, со тоа што не презеле мерки и активности заради спречување и откривање на штетни појави и противправни дејствија кои го загрозуваат телесниот интегритет и достоинството на личноста и имотот што се обезбедува и согласно чл.6 од Закон за приватно обезбедување, односно обезбедувањето го вршеле без да имаат склучено писмен договор за приватно – физичко обезбедување со корисникот на услугата –угостителски објект „Клуб Пулс“ и без воопшто да водат грижа, контрола и надзор при исполнување на обврските на лицата кои вршеле обезбедување на имот и лица.
На критичниот ден, тројца вработени во агенцијата со важечки лиценци за приватно обезбедување и со легитимации на обвинетото правно лице, како и еден обвинет без лиценца за вршење на работи на физичко обезбедување, биле задолжени да го обезбедуваат објектот во Кочани без да утврдат претходна безбедносна проценка со проверка по однос на сигурносните услови на објектот, опасностите и можностите за евакуација во случај на опасност, без проверка на влезови и излези и нивна исправност, во услови на преполнетост на капацитетот на посетители. Притоа, спротивно на законските обврски, правното лице не изготвило и не доставило План за обезбедување при одржување на јавен ред на настан од забавен карактер со присуство на поголем број на посетители и не биле ангажирани повеќе работници на обезбедување како што налагале условите во објектот.
Вработените распоредени од Агенција за обезбедување „Рубикон“ не постапиле по одредбите од Закон за приватно обезбедување и не извршиле проверка на идентитетот и возраста на лица при влез на објектот што го обезбедувале и со тоа овозможиле влез на деца – лица кои не наполниле 18 години и нивно присуство во објектот по 00.00 часот. Не постапиле и согласно законската обврска да извршат преглед на лица при влез во објектот што се обезбедува, а заради пронаоѓање предмети кои може да се користат заради уништување или оштетување на имотот, како и предизвикување опасност по животот, со што не го спречиле внесот и користењето на експлозивни материии – пиротехнички средства со кои бил предизвикан пожарот.
Од доказите обезбедени во текот на истрагата произлезе дека сега обвинетиот имал главна улога во обвинетото правното лице, фактички раководел со агенцијата и давал директни инструкции на обвинетите кои критичната вечер биле ангажирани како обезбедувачи. Исто така, обезбедени се докази дека по пожарот во Кочани тој презел активности во насока на формирање ново правно лице со седиште во Струмица, чија основна дејност му е исто така физичко обезбедување на имот и лица, а со цел да ја продолжи дејноста повторно затскривајќи се формално-правно во раководењето зад друго одговорно лице.
Од тие причини, иако истрагата за ова лице е завршена и доказите се обезбедени, јавните обвинители кои постапуваат проценија дека се уште постојат одредени ризици за негово целосно обезбедување во текот на постапката. Имајќи предвид дека Судот, одлучувајќи по жалба на обвинетиот, веќе ја заменил претходно определената мерка притвор со мерка куќен притвор и со дополнителни забрани за напуштање на живеалиштето, за комуникација со одредени лица и одземање на патна исправа, јавното обвинителство до судот достави и предлог за продолжување на сите определени мерки и забрани.
Македонија
ДУИ: Скандал – единствениот Албанец од вкупно 12 во комисијата за наградата „8 Септември“ се предлага самиот себеси за добитник

„Денеска сакаме да ја алармираме јавноста за еден невиден скандал кој го загрозува не само интегритетот на државните награди „8 Септември“, туку и духот на граѓанска еднаквост гарантиран со Охридскиот договор. Денеска, во Кристалната сала на Парламентот, Комисијата за доделување на Државната награда „8 Септември“ ќе ги додели највисоките признанија за животно дело и за достигнувања во областа на спортот. Ова е највисоката државна награда во спортот, големо признание што треба да претставува правичност, меритократија и почит за сите наши спортисти“, велат од ДУИ.
„Но, што гледаме денес? Комисијата, формирана со потпис на претседателот на Собранието, Африм Гаши, е составена од 11 Македонци и само 1 Албанец. И, за иронија на судбината, единствениот Албанец Хамид Бакија наместо да предложи еден албански спортист, решил наградата да си ја додели самиот на себеси.
Ова не е само судир на интереси, ова е срам и чиста неправда! Апсурдна и навредлива ситуација за албанските спортисти кои со децении придонесуваат со труд и успеси во спортот на Северна Македонија, но остануваат исклучени од државно признание и почит.
Ова не е изолиран случај. Минатата година имавме идентичен пример кога брат на еден градоначалник од ВМРО, како член на комисија, сам на себе си додели награда. И тогаш сè помина во тишина. Дали повторно ќе молчиме?
Ова прашање веднаш ќе биде адресирано пред Државната комисија за спречување на корупцијата, бидејќи претставува флагрантен судир на интереси и отворена дискриминација.
Нашата порака е јасна:
Спортот треба да обединува, а не да дели.
Спортот треба да гради мостови, а не етнички бариери.
Охридскиот договор и принципот на еднаквост не се празни букви на хартија, туку темели врз кои мора да функционира секоја државна институција.
ДУИ останува решителна да ја брани еднаквоста, правдата и достоинството на секој граѓанин, во секоја институција и во секоја област на животот, вклучително и спортот. Ова не е само апел ова е повик за правда и еднаквост!“, се наведува во соопштението на ДУИ.