Македонија
Дезинфицирани училиштата во Центар за безбеден почеток на учебната година
Општина Центар, со цел да овозможи безбеден почеток на учебната година за најмалите ученици, изврши дезинфекција на сите осум општински основни училишта на својата територија. Пред почетокот на учебната 2020/2021 година Општина Центар ги презема сите превентивни мерки за безбеден почеток и отворање на училиштата за учениците што ќе посетуваат настава со физичко присуство од прво до трето одделение, се наведува во соопштението.

Со цел зголемување на безбедноста и почитување на превентивните мерки, овластена компанија изврши темелна дезинфекција во внатрешноста и на надворешните делови на училиштата. Со дезинфекција се опфатени сите влезови и излези во училиштето, подовите, ходниците, скалите, тоалетите, просториите за вработените, помошните простории, како и сите работни површини каде што учениците ќе имаат контакт при следење на наставата за време на училишниот престој.
Досега целосно се дезинфицирани основните училишта: „Димитар Миладинов“, „11 Октомври“, „Св. Кирил и Методиј“, „Кочо Рацин“, „Ј. Х. Песталоци“ и „Коле Неделковски“, а во текот на денешниот ден ќе завршат дезинфекцискиите активности во училиштата „Киро Глигоров“ и „Гоце Делчев“ и ќе се овозможи безбеден почеток на учебната година на 1 октомври.

„Општина Центар е целосно подготвена за почетокот на новата учебна година. Преземени се сите безбедносни и хигиенски мерки, во училиштата се обезбедени потребните дезинфекциски средства и бесконтактни топломери, училниците се адаптирани за почитување на потребното растојание, поставени се локатори и скалести обележувачи за движење на учениците и табли со инструкции. Наставниот кадар, стручните и административните служби се подготвени да ги применуваат пропишаните протоколи за безбедно одвивање на наставата со физичко присуство до трето одделение за учебната 2020/2021 година.
Исто така, училиштата се технички подготвени за реализација на онлајн-настава за повисоките одделенија, а наставниците се соодветно обучени за примена и спроведување на наставата на Националната платформа за образование. Апелираме до сите граѓани, родители и ученици доследно да ги почитуваат мерките предвидени од надлежните институции и да бидат одговорни за колективното јавно здравје, со цел зголемена заштита од коронавирусот“, соопшти Општина Центар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Стапката на сиромаштија бележи намалување, а „џини индексот“е првпат под 30% во последните 30 години
Во текот на денешната посета на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања се осврна и на последните статистички податоци за сиромаштијата во земјата.
„Што се однесува до стапката на сиромаштија, сакам да кажам дека во 2024 е подобра од 2023 и е најдобра од 2020 па наваму. Ако во 2020 стапката на сиромаштија била 23%, во 2023 година била 22,2%, во 2024 година таа е 21,9%. Кога станува збор за нееднаквоста на доходите односно т.н. „џини индекс“ во Македонија, е исто така најдобар во последните 4 години во 2024 година. Од 33,3% сега е на 29,1% и е најдобар во регионот“, изјави премиерот Мицкоски.
Тој истакна дека „џини индексот“ е прв пат под 30% во последните 30 години и е подобар од европскиот просек и од сите држави во регионот, а тоа значи дека има поголема еднаквост во распределбата на приходите помеѓу населението.
Македонија
Алиу: Клиниката за гинекологија e симбол за нов живот, извршено реновирање и унапредување на условите за мајките и новороденчињата
Министерот за здравство, Азир Алиу заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски денеска ја посетија Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, каде е извршено реновирање на повеќе простории кои секојдневно ги користат илјадници пациентки.
Вкупната инвестиција изнесува над 34 милиони денари.
– Гинеколошко-акушерската клиника е место каде што започнуваат нови животи, каде што се носат најтешки одлуки и каде што довербата во здравствениот систем мора да биде апсолутна. Затоа секоја инвестиција тука има посебна тежина и посебна одговорност. Од вкупната површина на клиниката, реновирани се 2 илјади квадратни метри, односно целото приземје кое го опфаќа влезниот хол, поликлиничкиот дел со амбуланти, HPV лабораторијата, биохемиската лабораторија, како и амбулантата за итни случаи. Ова значи подобра организација, побрза услуга и поквалитетна грижа , токму таму каде што е најпотребно, рече Алиу.
