Македонија
Делови од општините Илинден и Зелениково без струја

Без струја денеска ќе останат делови од Општините Илинден и Зелениково, информира Центарот за управување со кризи.
„Од ЕВН Македонија АД известуваат дека на ден 13.08.2025 година (среда) без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 15.00 часот корисниците на улица 27 Илинден (пат за Јурумлери) (општина Илинден)
· во периодот од 09.00 до 10.00 часот, дел од потрошувачите на улица 103 од новата населба Јака во Марино (општина Илинден)
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од ул.2, Зелениково, раскрсницата за село Вражале. (општина Зелениково)“, информира ЦУК.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Герасимовски чистеше со хигиеничарите на повеќе локации низ Центар: Се надевам дека градската власт ќе се свести

Синоќа, до доцна по полноќ, градоначалникот Горан Герасимовски заедно со екипите на општинските хигиеничари го расчистуваа натрупаниот смет околу контејнерите во повеќе локации во Центар, откако ЈП „Комунална хигиена“ и Градот Скопје повторно потфрлија и го оставија цело Скопје, не само Центар затрупано во смет.
„Да не дозволиме сето она што не го прави комуналното претпријатие и неговата негрижа да остане проблем на граѓаните, ние сме тука за заедно да ги решаваме проблемите. А сега продолжуваме сите заедно да го чистиме Центар поради негрижата на градот“, изјави Герасимовски на терен.
Герасимовски посочи дека акцијата продолжува динамично, со цел што побрзо да се нормализира состојбата.
„Продолжуваме на следна локација, вечерва колку што ќе стигнеме да исчистиме, да ги наполниме контејнерите. Сабајле продолжуваме заедно со хигиеничарите да ги средуваме другите населби, една по една. Сите контејнери се полни, и на булеварите. Центарци нема каде да се паркираат, и паркинг местата ги узурпирале со смет. Се надевам дека градската власт ќе се свести и од утре ќе си ги преземе одговорностите и ќе ни го направи почист градот. Ако тие не го направат тоа, нашите служби повторно ќе ја завршат работата на градот“, додаде Герасимовски.
Општина Центар информира дека општинските хигиеничари и во текот на денешниот ден продолжуваат со расчистување на сметот во сите населби.
Македонија
„На точак“: Идни градоначалници, доста беа лепенки! Време е за нова гума!

Под мотото „Идни градоначалници, доста беа лепенки! Време е за нова гума“, „На точак“ ќе ја вози 92. Критична маса, која ќе се одржи в среда, со почеток во 17:30 часот.
Од Плоштад Македонија во 17:30 часот, ќе тргне 92-рата по ред Критична маса во Скопје и ќе се упати по предвидената рута низ Аеродром и околу центарот до Градски парк.
Критична маса е интернационален настан, собир на велосипедистите и заедничко возење кој веќе 33 години се случува во светот, а 13 години во Скопје. Поентата е преку бројноста, голема група заедно (т.е.доволна критична маса) фактички и симболички „да го пробие патот“ на улиците и до свеста на сограѓаните и донесувачите на одлуки.
Оваа Критична маса се случува во пресрет на локалните избори со јасна порака до кандидатите за градоначалници: да понудат план за градот во кој велосипедистите и пешаците се дел од решението, а не жртви на хаотичниот автоцентричен сообраќај. „На Точак“ бара планирање и изградба на поврзана велосипедска мрежа, слободни тротоари, распространета зона 30, како и вистински јавен простор за сите – деца, родители со бебешки колички, лица со попреченост, повозрасни граѓани.
Покрај тоа, се бараат и системски решенија: јавен превоз со посебни ленти, современ систем за изнајмување точаци, повеќе зелени зони и мерки кои ќе ја намалат зависноста од автомобилите. „Сообраќајната хиерархија мора да се промени. Во град за луѓе, пешачењето, возењето велосипед и користењето јавен превоз се висококвалитетни опции, а автомобилот не е господар на улиците“ велат од групата.
На „Критичната маса“ се очекуваат стотици граѓани кои со своето присуство ќе покажат дека Скопје може да биде поубаво и похумано место.
Организаторите потсетуваат: секој вози на своја одговорност, а најважно е заедничкото испраќање на порака – дека половичните мерки („лепенките“) веќе не помагаат, време е за потемелна промена во Скопје.
Според нив има 2 избори: или ќе се избере поквалитетен, поздрав, поактивен, позелен град, избор за кој се потребни многу храбри одлуки и на почеток непопуларни мерки, но куп продобивки на крајот.
Или ќе се избере полесниот пат, со продолжување на автоцентричното статус-кво, без суштински промени, со презентирање некакви „лепенки“ дека нешто сработиле ситно тука и таму, со автомобили по тротоари, неразвиен јавен и велосипедски превоз, и лишување од сите придобивки.
„Ние го бираме првото и во тоа име и сите придобивки од вело-пријателскиот град Ве повикуваме да ни се придружите со своите велосипеди на Критична маса #92. Ѕрн – ѕрн!“
Македонија
„Влен“: Јавните прашања за Али Ахмети сè уште неодговорени!

„Селотејп коалицијата Таравари-Села-Ахмети, засрамена од поразот што ги очекува на 19 октомври, веќе се договори со анти-ЕУ и анти-НАТО партијата на Апасиев. Ова е најголемото демаскирање по 20 години ветувања за интеграција, денес тие стануваат партнери со Левица само за парче власт“, велат од „Влен“.
„Али Ахмети сè уште ѝ должи на јавноста одговори на јавните прашања: Зошто го толериравте градоначалникот на Липково да краде и да ги труе жителите со арсен? Зошто продолжувате да ги заштитувате луѓето прогласени за „нон грата“ од САД за корупција? Кога беше вашата последна средба со кој било релевантен меѓународен фактор?
Светот веќе знае кој е ДУИ. Само овие, со методите на оној што избега од правдата за корупција, мислат дека сè уште можат да ги измамат Албанците. Но, на 19 октомври, одговорот ќе биде јасен и заслужен“, соопштува „Влен“.