Македонија
Делегација предводена од директорот на БЈБ Тасевски во посета на Словенија
На покана од генералниот директор на полицијата на Република Словенија, во периодот од 15 до 17 февруари 2024 година, во официјална работна посета на Република Словенија престојува висока делегација од Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, предводена од д-р Сашо Тасевски, директор на Бирото за јавна безбедност.
Македонската делегација оствари поединечни средби со министерот за внатрешни работи на Република Словенија Боштјан Поклукар и генералниот директор на словенечката полиција Сенад Јушиќ. На средбите беше потврдено дека соработката меѓу Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Министерството за внатрешни работи на Република Словенија е на многу високо ниво, со постојан континуитет и во духот на традиционално добрите пријателски односи меѓу двете земји, извести МВР.
На средбата со министерот за внатрешни работи Поклукар, уште еднаш беше потврдена желбата за зајакнување на соработката на земјите од Западен Балкан во процесот на интеграција во Евро-атлантските организации како и решавање на отворените прашања преку неформални состаноци и отворен дијалог. Директорот Тасевски истакна дека македонската полиција, во изминатиот период, направи и спроведе големи реформи, и со гордост може да се позиционира и спореди со полициите во Европа.
На средбата со генералниот директор на словенечката полиција Јушиќ, директорот на Бирото за јавна безбедност Тасевски се заблагодари на одличната соработка која се остварува преку сите меѓународни и регионални канали на полициска соработка. Сето тоа придонесува за поефикасно координирање и спроведување на активностите со меѓународните криминалистички служби, во борбата против организираниот и другите видови сериозен криминал.
Во чест на македонската делегација, од страна на Министерството за внатрешни работи на Република Словенија беше изведена вежба на хеликоптерската и специјалната единица со презентација на нивните најнови методи и модерна технологија на користење на истите, се додава во соопштението на МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Подрачјето на Велес ќе биде зафатено од поројни врнежи, грмежи и засилен ветер
ЦУК информира, според известувањето на УХМР, дека подрачјето на Велес ќе биде зафатено од пообилни поројни врнежи со грмежи и засилен ветер.
Правец на движење на оваа нестабилна маса се предвидув дека е кон исток и североисток, додаваат од ЦУК.
Македонија
Министерството за животна средина отстапи движни ствари на повеќе општини, за потребите на училиштата вклучени во ГЛОБЕ програмата
Владата, на предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање, донесе одлука со којашто движни ствари во сопственост на министертството, се даваат на трајно на повеќе општини во државата, за потребите на повеќе основни училишта и тоа во Гевгелија, Неготино, Валандово, Битола, Прилеп, Тетово, Куманово, Пробиштип, Ранковце, Велес, како и на училишта во скопските општини: Центар и Карпош.
Целта е спроведување на ГЛОБЕ програмата во Република Северна Македонија, а Министерството за животна средина и просторно планирање, како што е посочено, е носител на активностите на ГЛОБЕ програмата и со владина одлука е задолжено да обезбеди хемикалии и инструменти за вршење на мерењата и да ги пренесе на користење на вклучените училишта во програмата.
Станува збор за движни ствари што ќе им бидат од полза на училиштата во спроведувањето на проектот, а коишто, по пат на јавна набавка ги обезбедило ресорното министерство.
Македонија
Одлука за учество на Армијата во НАТО операцијата „КФОР“ во Косово
Владата, на предлог на Министерството за одбрана, донесе Одлука за определување на бројот на кандидати кои се запишуваат на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“- Скопје, во студиската учебна 2024/2025 година, чие образование се финансира од Буџетот на Република Северна Македонија.
Со одлуката е определено, во студиската учебна 2024/2025 година да се запишат 44-ца студенти/питомци како редовни студенти, од кои 25-мина студенти/питомци за потребите на Министерството за одбрана – Армијата на Република Северна Македонија; како и тројца студенти/питомци за потребите на Војската на Црна Гора; шестмина студенти/питомци за потребите на вооружените сили на Босна и Херцеговина; петмина студенти за потребите на управување со кризи и петмина студенти за потребите на заштита и спасување.
Согласно Законот за Воената академија, како што е образложено од ресорното министерство, на Академијата можат да студираат и припадници на вооружените сили на странски држави и странски државјани.
Владата, на предлог на Министерството за одбрана, донесе и Одлука за испраќање припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово.