Македонија
Демократски сојуз: Парламентот на Бугарија го бугаризира и Илинден
Наместо подобрување на односите, Бугарија со смислена провокација пред Илинден, националниот празник на Македонците и Македонската држава, со резолуција сака да го бугаризира Илинден, соопшти денес Демократски сојуз.
Во услови кога ДУИ и СДСМ започнаа постапка за уставни промени, со цел Бугарите да бидат внесени во Уставот на Македонија, Движењето за промени на Кирил Петков (наводниот демократ), тргна по патот на Каракачанов, предлагајќи Бугарскиот Парламент да донесе Декларација со која Илинденското востание ќе го прогласи за бугарско, коментираат од партијата.
-Оваа Декларација покажува дека уставните промени нема да го отворат европскиот пат за Македонија, туку ќе се искористат за поагресивна антимакедонска кампања, негирање на македонскиот народ, јазик, историја и култура. Македонската дипломатија предводена од ДУИ, ги загрозува нашите национални и државни интереси, поради што се неопходни коренити кадровски промени. И покрај очигледните анационални активности, криминалот, блокада на институциите, огромно незадоволство на граѓаните, СДСМ не трепнува, за сѐ ги обвинува тие што пред седум години биле на власт, но не им сметаше со дел од нив да прават бизнис коалиции, велат од ДС.
Демократски сојуз изјавува дека без реципроцитет, уставни промени нема да има и додава дека само со признавање на правото на здружување на Македонците во Бугарија, можно е да очекуваме промени на подобро, а на СДСМ ѝ порачуваат дека треба да ги преспита своите ставови, дали ќе оди на предвремени избори или и натаму ќе го одржува ДУИ на власт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пендаровски ја напушти Вила Водно, им се заблагодари на граѓаните и соработниците
Експретседателот на државата, Стево Пендаровски, чијшто мандат заврши денес, преку социјалните мрежи упати благодарност до граѓаните и своите соработници.
„Благодарност до сите граѓани за укажаната доверба и на сите соработници со кои заеднички работевме во изминатите пет години“, напиша Пендаровски.
Претходно тој во Вила Водно ја пречека новата претседателка Гордана Силјановска-Давкова, пришто свечено и’ ја предаде функцијата, а и’ ja честита и победата.
Пендаровски беше петтиот претседател од осамостојувањето на државата, а функцијата ја презеде во 2019 година од дотогашниот претседател, Ѓорге Иванов.
По престанокот на функцијата, на секој претседател му следат низа на доживотни бенефиции. Според Законот за правата на претседателот и неговото семејство по престанок на функцијата, претседателот има право на пензија чиј износ е еднаков со износот на платата што ја прима претседателот на државата, има право на канцелариски простор и најмногу три соработници. Има и право на лично обезбедување, како и право на користење службено возило и возач.
Пендаровски неодамна изјави дека по завршувањето на мандатот нема да бара претседателска пензија, ниту пак средства за отворање на канцеларија, туку ќе се врати на работното место професор.
Македонија
ДУИ велат дека Силјановска го прекршила Уставот, за „Влен“ тоа што заклетвата е потпишана со уставното име значи дека ја прифатила реалноста
Шефот на пратеничката група на ДУИ Арбер Адеми рече дека претседателката, Гордана Силјановска Давкова, го прекршила Уставот при положувањето на нејзината заклетва со тоа што не ја спомена Северна Македонија. И’ замери на Силјановска-Давковска и што повикала на единство, а спомнала само двајца лидери на партии, додека тоа што во нејзиното обраќање се осврна на жените во политиката, за Адеми личело како говор за Осми март.
„Силјановска го згази Уставот уште на прва реченица неспоменувајќи Република, ниту Република Северна Македонија, со сите импликации кои ги има тоа“, изјави Адеми, кој очекувал новата претседателка да се осврне во обраќањето на евроинтеграцискиот процес на земјата и нејзините предизвици, членството во НАТО, меѓуетничките односи, договорите со Грција и Бугарија.
Оцени дека создала криза меѓу Македонија и Грција уште во првото обраќање, а рече и дека кога веќе споменувала жени кои и честитале, ја изоставила честитката од претседателката на Косово, Вјоса Османи.
Реагираа и од колицијата на албаснкиот политички блок во земјата „Вреди“ (Влен). Од тука пак, изразија загриженост, коментирајќи дека емоциите од кампањата влијаат на рационалноста. Велат дека имаат разбирање за чувствата на македонскиот народ, но нема втора шанса за прв впечаток за новата шефица на државата.
Од неа, како што додава „Влен“, се очекува да биде пример за почитување на Уставот, особено со оглед на тоа што станува збор за професорка по Уставно право.
„Не ни треба отворање на старите рани. Добро е што Силјановска ја потпиша заклетвата со уставното име, што сепак е знак дека реалноста де факто е прифатена од неа“, велат од „Влен“.
Претходно денес, новоизбраната претседателка Гордана Силјановска-Давкова, положи заклетва за претседател во која го употреби името Македонија, што предизвика реакции во Грција, а грчката амбасадорка демонстративно ја напушти пленарната сала во Собранието. Грчкото МНР излезе со остра реакција, коментирајќи дека се прекршува договорот од Преспа. ЕУ повика на почитување на договорите кои, како што велат, се неопходни за продолжување по патот во Европската Унија.
Македонија
За Шарл Мишел е разочарувачки што Давкова не кажала Северна Македонија за време на заклетвата
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, вели дека е многу разочарувачки што новата претседателка на Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, не го употребила уставното име на државата при денешната свечена заклетва.
„Многу е разочарувачки што новиот претседател на Северна Македонија не го употреби уставното име на државата при денешната свечена заклетва. ЕУ потсетува на важноста од континуирано спроведување на правно обврзувачките договори, вклучувајќи го и договорот од Преспа со Грција“, напиша Мишел на социјалната мрежа „Икс“, кој претходно во друг пост упати честитка до Давкова и нагласи дека иднината на Северна Македонија и Западен Балкан е во ЕУ.
Very disappointing that the new President of North Macedonia @gogamkd did not use the constitutional name of the country during today’s oath ceremony.
The EU recalls the importance of continued implementation of legally binding agreements, including Prespa agreement with Greece.— Charles Michel (@CharlesMichel) May 12, 2024
Слична беше и реакцијата на претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен, која преку објава на социјалната мрежа „Икс“ порача дека почитувањето на Договорот од Преспа е обврзувачки за земјата да го продолжи патот кон Европската Унија.
Претходно денес, новоизбраната претседателка Гордана Силјановска-Давкова, положи заклетва за претседател во која го употреби името Македонија, што предизвика реакции во Грција, а грчката амбасадорка демонстративно ја напушти пленарната сала во Собранието. Грчкото МНР излезе со остра реакција, коментирајќи дека се прекршува договорот од Преспа.