Македонија
Демократски сојуз: Македонија треба да оди напред

Време е македонскиот народ и сите граѓани на Македонија, добро да размислат и само со рационално и разумно однесување можат да ја зграпчат историската шанса за приклучување кон европските вредности и стандарди. Ова се вели во соопштението на Демократскиот сојуз.
„Повеќе од дваесет и пет години по сите параметри заостануваме зад сите други европски држави, се гушиме во криминал и беда, а младите заминуваат на запад. Треба да протестираме за да владее правото, за социјална правда, за конфискација на криминално стекнатиот капитал, за подобар живот. Но најмногу од се треба да ставиме крај на манипулациите дека ако ги блокираме евроатланските процеси Македонија ќе биде Швајцарија на Балканот“, смета политичката партија.
Тие велат дек не е време за триумфализам, ниту кај нас ниту кај соседите, бидејќи компромисот е договор со кој сите по нешто губат, но и добиват.
„Македонија ја јакне својата државност, јазик и национален идентитет и отвора перспектива за сите граѓани. Сигурни сме дека оваа шанса нема да ја прокоцкаме“, се вели во соопштението на Демократскиот сојуз.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Марковски како кандидат за градоначалник на Скопје: Градот е во агонија

Граѓанската платформа „Независни заедно“ на денешниот промотивен настан, официјално ја објави кандидатурата на деканот на Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, професор д-р Горан Марковски, за градоначалник на Град Скопје на претстојните локални избори.
Промоцијата ја отвори Јана Белчева Андреевска, кандидатка за советничка за град Скопје која истакна дека по години гледање како се нижат проблеми, се губат и запустуваат јавни простори и јавни објекти, како горат и исчезнуваат пред наши очи објекти со вредност и значење, има шанса за промена.
„Скопје е во агонија. Му е потребна визија ослободена од корупција, култура наместо популизам, стандарди наместо импровизации. Оваа моја кандидатура е повик за заедничка борба за град кој ќе им служи на граѓаните, а не на тесни интереси“, истакна Марковски.
Посочи дека Скопје денес се соочува со сериозни предизвици – загаденост, урбан хаос и изгубен идентитет – и нагласи дека потребни се нови решенија кои ќе донесат надеж, особено за младите.
„Го започнувам овој пат од Камениот мост – симболот на поврзување и заедништво. Убеден сум дека со широка граѓанска поддршка можеме да изградиме град кој ќе биде вистински европски дом, место на кое ќе се гордеат сите скопјани“, додаде тој.
Од „Независни заедно“ порачаа дека Марковски е личност со докажан професионален интегритет и долгогодишно искуство, кој зад себе има голем број реализирани проекти и генерации воспитани инженери. „Време е Скопје да го водат стручни лица со храбро лидерство и визија за поубав град по мерка на човекот,“ велат од платформата.
Марковски подвлече дека Скопје мора повторно да стане симбол на заедништво и поврзување, а вистинската промена може да се постигне единствено преку активни граѓани и независни личности кои ќе изградат силни институции и здрава демократија.
„Независни заедно“ е широка граѓанска платформа која ги обединува независните советници и локални иницијативи од неколку скопски општини-„Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 389“. Покрај град Скопје, платформата веќе објави дека цели на победа во општина Центар каде ќе ја поддржи кандидатурата на истакнатата антикорупционерка Билјана Ивановска. „Независни заедно“ произлезе како одговор на разочараноста од традиционалните политички партии и има за цел да ја врати локалната власт во рацете на граѓаните. Платформата ги повикува сите скопјани, поединци и групи, да се приклучат и заеднички да изградат нов модел на управување – чесен, стручен, транспарентен и посветен на јавниот интерес. „Само заедно можеме да му дадеме шанса на Скопје да стане град по мерка на човекот,“ појаснуваат од платформата.
Македонија
Лефков до Апасиев: Димче не е тоа што беше, го расипаа кешот и квадратите деловен простор

И Димче не е тоа што беше. Разбирам дека вистината боли, па затоа Апасиев наместо да одговори на фактите – бега во навреди, напиша на социјалните мрежи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, обраќајќи се до лидерот на Левица, Димитар Апасиев.
Суштината е јасна, додава Лефков.
„Не може да си политичар кој јавно е против ЕУ, кој секојдневно зборува дека ‘глобалистите и амбасадите’ ја корумпираат македонската политика, да држиш анти ЕУ став, а истовремено твојата најблиска фамилија да користи европски пари од Еразмус програмите.
Јас сум член на Комисијата за европски прашања и цел претходен мандат активно се спротивставував на злоупотребите на СДСМ и ДУИ со европските фондови. Ама сега ми е јасно зошто еден цел мандат додека Таљо преку Арбер ја злоупотребуваше комисијата Димче го немаше на ниту една комисија-во тоа време активно си користеле ЕУ финансии по дома!
Денес по веста за ЕУ финансирањето, со цел да ме омаловажи, самопрогласениот Енвер Хоџа на интернет подземјето, ја мобилизираше својата троловска армија со лаги и клевети. Но вистината е една – разобличен е до даска.
И нема лутење јавноста има право да праша:
– Кој му го среди станот по цена што обичен граѓанин никогаш не може да ја добие?
– Кој му ги плаќа одморите низ Европа додека глуми анти-ЕУ револуционер?
– Кој друг, освен тој и Артан Груби, успеа да добие дуќан по таква цена во центар“, прашува Лефков.
Такви двојни стандарди, како што оценува, не се политика, туку како што вели, тоа е лицемерие на квадрат.
Не можеш, додава лефков, да ја плукаш Европа да кажуваш приказни за имеријалистички сили, а да живееш од европски пари.
„Не можеш да проповедаш морал, а да бидеш шеф на троловско подземје што фабрикува лаги за политички противници.
Разобличен си лажго кој нарачува најдолни клевети ама нема лутење, толку ти е силна желбата да ме наклеветиш што изгледаш очајно, порано беше по креативен, те расипаа квадратите деловен простор и кешот другар“, пишува Лефков.
Македонија
(Видео) Герасимовски на советничката листа ќе стави претставник од граѓанските организации, побара тие да предложат име

Градоначалникот Горан Герасимовски, на средбата со претставници од граѓанските организации, побара од нив да предложат кандидат за советник кој ќе ги застапува нивните права и интереси во идниот општински совет.
„Одиме чекор напред, од вас, но и од други групи на граѓани да побараме предлози за да направиме една советничка листа којашто нема да биде само партиска, туку ќе биде и граѓанска. Сакаме да вклучиме што повеќе луѓе од различни позиции, од невладини организации, од здруженија, за да дадат свој допринос во начинот на функционирање и креирање на политиките на општината, се со цел подобрување на условите за живот на нашите граѓани“, рече Герасимовски.
Герасимовски истакнува дека Општината покажала треба да биде на граѓаните, а не на политичките партии.
Тој потенцира дека Советот функционира одлично и се прифаќаат сите предлози и идеи кои се во интерес на центарци.
„Покажавме дека општината треба да биде на граѓаните, а не на политичките партии. Во советот функционираме одлично без разлика на советничките групи, од која политичка партија доаѓаат. Сите оние добри проекти без разлика од кого потекнуваат, преку буџетските форуми преку анкетите, преку многуте дискусии и состаноци кои ги имаме ги прифаќаме без разлика од кого доаѓаат“, вели Герасимовски.