Македонија
Демири и Клисаровски: Бесплатен скрининг за 2.000 пациенти во ризик од хронично бубрежно заболување
Министерот за здравство, Илир Демири, и генералниот директор на „Дјиаверум“, Димитар Клисаровски, денеска информираа дека е обезбеден бесплатен скрининг за 2.000 пациенти во ризик од хронично бубрежно заболување.
„Како резултат на дел од заклучоците од Првата ренална академија, што се одржа во ноември минатата година на иницијатива на нашето Министерство и шведската амбасада, со цел подигнување на свесноста за бубрежното заболување и неговата рана превенција, заедно со дијализните провајдери ‘Дијаверум’ и ‘Нефроплус’ најавуваме почнување на проектот ‘Скрининг на популација во ризик од хронична бубрежна болест’. Скринингот почнува овој месец, ќе трае четири месеци и ќе опфати вкупно 2.000 пациенти во ризик на територијата на целата држава. Заедничките компетенции и ресурси од областа на бубрежното здравје ќе бидат на располагање за што поширок опфат, превенција и подостапна нега на популацијата, што всушност е дел од годинешното мото на Светскиот ден на бубрегот“, рече Демири.
Клисаровски потенцира дека финансиската реализација на проектот во целост е на здравствените установи „Дијаверум“ и „Нефроплус“, со што прегледите за пациентите ќе бидат бесплатни.
„Идејата за почнување ваков скрининг-проект постоеше од порано согледувајќи ја состојбата на пациентите што почнуваат со дијализа, при што во многу случаи пациентите не биле ни свесни дека имаат хронично бубрежно заболување сè до моментот на почетокот на дијализа, што е последниот стадиум на хроничното бубрежно заболување. Министерството за здравство, Управата за електронско здравство, ние – ‘Дијаверум’ и колегите од ‘Нефроплус’ се вложивме максимално зса да може да се изведе овој проект за бесплатен скрининг на популација во ризик од бубрежни заболувања достапна за пациентите“, изјави Клисаровски.
На граѓаните што се во ризик за развој на хронично бубрежно заболување ќе им се јават од страна на здравствените установи и ќе бидат повикани на бесплатен преглед. Скринингот ќе ги опфати следните градови: Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, Охрид, Дебар, Битола, Прилеп, Кавадарци, Велес, Железара, Визбегово, Делчево, Гевгелија, Штип, Кочани, Струмица, Куманово и Крива Паланка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На едно семејство со четири члена му биле потребни близу 1.100 евра за да го помине декември
Вредноста на синдикалната минимална кошница што ја пресметува Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) за декември годинава изнесува 65.492 денари и е за 319 денари зголемена во однос на минималната кошница за минатиот месец кога изнесуваше 65.173.
ССМ денеска информираше дека со изнајмен стан од 60 метри квадратни за декември синдикалната минимална кошница изнесува 80 .867 денари.
Според пресметките на ССМ, во декември за храна и пијалаци се потребни 23.640 денари, за Образование 7.159 денари, за Станарина, вода, електрична енергија, и греење 6.130 денари, Облека и обувки 5.875 денари, Транспорт 4.636 денари, Ресторани и хотели 4.131 денар, Комуникации 3.417, Лична хигиена и оддржување на хигиена во домот 2.620 денари.
Заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески на 17-ти месецов најави дека од 1 јануари освен што синдикатите ќе ја пресметуваат минималната потрошувачка кошничка и тие како Влада ќе прават пресметка за просечна потрошувачка кошничка, која ќе биде за најмалку четиричлено семејство. На оваа тема ќе се разговара на Економско –социјалниот совет, кој е закажан на 22 декември (понеделнк).
– Ќе бидат земени параметри од најголемите маркети во Македонија, ќе бидат земени параметри од страна на основните прехранбени производи, за се она што е потребно за еден просечен живот, за едно просечно македонско семејство. Исто така ќе бидат земени и од различни региони и најчесто овошјето и зеленчукот ќе биде земен она коешто е карактеристично за периодот, кога се пресметува во текот на годината, изјави Ристески.
Македонија
Боки 13 ја вознемирувал Русковска, таа го пријави во полиција
Поранешната обвинителка Вилма Русковска поднела пријава до полицијата против Бојан Јовановски – Боки 13 за телефонско вознемирување.
Според пријавата, инцидентот се случил вечерта на 18 декември 2025 година, кога Јовановски, додека бил во живо вклучување на „Јутуб“, повеќепати телефонски ја контактирал Русковска, и покрај нејзиното одбивање на повиците.
Од снимката што циркулира на социјалните мрежи може да се види дека разговорот бил проследен со навредливи и вознемирувачки изјави од страна на Јовановски. Русковска во еден момент го предупредила дека доколку продолжи со повиците, ќе го пријави во полиција, по што повиците сепак продолжиле.
Од Министерството за внатрешни работи за медиумите ја потврдија пријавата и информираа дека работат на расчистување на случајот.
Македонија
Пратеникот Јанчев кој имаше сообраќајка во која загина тинејџер доби обвинение, свртел на место каде не смеел
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против Сашко Јанчев, пратеник од партијата Левица, за кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, согласно член 300 став 4, во врска со член 297 став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Обвинението се однесува на тешката сообраќајна несреќа што се случи на 14 септември, по полноќ, во скопското село Марино, во која животот го загуби 16-годишниот Матеј Димовски, а неговата 13-годишна сопатничка беше тешко повредена.
Според Обвинителството, по спроведена истражна постапка, обезбедени се сите релевантни докази и извршени се соодветни вештачења со кои се утврдени причините за несреќата.
Обвинетиот управувал патничко возило „Хјундаи Тусон“, при што не се придржувал до сообраќајните прописи и со своето однесување го загрозил јавниот сообраќај и безбедноста на учесниците.
„Осомничениот непрописно свртел со возилото, без претходно да се увери дека маневарот може да го изврши без да ги загрози другите учесници во сообраќајот“, наведува Обвинителството.
Во тој момент, во возилото удрил мотоцикл марка „Јијинг“, без регистарски ознаки и без вградени светлосни уреди, со кој управувал починатиот 16-годишник. Според официјалните наводи, мотоциклистот немал возачка дозвола, а ниту тој ниту неговата сопатничка не носеле заштитни кациги.
Како последица на тешките повреди здобиени во сообраќајната несреќа, малолетниот возач на мотоциклот починал, додека девојчето кое било сопатник се здобило со тешки телесни повреди.

