Македонија
Демири: Наша цел е секој пациент со ретка болест да има достапен лек
Министерот за здравство, д-р Илир Демири, денеска учествуваше на панел-дискусијата посветена на Денот на ретките болести во организација на Националната алијанса за ретки болести.
Во своето излагање Демири потенцира дека во 2009 година буџетот за ретките болести изнесувал околу 25 милиони денари, а денеска изнесува 950 милиони денари.
„Ако правиме математички компарација, во 2009 година првите инвестиции за ретките болести биле некаде околу 25 милиони денари, а денеска се 950 милиони денари. Дали сме задоволни? Не сме со тоа што е постигнато затоа што таргет на Министерство за здравство ќе биде покривање на секој пациент што има потреба од лек во категоријата ретки болести“, рече Демири.
Демири истакна дека ја поддржува националната стратегија, која бргу ќе почне да се имплементира.

„Ја поддржувам националната стратегија и се гордеам со вашиот ангажман, бргу ќе почне да се имплементира тоа. Во системот ‘Мој термин’ програмата што е направена за евиденција и следење ќе продолжи да се надградува и да има некаков ред. Ова што го кажувам важи и за ретките болести со посебен осврт на категоријата болни од цистична фиброза и таму има доста напредок. Таргет ми е годинава, со тие средствата што ги има обезбедено Владата, да ја зголемиме бројката на пациенти што ќе се вклучуваат на терапија, со намера и цел секој пациент кој е со цистична фиброза да добие лек кога му треба, а не да има листа на чекање. И се надевам дека ќе има ваков напредок“, изјави Демири.
Лани, се воведоа шест нови леа за 16 пациенти, а годинава се воведуваат 4. Почнат е процес на подготовка на протоколи за лекување на лицата со ретки болести, кој е во тек и набргу се очекува финализирање на дел од протоколите.
Министерството за здравство е секогаш отворено, транспарентно и останува посветено на решавање на потребите на сите пациенти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче: Законот за високо образование е катастрофално лош, воведува владина контрола врз универзитетите
Сметаме дека предложените измени на Законот за високо образование се катастрофално лоши и наместо унапредување на квалитетот тие воведуваат владина контрола врз универзитетите, образовен тоталитаризам, создаваат дискриминација кај младите, ја рушат автономијата на универзитетите, отвораат врата за партизација и креираат системски и социјални неправди, изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
Со една реченица, додаде тој, класична вмровска работа на партизација и контрола на секој еден од секторите во државата.
„Прво во однос на владината контрола на универзитетите и рушење на автономијата. Со овие предложени измени брутално се централизира моќта кај министерот односно кај владата и со тоа се нарушува автономијата на универзитетите. Преку членовите од 198, 199 201 министерот станува најмоќна фигура во високото образование, со можност да укинува одлуки на универзитетски органи. Наместо координатор, министерот станува наредбодавец и една форма на апсолутен владетел. Членот 13 наместо да ја штити институционалната независност отвара механизам за директна контрола од извршната власт. Ова е спротивно на европските стандарди и принципите на институционална автономија. Универзитетите не смеат да бидат продолжена рака на владата“, рече Филипче.
Според него, со законот се врши и дискриминација на младите и партизација на кадарот.
„Тоа што законот го нуди на некој начин е гробница за младите асистенти, додека внимавајте создава привилегии за веќе пензионирани професори. Член 175 практично создава неправичен систем кој ги деградира младите кадри, а им овозможува продолжено влијание на веќе пензионирани професори. Додека младите наставници и асистенти се соочуваат со рестрикции, автоматски исклучување и несигурност, пензионирани професори добиваат право да предаваат и да користат институционални ресурси“, рече Филипче.
Според лидерот на СДСМ, практично се нуди закон во којшто науката станува луксуз само за богатите поради тоа што се наметнуваат строги критериуми за публикации со инпакт фактор, без државата да обезбеди стабилно финансирање на науката, фондови за објавување, истражувачка инфраструктура и институционална поддршка притоа квалитетот се сведува само на бројки.
Филипче, исто така, вели дека со законот скандалозно се воведува сопственичка дискриминација и монопол на јавните универзитети над приватните што е спротивно и на Уставот и на европската практика.
„Член 132 став 10, се забранува приватните универзитети да образуваат кадри во клучни области медицина, право, архитектура иако овие факултети со децении наназад некои нив имаат валидни акредитации добиени од државата. Станува збор за факултети кои што вработуваат професори, друг наставен научен кадар, кои што едуцираат студенти. Во овој момент има на раководни функции во државата луѓе кои што имаат дипломи од тие универзитети. Се поставува прашањето зошто се сака така брутално на тие универзитети односно факултети да им се одземат акредитациите и да се затворот“, рече Филипче.
Според лидерот на СДСМ, законот задава удар врз интердисциплинарноста и доживотното учење.