Тој посочи дека е особено значајна и новата настрешница од 420 квадратни метри на платото на Клиниката, што овозможува побезбедно и подостоинствено прифаќање на пациентките кои се транспортираат од други здравствени установи, а воедно со оваа инвестиција се покажува грижа, безбедност и почит кон секоја жена што доаѓа на клиниката во чувствителен момент.
– Оваа инвестиција е реализирана целосно со средства на самата Клиника. Тоа зборува за одговорно управување, визија и посветеност на раководството и вработените. Како Министерство за здравство, наша задача е да создаваме услови во кои здравствените работници ќе можат да ја дадат најдобрата можна грижа, а пациентите ќе се чувствуваат сигурно, почитувано и згрижено, заклучи министерот.
Македонија
Владата потпиша договор со УНОПС за ремедијација на депонијата контаминирана со линдан во поранешната фабрика ОХИС
Денеска беше потпишано продолжување на договорот за партнерство меѓу Владата на Република Северна Македонија и Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС) за ремедијација на малата депонија контаминирана со линдан лоцирана во поранешната фабрика ОХИС во Скопје. Со договорот повторно се потврдува заедничката посветеност на националните институции и меѓународните партнери за решавање на едно од најкомплексните еколошки жаришта во земјата.
Продолжувањето на договорот обезбедува дополнителни 12 милиони евра финансиски средства, обезбедени од Владата преку Генералниот секретаријат на Владата, и воспоставува период на имплементација од 3 години, во кој се очекува да бидат завршени сите преостанати работи на терен и целосно да се изврши ремедијацијата на малата депонија.
Континуираната интервенција ќе овозможи безбедно отстранување и управување со опасниот отпад, во согласност со меѓународните еколошки и стандарди за безбедност и здравје при работа, со што значително ќе се намалат ризиците по јавното здравје и животната средина за околните заедници.
„Продолжувањето на договорот ја одразува силата на нашето партнерство и заедничката решителност конечно да се затвори ова долгогодишно еколошко прашање,“ изјави Игор Јанушев, генерален секретар на Владата. „Со комбинирање на националното лидерство и меѓународната експертиза, создаваме услови за безбеден, темелен и одржлив процес на ремедијација.“
Ремедијацијата на малата депонија на локацијата ОХИС, која се состои од 5 бетонски базени, започна во 2021 година. Досега се ископани и спалени на 1969 тони HCH отпад и 586 тони на контаминирана почва, приближно 60 отсто од планираното чистење. Досегашните активности беа завршени со комбинирано финансирање од Владата, Европската Унија и Кралството Норвешка, што претставува значаен чекор во справувањето со наследеното загадување на оваа локација.
Продолжувањето на партнерството потпишано денес се очекува да овозможи целосно завршување на работите за ремедијација на малата депонија. Активностите за ремедијација предвидуваат ископување, пакување, привремено складирање, транспорт и отстранување на HCH отпадот и контаминираната почва и невно согорување.
„Комплексното наследено загадување не може да се реши од една институција поединечно,“ изјави Микела Телатин, директорка на Мултидржавната канцеларија на УНОПС за Југоисточна Европа. „Овој проект покажува како партнерството, довербата и јасно дефинираните улоги можат да донесат конкретни еколошки и здравствени придобивки за заедниците, истовремено обезбедувајќи ремедијацијата да се спроведува безбедно и одговорно.“
Продолжувањето на договорот ја потврдува континуираната посветеност на партнерите за справување со историското индустриско загадување и унапредување на одговорното управување со животната средина во Република Северна Македонија. Воедно, се создаваат предуслови за иницирање на ремедијациски работи на поголемата депонија контаминирана со линдан на локацијата на поранешната фабрика ОХИС.

