Македонија
Делницата Демир Капија – Давидово затворена за сообраќај поради асфалтирање

Поради асфалтирање, од денеска до 20 јули, делницата Демир Капија – Давидово ќе биде затворена за сообраќај во период од 10 до 16 часот.
Како што известува АМСМ, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во Козле, во „8 Септември“ или во странство ќе одат на рехабилитација пациентите со потешки повреди, кои следната недела ќе почнат да се враќаат

Во текот на оваа недела од лекување во странство најавено е дека ќе се враќаат пациентите што се целосно закрепнати, но од следната недела ќе почнат да се враќаат и оние со потешки повреди за кои ќе треба рехабилитација. Министерот за здравство Арбен Таравари вели дека разгледуваат повеќе можности за продолжување на нивното лекување по враќањето од болниците во кои беа прифатени за досегашниот третман.
„Оваа недела очекуваме полесните пациенти да се враќаат, тие што се рехабилитирани комплетно. За потешките пациенти ќе разговараме од идната недела. Имаме неколку опции, да го адаптираме ковид-центарот во ‘8 Септември’, Центарот за рехабилитација во Козле исто така е подготвен со повеќе кревети, меѓутоа имаме понуди и за надвор од државата за оние што би биле рехабилитирани подолгорочно, се разбира, без трошоци за државата. За тоа ќе зборуваме од идната недела кога ќе се најавуваат потешките пациенти“, рече министерот Таравари.
Тој утрово извести дека од вкупно 193 повредни во пожарот во дискотеката во Кочани, досега 93 пациенти закрепнаа и заминаа на домашно лекување, а во болниците кај нас и во странство се лекуваат уште 100 пациенти. Од нив, 20 се во болниците кај нас, а 80 сè уште се на лекување во странство.
Денес, за враќање дома се најавени двајца пациенти, еден од Полска и еден од Белгија.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Кога последен пат бил уапсен член на обезбедување на премиер?

„Разбираме дека после се што и направија на Македонија, тешко е СДС да ја сфати борбата против криминалот. Но, нема милост за криминогените, дали бил член на СДС, член на ВМРО-ДПМНЕ или обезбедување на премиерот. Законот за сите подеднакво ќе важи. Кога последен пат бил уапсен член на обезбедување на премиер? А ќе потсетиме дека Заев и СДС го имаа „Сашо ќе пукам“, потоа премиерски телохранител со потекло од струмичко, со по неколку пријави за тешко насилство, кои поминуваа нечепнати, ниту одговараа пред законот“, реагира ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ.
„Наместо да ја поздрават акцијата на МВР, да научат како државата мора да ги победува тие кои ја злоупотребуваат, СДС како дете на кое ништо не може да му се погоди само реагираат колку да кажат нешто, а во недостаток на автентична политика и конкретни и реални решенија. На СДС не му сметаше тоа што ДУИ владееше со улиците во Скопје и што заедно со мафијашките кланови, кои сега се зад решетки, хараа и уништуваа животи низ главниот град преку рекети, дрога, убиства, лихва, тогаш СДС молчеше и соработуваше со нив, но сега им смета тоа што се апсат сите кои несовесно се однесуваат со службата.
Вакво лицемерите ниту имало ниту ќе има. Токму затоа и поддршката на СДС е нецели седум проценти. Ако не апси МВР лица блиски до ВМРО-ДПМНЕ, тогаш СДС обвинува за селективност, ако апси МВР блиски до ВМРО-ДПМНЕ, тогаш СДС обвинува друго. Човек крај не може да им најде на овие луѓе. Но, тоа нема да не поколеба да водиме бескомпромисна борба против корупцијата и злоупотребите, што е рак рана на македонското општество и што како начин на однесување е сериозен проблем за институциите, надграден и усовршен од СДС и нивното последно 7 годишно владеење“, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
2.508 сообраќајни прекршоци во текот на продолжениот викенд: побргу од дозволеното возеле 959 луѓе, без возачка 234

Во текот на изминатите денови, односно во петокот и деновите од празничниот викенд во рамки на редовните сообраќајни контроли на територија на цела држава вкупно беа издадени 2.508 платни налози за сторени прекршоци како по основ на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, така и по основ на Законот за возила, извести МВР.
„Така, заради непрописно паркирање издадени се 425 платни налози, по основ на непочитување на пропишаната брзина на движење 959 прекршоци, а пак по основ на непоседување возачка дозвола регистрирани беа 234 прекршоци.
Исто така, евидентирани се 173 прекршоци заради неносење сигурносен појас, 50 прекршоци заради користење на мобилен телефон при возење, 14 возачи минале на црвено светло, а изречени се и 48 санкции за возење под дејство на алкохол.
По основ пак на Законот за возила во посочениот период од сообраќај се исклучени 74 возила од кои 24 заради техничка неисправност, а 50 заради тоа што биле нерегистрирани“, соопштуваат од МВР и додаваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.