Македонија
Деветти септември неработен ден за сите граѓани на Македонија

Министерството за социјална политика, демографија и млади соопштува дека во согласност со со Законот за празниците на РM („Службен весник на РМ“, бр. 21/98 и 18/07), 9 септември (понеделник) е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија поради тоа што 8 Септември, Денот на независноста на Републиката, е в недела.
Министерството за социјална политика, демографија и млади на сите граѓани им го честита Денот на независноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Двојна прослава во Аеродром, одбележани два големи јубилеја

Општина Аеродром денеска одбележа два значајни јубилеја – 20 години од своето основање и 153 години од раѓањето на македонскиот револуционер Јане Сандански.
Свеченоста се одржа во паркот кој го носи името на Сандански, каде што бројни граѓани од различни генерации, претставници на локалната власт, образовни институции и граѓански здруженија оддадоа почит пред неговиот споменик.
Вршителот на должноста градоначалник на Општина Аеродром, Дејан Митески, заедно со претставници од Советот на општината, делегации и граѓани, положи свежо цвеќе во чест на македонскиот војвода. Свеченоста продолжи со културно-уметничка програма – хорот на ООУ „Блаже Конески“ ја исполни македонската химна, а оркестарот на ООУ „Лазо Ангеловски“ приреди музички настап. Фолклорниот ансамбл „Никола Јонков – Вапцаров“ ја збогати атмосферата со традиционални игри.
На настанот беа доделени плакети, признанија и благодарници на истакнати жители на Аеродром кои со својата работа во уметноста, спортот, науката и културата ја афирмираат општината и надвор од државните граници.
Признанија добија и вработени во општинската администрација кои со години вложуваат труд за подобрување на животот во оваа општина. Наградени беа и млади таленти, кои уште од најрана возраст остваруваат успех во различни области.
Од Општина Аеродром порачуваат дека и во иднина ќе продолжат да го поддржуваат талентот, ангажманот и развојот на сите граѓани, со цел општината да остане пример за успех и напредок.
Македонија
Пратеникот Сулејмани си поднесе оставка: Не сакам да бидам дел од компромис со луѓе на црни листи

Пратеникот Салим Сулејмани денеска ја информираше јавноста дека поднесува оставка од сите партиски функции во рамки на Алијансата за Албанците, како и од функцијата пратеник во Собранието на Република Македонија.
„Со полна морална, професионална и политичка одговорност, ве информирам дека поднесувам оставка од сите партиски функции во рамки на Алијансата за Албанците, како и од позицијата пратеник во Собранието“, наведе Сулејмани.
Тој појасни дека неговото политичко делување било мотивирано од желбата за вистинска промена, а не од лична амбиција, додавајќи дека учеството во коалицијата Вреди било насочено кон, како што рече, разобличување на неуспесите и злоупотребите на власта од страна на ДУИ.
„ДУИ, партија која две децении е дел од власта, наместо да биде достоен претставник на Албанците, се претвори во структура поврзана со лични и клановски интереси. Коалицијата Вреди ја гледав како антипод на таа коруптивна матрица“, изјави Сулејмани.
Сепак, според него, во последниот период дошло до сериозно отстапување од првичните принципи, особено по приближувањето на Алијансата за Албанците до ДУИ во пресрет на локалните избори.
„Ова политичко сојузништво е прекршување на нашите ветувања и недостојно претставување на Албанците. Не можам да бидам дел од алијанса што прави компромиси со луѓе кои се спомнати на меѓународни црни листи поради сериозни афери“, порача Сулејмани.
Тој најави дека неговата политичка кауза не завршува со оваа одлука, туку дека ќе продолжи да се ангажира во други форми, со цел, како што рече, „да им служи на граѓаните уште поефикасно“.
„Ветувам дека многу скоро ќе ги почувствувате резултатите и ќе ги видите трагите од мојот ангажман во иднина. Барам само трпение и разбирање, додека вистината не излезе целосно на површина“, напиша Сулејмани.
Македонија
Два земјотреси утринава ги разбудија граѓаните на Охрид и на Струга, епицентарот во Пештани

Два земјотреси со епицентар во подрачјето Пештани–Охрид–Струга беа регистрирани рано утринава од страна на Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Според податоците од Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, првиот земјотрес се случил во 5 часот и 7 минути, со магнитуда од 3,4 степени според Рихтеровата скала, а вториот девет минути подоцна, во 5:16 часот, со магнитуда од 2,3 степени.
Епицентрите на двата земјотреси се наоѓаат на околу 100 километри југозападно од Скопје, во регионот меѓу Пештани, Охрид и Струга.
Земјотресот во 5:07 часот бил почувствуван од населението во Охрид, Струга и блиската околина, со интензитет од IV степени според Европската макросеизмичка скала. Засега нема пријави за материјални штети или повредени лица.