Македонија
Демократско Движење: ДУИ ги дискриминира тетовчани со 100 милиони евра во здравството
„Веќе подолго време ние го креваме гласот за дискриминацијата што ни се прави на нас Албанците во секое поле од страна на оваа корумпирана власт во заминување, која го задушува граѓанинот повеќе од 20 години и станува неподнослива“, вели Реџеп Мемеди од Демократското Движење.
„Денеска во фокус ни е здравството, каде дискриминацијата кон Албанците е во алармантни размери, а ова најдобро ќе го отсликуваме со конкретни бројки за 2022 година.
Така во 2022 година Фондот за здравствено осигурување за Клиничката Болница Штип издвоил 12.137 денари по глава на осигуреник, за Клиниката Болница Битола 9.608 денари, додека за Клиничката Болница Тетово издвојил само 4.599 денари по глава на осигуреник.
Очигледна е и разликата во средствата издвоени за здравствените домови. Пример, ФЗО за Здравствен Дом Кратово доделил 6.178 денари по глава на осигуреник, додека за Здравствен Дом Тетово само 890 денари. Значи 7 пати повеќе земаат жителите на Кратово во однос на жителите од Тетово“, изјави Реџеп Мемеди од Демократското Движење.

„Воопшто не е поинаку распределбата на средствата по Центрите за јавно здравје. Така на пример, на ЦЈЗ во Битола му се доделени 742 денари по глава на осигуреник, додека на ЦЈЗ во Тетово само 290 денари.
Само за илустрација, ФЗО предводен од кадар на ДУИ кој доаѓа од Тетово, ги дискриминира граѓаните од Тетово кумулативно со повеќе од 25 милиони евра помалку средства само во 2022 година.
Затоа, без двоумење може да се констатира дека во периодот 2019-2022 Албанците се оштетени во полето на здравството со минус 100 милиони евра, сума која говори самата за политиките на ДУИ во здравството.
Поради овие причини, кога одиме во болница или било која здравствена установа се соочуваме со ситуации каде нема ниту минимум достоинствена здравствена инфраструктура, нема лекови, нема средства за хигиена, нема доволно здравствен персонал, а има долги листи на чекање за една здравствена услуга. Со еден збор има лоша услуга поради тоа што има многу корупција.
Завршува уште една лоша година обележана со крајна дискриминација на албанците во секое поле на живеењето. Со наше доаѓање по изборите на 8 мај ќе дојде и крајот на ваквото дискриминаторско распоредување на средствата и ќе ја корегираме оваа неправда која им се прави на граѓаните по етничка основа“, додаде Реџеп Мемеди од Демократското Движење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