„Членовите 116-122-123 се ограничува упис на магистерски, докторски студии само на исто или сродно подрачје според статистички кодови, со што се убива можноста за промена на кариерата. И додека светот се спојува се формираат нови струки, тие еволуираат оваа власт ги сече врските помеѓу науките и со тоа се губи можноста луѓето да се доквалификуваат“, рече Филипче.
Тој вели и дека докторските студии стануваат привилегија. „Барањата за докторски студии се поставени без реална проценка на времето и на трошоците. Докторатот практично останува скап премногу и недостапен и тоа ќе доведе до една неминовност младите повторно да заминуваат да ги прават тие научно истражувачки активности и истражување во странство“, рече тој.
Последна точка којашто ја спомена е забраната за вонредни студии, за што смета дека е една форма на дискриминација.
„Вонредните студии да се забранат е практично социјално неправедна и родово дискриминаторска пракса, затоа што се ограничува пристапот со оваа забрана до образование на вработени лица, возрасни студенти, лица со семејни обврски. Сметам дека ова ќе има сериозен ефект во родовиот контекст, бидејќи непропорционално и погодува и жените во образовниот сектор. Член 27 став 6 забрана на вонредни студии за наставнички професии директно се погодуваат жените кои треба да ги усогласат семејните обврски со професионалниот развој“, рече Филипче.
Тој апелира овој закон да не се поднесува со Собрание и смета дека е потребна негова модификација.
Македонија
Протест во Крива Паланка поради неконтролираното движење на говеда и нанесувањето штети врз приватни имоти
На 26 февруари ќе се одржи мирен протест поради неконтролираното движење на говеда и нанесувањето штети врз приватни имоти и земјоделски површини на територијата на Општина Крива Паланка.
Од Општината информираат дека спроведените инспекциски надзори од страна на Агенција за храна и ветеринарство резултирале со констатирани прекршувања на прописите за заштита и благосостојба на животните, како и непочитување на претходно наложените мерки. Од таму велат дека донесените решенија се правосилни и задолжителни за извршување и нивното спроведување не смее да биде доведено во прашање.
„Непочитувањето на институционалните одлуки и продолжувањето на постапки спротивни на закон претставува сериозен преседан што директно ја загрозува безбедноста на граѓаните, имотните права и јавниот ред и стабилноста во локалната заедница. Целосното и неодложно спроведување на донесените решенија не е прашање на избор, туку законска обврска“, велат од Општината.
Од таму додаваат дека до нив и понатаму пристигнуваат бројни поплаки и жалби од жителите на месните заедници од селата Дрење, Добровница, Киселица, Голема Црцорија, Трново, Враовиште, Узем, Кркља, Костур, Дурачка Река, Кошари и други околни населени места. Во нив се укажува на уништување на земјоделски култури, пластеници, насади и приватен имот, како и на перцепирано загрозување на безбедноста и зголемени тензии во локалната заедница.
„Општината ја разбира загриженоста на граѓаните и го почитува нивното уставно право на мирно изразување на ставови. Во таа насока, дел од граѓаните најавија организирање мирен протест на 26.02.2026 година, со цел да се укаже на нивната загриженост и да се побара целосно, доследно и навремено спроведување на донесените институционални одлуки. Истовремено, се нагласува потребата за одговорно и законско однесување, со цел решавање на ситуацијата во интерес на сите страни и обезбедување стабилност, безбедност и правна сигурност во локалната заедница. Општина Крива Паланка, заедно со претставниците на 16 месни заедници на својата територија, активно ги следи настаните и ќе преземе сите мерки во рамки на своите надлежности за заштита на јавниот интерес“, се наведува во соопштението од Општина Крива Паланка и Претставниците на 16 месни заедници на територијата на Општина Крива Паланка.
Македонија
Мобилните царински тимови лани реализирале 271 заплена и спречиле 28 кривични дела
Мобилните царински тимови во текот на минатата година оствариле 271 случај на заплени, при што во 39 случаи запленети се 5.500 штеки цигари и 27,5 килограми тутун за наргиле, во четири случаи запленети се 195,5 килограми дрога, во 14 случаи запленети се 230 илјади евра, а запленети се и над 39 илјади парчиња лекови. Воедно, постигнат е значителен напредок за заштита на правата од интелектуална сопственост, при што во 39 случаи запленети се над 112 илјади парчиња производи со потпис на познати трговски марки.
Извршени се над осум илјади прегледи на возила при што спречени се 28 кривични дела, како и прекршочни дела во кои утврдените избегнати давачки изнесуваат осум милиони денари.
Постапувано е и по 30 барања за асистенција, при што во последен случај со помош на царинско куче од К9 единицата пронајдени се 10 килограми кокаин.
Мобилните царински тимови учествуваа и во три поголеми меѓународни акции – Shield VI, Stop IV, и ARMSTRONG XI. Станува збор за меѓународни акции чија цел е спречување на нелегална трговија со фалсификувани лекови и анаболици и заштита на правата на интелектуална сопственост преку спречување нелегална трговија со фалсификувани стоки, како и спречување на обиди за тероризам.

