Македонија
Демократскиот сојуз: ДУИ блефира со оставките, за почеток нека се повлече Османи
Критики за надворешната политика што ја води земјата упатија од партијата Демократски сојуз на Павле Трајанов, од каде што, по најавените оставки на министрите од ДУИ, порачаа дека за почеток треба да се повлече министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Од Демократскиот сојуз велат дека ДУИ заедно со Маричиќ и Ковачевски ја води надворешната политика, која ги загрози евроинтеграциите со прифаќање на неоснованите барања на Бугарија и нивно вградување во преговарачката рамка, особено за промената на Уставот, а притоа без да бидат направени пошироки консултации.
„За почеток, од функцијата треба да се повлече Бујар Османи, кој со своите одлуки директно ги загрози националните интереси на Македонците, но и на другите граѓани, а ги загрози и европските перспективи на Македонија“, истакнаа од партијата.
Сметаат дека оваа Влада нема поддршка од граѓаните, ниту од мнозинството во парламентот, поради што неопходни се избори како демократски чин за промена на власта.
Демократскиот сојуз предупреди дека најавата за оставки на министрите од ДУИ е класичен, но и препознатлив блеф. Според нив, ДУИ е најодговорна за криминализацијата на државата, блокадата на реформите на судскиот систем, огромниот број промашени капитални инвестиции, како и колапсот на државните институции. Поради овие причини, Демократскиот сојуз смета дека ДУИ треба да се повлече од власта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Почна постапката за воведување директна авиолинија со Саудиска Арабија
Министерството за транспорт ја започна постапката за склучување на Спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арбија, информира министерот, Александар Николоски.
Тој вели дека целта на Спогодбата е воспоставување на правна рамка што ќе овозможи отворање на редовни авиолинии меѓу Македонија и Саудиска Арабија и потенцира дека досега меѓу двете држави не се одржувал воздушен сообраќај.
„Со Спогодбата се создаваат либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, преку поттикнување на конкуренција, пониски цени за патниците, како и можност за воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, Спогодбата гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај во согласност со меѓународните стандарди“, вели Николоски.
Тој додава дека се очекува со воспоставувањето на редовни авиолинии меѓу двете земји да придонесе за зголемување на економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи.
Николоски најави дека Министерството за транспорт во следниот период ќе ги преземе сите неопходни активности за започнување на официјалните процедури за регулирање на воздушниот сообраќај, согласно националните прописи и меѓународните стандарди во областа на цивилното воздухопловство.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
Македонија
(Фото) Силниот ветер откорна покрив во училиште во Гевгелија
Преку Единствениот број за итни повици 112 е примена пријава дека поради силен ветер летнала лимената конструкција од покривот на основното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според информациите, нема повредени лица. Побарана е интервенција од службени лица од МВР, како и од надлежните институции.

Силниот ветер направи проблеми и во Скопје. На шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили.
За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.

