Македонија
Денеска сончево и топло време, влошување се очекува во текот на викендот

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност и со слаб до умерен ветер од јужен правец, информираат од УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 20 до 25 Целзиусови степени.
Во Скопје сончево со слаб до умерен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне 24 степени.
В сабота ќе има зголемена облачност, а кон крајот на денот и локални врнежи од дожд.
Под влијание на влажна и студена воздушна маса в недела и в понеделник времето ќе биде облачно, ветровито и значително постудено со врнежи од дожд, а на планините и на некои повисоки места од снег. Пообилни врнежи се очекуваат в недела, особено во јужните и источните делови, а дневната температура ќе се намали за повеќе од 10 степени.
Од вторник ќе настапи стабилизација со пониски утрински температури.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Висар Ганиу ја промовираше поврзувачката Порта меѓу Бит Пазар и Старата Чаршија

Денес, Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, официјално ја промовираше Поврзувачката Порта меѓу Бит Пазар и Старата Чаршија, проект со големо значење за урбаниот и културниот идентитет на градот.
„Овој современ конструкциски објект, изработен од челик и стакло, претставува функционален и естетски влез, кој создава природна врска меѓу двата најзначајни трговски простори во градот. Покрај заштитата од атмосферските влијанија, оваа инвестиција го збогатува урбаниот карактер на Чаршијата, зачувувајќи го духот на живиот и динамичен пазар“, посочи Ганиу.
Градоначалникот Ганиу ја истакна важноста на овој проект како симбол на спојот меѓу традицијата и модерното, кој ја подобрува инфраструктурата и искуството на граѓаните и посетителите.
„Општина Чаир останува посветена на урбаниот развој и зачувувањето на културното наследство, градејќи поубав и пофункционален град за сите граѓани“, истакна Ганиу.
Македонија
Ме обвинуваа дека сум анти Америка, а сега им пречи што имаме одлична соработка со администрацијата на Трамп, рече Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски смета дека СДСМ немаат кридибилитет да зборуваат за надворешната политика, по понижувањата на коишто ја изложија државата.
Коментирајќи ги обвинувањата на СДСМ за резолуцијата на САД во Обединетите Нации за Украина, каде Македонија беше коспонзор, Мицкоски потсети на обвинувањата во минатото дека бил анти-НАТО, анти-Америка, проруски настроен, а сега, вели, им пречи што имаме одлична соработка со администрацијата на претседателот Трамп.
„Овие луѓе имаат најмалку кредибилитет да зборуваат, посебно за нашата меѓународна активност и посебно за нашите релации со администрацијата на претседателот на Трамп. (…) Бевме коспонзори, да, и ќе ја потсетам македонската јавност дека таа резолуција е обврзувачка бидејќи помина на Советот за безбедност. Останатите членки кои се стандардни, но, и ротирачките, не гласаа против и со тоа ја поддржааа. Во меѓувреме, кога дојде таа резолуција да се гласа на самото Собрание, беа поднесени повеќе амандмани. Повеќето амандмани беа одбиени, а еден беше прифатен. Тогаш предлагачот САД, кој го има тоа право, со кого бевме целосно координирани, гласаше воздржано и ние гласавме воздржано“, рече Мицкоски.
Додааде и дека жали што политиката од оптика на топли песочни плажи и оптика тука од Македонија не е иста, па можеби, како што рече, некои од опозициските лидери се уште живеат на топлиот песок и гледаат со тие очила, се уште неразбудени дека се опозиција и долго ќе бидат опозиција.
Претходно денес, претседателот на СДСМ, Венко Филипче оцени дека конфузна, импровизирана и без компас е надворешната политика што Владата ја води по последните случувања во Обединетите нации поврзани со резолуциите за Украина. На денешната прес-конференција, тој истакна дека Владата го напушта курсот на Европската Унија и нејзините земји членки и со нејзиното неконзистентно однесување во надворешната политика делува како залутан играч на меѓународната сцена. Според Филипче, многу помудро ќе беше земјава да даде поддршка и да гласа „за“ двете резолуции со што ќе испратеше порака дека има принципиелна и стабилна позиција којашто значи поддршка и кон Европската Унија и кон Соединетите Американски Држави.
Македонија
Мицкоски: Да се избере јавен обвинител кој ќе биде заштитник на правдата, а не како до сега заштитник на криминалот на СДСМ и ДУИ

„Тоа што СДСМ го брани Коцевски и ДУИ е главна причина и услов за да ние работиме спротивно од тоа“, вели претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање како ги коментира обвинувањата на СДСМ дека се врши партизација на судските органи.
Премиерот Мицкоски посочи дека правосудните органи под палка на СДСМ и ДУИ се октруирани и партизирани и имаат доверба од 2 проценти.
„Тоа значи дека имаме октруиран, партизиран целосен систем кој што има за цел да биде последниот браник, последниот штит на Владата која што пред повеќе од 8 месеци замина во историјата на македонската политичка сцена, а тоа е Владата на СДСМ и ДУИ, иако тие заедно со Левица функционираат исклучително одлично и ефикасно во опозиција и мислам дека уште долго време така ќе продолжат да функционираат како коалицијата“, истакна тој и додаде:
„Со самото тоа што тие велат дека не треба да се промени Коцевски, ние мора спротивно да работиме, да направиме се што е во наша моќ да го промениме, бидејќи знаеме што мислат граѓаните за правосудниот систем под палката на оваа коалиција СДСМ и ДУИ во минатото, довербата е 2 до 3 проценти.“
Премиерот Мицкоски порача дека треба да се избере јавен обвинител кој ќе биде заштитник на правдата, а не заштитник на криминалот и корупцијата на СДСМ и ДУИ.
„Така што јас очекувам овој процес брзо и ефикасно да заврши, да биде избран обвинител кој што ќе биде заштитник на правдата, а не заштитник на СДСМ и ДУИ“, дециден е Мицкоски.