Македонија
Демократски сојуз: Судот да ја смени срамната одлука за новинарите што известуваа на 27 aприл
Демократскиот сојуз е загрижен поради одлуката на Основниот граѓански суд во Скопје да им ги одбие тужбите на новинарите кои известуваа од организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година.
Од партијата велат дека наместо да ги заштити правата на новинарите слободно и непречено да известуваат од важни настани, судот со оваа пресуда директно ја повредува слободата на изразување и информирање, одбивајќи да прифати дека таа беше флагрантно загрозена во текот на физичкиот упад на демонстрантите во Собранието.
Демократскиот сојуз смета дека е апсурдно судот да бара од новинарите да докажат дека во Собранието упадна толпа демонстранти која физички им се закануваше на пратениците, политичките претставници и новинарите, односно дека на 27 април имало организирано демонстрации пред Собранието.
„Благодарение токму на ТВ-снимките и известувањето на новинарите од овие настани, целата македонска јавност можеше да го види тоа, вклучително и докази дека новинарите беа физички загрозени и спречени да известуваат. Судот дополнително ги дискриминира новинарите со тоа што од нив бара да докажат нешто што претходно кривичниот суд веќе го има утврдено во процесот против учесниците во упадот во Собранието, кои се осудени на затворски казни поради физичкиот напад врз пратеници и високи политички функционери. Тоа што новинарите успеале да спасат жива глава и немале физички повреди е срамен изговор судот да го одбие нивното барање за утврдување штета. Известувањето на новинарите од овој настан и психичките трауми кои тие ги доживеаја заслужуваат највисока почит, дотолку повеќе што нивната работа е од исклучителна важност за информирањето на граѓаните и за демократијата во Македонија“, велат од ДС.
Демократскиот сојуз очекува Апелацискиот суд да ја преиначи оваа скандалозна одлука и го повикува Судскиот совет да покрене постапка против судијата кој очигледно одбил правилно да ја утврди фактичката состојба. Само така, велат од Демократскиот сојуз, граѓаните ќе бидат сигурни дека новинарите ќе можат непречено и слободно да информираат, без физички да бидат загрозени и само така ќе може да се врати вербата во одговорно и професионално судство кое треба да биде вистински заштитник на демократијата и слободата на изразувањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.
Македонија
Бугарија го ратификуваше договорот за тунелот на Коридор 8 – отворање на нова железничка врска Скопје-Софија
Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил.
„Денес Народното Собрание на Република Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8.
Овој Договор во декември беше ратификуван и во Македонското Собрание.
Со ова се исполнети сите услови за доиадбзгра на железничкото поврзување помеѓу Скопје и Софија и Бургас.
Горд сум што овој Договор кој го потпишавме на 6ти Ноември со заменик претседателот на Владата на Бугарија Гроздан Караџов ќе значи поблиски економски врски помеѓу двете држави и двата народи, но покажува и силна посветеност на Македонија во реализација на Коридор 8 кој е исклучително значаен безбедносен коридор од висок интерес на НАТО и нашите стратешки партнери.
Паралелно го развиваме и Коридор 10 и Македонија ја правиме вистинска раскрсница на Балканот за добробит на сите македонски граѓани.
Продолжуваме да работиме“, напиша Николоски.

