Македонија
Деветнаесет години од загинувањето на осумте припадници на безбедносните сили кај Вејце
Денес се навршуваат 19 години од загинувањето на осумте припадници на безбедносните сили во 2001 година на патот с. Селце – с. Вејце на падините на Шар Планина, меѓу кои беа и четворицата битолчани Марјан Божиновски, Кире Костадиновски, Бошко Најдовски и Илче Стојановски.
Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, заедно со дополнителниот заменик министер за внатрешни работи, Славјанка Петровска, и директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, придружувани од претставници на други организациони единици на МВР, денеска во Битола, положија цвеќе пред споменикот „Ангел“ (кај Градскиот часовник) како и во кругот на СВР Битола.

На комеморативното одбележување на трагичното загинување на овие македонски херои учествуваа и претставници на локалната самоуправа на Битола, на политичките партии како и на семејствата на загинатите бранители.

Како што потенцираше министерот Чулев, со овој чин не само што се оддава должната почит кон огромната, неспоредливо најголема жртва на нашите бранители, туку се испраќа и јасна порака дека хероите никогаш не умираат, тие вечно живеат во нашите животи. Тој, исто така, нагласи дека министерството за внатрешни работи, во рамки на своите можности, и натаму ќе остане отворено за семејствата на нашите загинати бранители, за бранителските организации – секогаш да им излезе во пресрет на нивните барања и потреби.
Цвеќе положи и градоначалничката на општина Битола, Наташа Петровска.

„Би сакала да упатам длабока почит кон оние млади битолчани, кои во 2001 година ги дадоа своите животи за нашата татковина. Секогаш со тага се присетуваме на тоа, но примерот на овие млади луѓе нека ни покаже како треба да се однесуваме ние во денешницата. Токму затоа и денес во оваа саатница, почитувајќи ги сите мерки што ги презема Владата на Република Северна Македонија на држење социјална дистанца, меѓутоа и да нема групно собирање, одлучив на ваков начин да го одбележам овој момент и уште еднаш да се присетиме за она што било вредност и навистина треба да го зачуваме и во иднина“, прече Петровска.
На 28 април 2001 кај месноста Брезовица на патот с. Селце – с. Вејце на падините на Шар Планина од заседа беа убиени Марјан Божиновски (27), Кире Костадиновски (24), Бошко Најдовски (25), Илчо Стојановски (24), Роберт Петковски (27), Бобан Трајковск (28), Игор Костески (26) и Миле Јанески (30).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

