Македонија
Делегација на Бирото за јавна безбедност учествува на Меѓународна асоцијација на шефови на полиција

Во периодот од 19 – 23.10.2024 година во Бостон, Масачусетс, Соединетите Американски Држави се одржува Годишната конференција на Меѓународната асоцијација на шефови на полиција (IACP), водечка организација која е фокусирана на унапредување на полицијата и безбедноста на глобално ниво.
Македонската делегација е предводена од Директорот на Бирото за јавна безбедност, г. Александар Јанев, во присуство на г. Мајкл Маки, полициско аташе за ICITAP при Амбасадата на САД во Скопје.
На оваа конференција полициски лидери, службеници и експерти од разни држави од светот ќе имаат можност да разменат најдобри практики, иновации и стратегии за справување со предизвиците во секојдневното полициско работење. Ваквиот пристап на соработка е значаен за унапредување на безбедносните практики и размена на искуства, зајакнувањето на капацитетите на полицијата. Преку запознавање со специфичностите и предизвиците со кои се соочува полицијата во САД, но и останатите полициски служби во светот, учесниците ќе имаат можност да добијат клучни информации за методологијата за справување со истите.
Конференцијата нуди одлична можност за градење нови партнерства, воспоставување на идни проекти и иницијативи.
Во текот на конференцијата, македонската делегација ќе присуствува на повеќе настани, а најавени се и средби со менаџментот на ИЦИТАП, федерални обвинители и повеќе директори на полиции и шефови на делегации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Граѓаните ќе можат од својот дом да симнат и испечатат документи, наместо да одат на шалтер

Со гордост сакам да ви соопштам дека вчера, на Комисијата за транспорт и дигитална трансформација, 4 клучни закони кои се однесуваат на дигитализација на државните служби и услугите кон граѓаните, го поминаа првиот собраниски филтер, изјави Тони Јаревски, пратеник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Станува збор за Законот за електронски комуникации, Законот за безбедност на мрежи и информациски системи, Законот за архивски материјал, како и Законот за електронски документи и електронска идентификација.
„Со ова, Собранието даде зелено светло за владата да ја направи најтемелната трансформација на односите, односно начинот на кој комуницираат граѓаните и државните органи. Со овие реформи, граѓаните ќе можат од својот дом да симнат и испечатат документи кои ќе имаат правна важност еднаква како оние издадени на шалтер, документи кои ќе содржат QR-код како безбедносен елемент и доказ за автентичност“, рече Јаревски.
Тој додаде дека се воспоставува и целосен инспекциски надзор над дигиталните услуги, со јасно утврдени 22 задолженија на инспекторите кои ќе дејствуваат под капата на новото Министерство за дигитализација односно за дигитална трансформација.
„Предвидените глоби за институциите што нема да ги прифатат дигиталните документи се јасен сигнал дека дигиталната реформа не е опција, туку обврска“, рече Јаревски.
Тој додаде дека ќе следи јавна расправа за овие закони со цел во овој, како што рече, сериозен државен зафат да се вклучи експертската и стручната јавност.
Македонија
Успешно изведени две трансплантации на коска од починат донор на Клиниката за ортопедски болести

На Клиниката за ортопедски болести успешно се изведени две сложени трансплантации на коска од починати донори, со што продолжува примената на современи и високоспецијализирани медицински интервенции во областа на ортопедија и трауматологија во нашата земја, соопштија од Министерството за здравство.
Во првиот случај, е извршена операција на коскена циста кај 45-годишен пациент. Интервенцијата ја спроведе стручен тим, во состав: проф. д-р Милан Самарџиски, доц. д-р Александар Трајановски, д-р Билјана Лазарова, специјализант по ортопедија, анестезиолог д-р Марина Темелковска, инструментарка с. Кристина Реџеп, помошник инструментар д-р Оливера Лазаревска, сестра анестетичар Гордана Захариева и болничарка Снежана Тодоровска.
Втората трансплантација беше изведена кај 65-годишна пациентка со дијагностициран гигантоцелуларен тумор на дисталниот дел од радиусот на десната подлактица. По претходно направена биопсија е заменето туморското ткиво со здраво коскено ткиво од донор. Интервенцијата ја водеше специјалист ортопед и супспецијалист трауматолог д-р Резеарт Далипи, заедно со тимот: д-р Маја Неделковска, специјалист ортопед, д-р Симона Карапанџевска, специјализант по ортопедија, д-р Искра Шојлевска–Јовановска, специјализант по ортопедија, анестезиолог д-р Јадранка Зафировска, анестетичар Мерита Рамадани, инструментарка Оливера Лазаревска, помошна инструментарка Сања Тодоровска, радиолошки техничар Силвана Стојковска и болничар Сејнур Идриз.
Двете интервенции се реализирани во соработка со д-р Милена Богојевска Доксевска, болнички координатор за ортопедија и одговорна за ткивната банка.
„Огромна благодарност до сите членови на тимовите вклучени во трансплантациите, како и до семејствата на донорите. Зајакнување на знаењата и вештините, следење на современите европски трендови и воведување нови методи во трансплантологијата, се нашиот постојан императив“, истакна проф. д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација.
Македонија
Утре започнува уписот во средно образование во учебната 2025-2026 година

Министерството за образование и наука потсетува дека утре започнуваат уписите во средните училишта во учебната 2025-2026 година. Пријавувањето е електронски и се спроведува преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk, каде учениците се најавуваат со сопствените кориснички сметки на schools.mk.
Првото пријавување трае од 14 до 17 јуни, а второто е на 30 јуни. Конечните ранг листи по двете пријавувања, училиштата ќе ги објават на 2 јули.
Како и во изминатите учебни години, учениците ќе треба да достават хартиени документи до училиштата, а се прават напори од следната година процесот целосно да се дигитализира, велат од МОН.
Конкурсот со слободни места е објавени на овој линк.