Македонија
Дарлишта и градоначалникот на Бутел плански ја блокираа „Комунална“ за да глумат спасители, рече советничката Витина

Независната советничка во Град Скопје, Ирена Витина, упати обвинувања до поединци од ВМРО-ДПМНЕ поради блокадата и бунтот во ЈП „Комунална хигиена“ и хаосот што настана со ѓубрето во Скопје.
На вонредната седница во Советот на Град Скопје посветена на состојбите во „Комунална“, Витина рече дека граѓаните треба да ја знаат вистината оти се прават сценарија, се организираат групи да блокираат за некој да се претставува како спасител.
„На 23 мај, директорката Косана Мазнева подели откази на вработени кои не доаѓале на работа, а тоа е право на секој директор. На 25 мај се случува средба на една група во којашто главните дејанија ги имаат Дарлишта – претседател на сидникална организација и еден градоначалник на општина Бутел кој е сопартиец и братучед на еден спасител на Градот Скопје, градоначалник во една друга општина, добар инфлуенсер од Кисела Вода“, рече Витина посочувајќи дека на таа средба бил договорен планот да се блокира претпријатието.
Витина застана во одбрана на Мазнева, велејќи дека директорката макотрпно работи и се бори со опструкции, остварувајќи го своето легитимно право како прв човек на институцијата да води сметка кој доаѓа, а кој не доаѓа на работа. Советничката тврди дека на протестите пред Јавното претпријатие викендов имало и членови на ВМРО-ДПМНЕ кои не се вработени таму.
„Тоа беше киднапирано претпријатие само за да не може да функционира. За некој да биде прогласен за неспособен и неодговорен. На кого е опозиција ВМРО-ДПМНЕ на Данела Арсовска или на Владата? Ова е класичен дефокус, класично замајување и држење во кондииција на членството“, рече таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Ѓорчев: Во Неготино разговаравме за сите теми од лозарство до животниот стандард, Македонија оди напред

Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, денеска од Неготино порача дека партијата е активно присутна на терен, ги објаснуваат владините политики и ги слушаат проблемите на граѓаните. Како што истакна, посетуваат населби и села низ цела држава.
„Ја подготвуваме нашата програма за локалните избори, затоа што имаме сериозна, сериозна намера да победиме и во Неготино, и во целата Тиквешија, но и во цела Македонија. Разговараме за темите поврзани со земјоделието, од тутунот преку лозарството и грозјето, до сите оние други теми поврзани со живеачката, со платите, со животниот стандард, инфраструктурата, растот на пензиите којшто се случува“, кажа Ѓорчев.
Македонија
ЦУК: Поради силниот ветер повторно се разгорени пожарите кај Велес и Македонски брод

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека до 18:00 часот, денеска се евидентирани вкупно 25 пожари на отворен простор низ територијата на државата. Од нив, 6 се сè уште активни, 1 е ставен под контрола, додека 18 се успешно изгаснати.
Од ЦУК посочуваат дека поради силен ветер повторно се разгоре пожарот кај селата Џидимирци – Крушје – Иванковци (Општина Велес). Гори мешана нискостеблеста деградирана шума, а пламените јазици се прошируваат во неколку правци.
Ветерот, исто така, повторно го активирал и пожарот помеѓу селата Црешнево, Локвица и Крапа (Општина Македонски Брод), каде што гори деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација.
Покрај овие, активни пожари се регистрирани и на следните локации:
Општина Василево – с. Нивичино (нискостеблеста шума)
Општина Македонски Брод – с. Грешница (мешана шума и ниска вегетација)
Општина Прилеп – помеѓу селата Царевиќ и Смолани (мешана шума и ниска вегетација)
Општина Желино – шумски пожар
Според последните информации, под контрола е ставен пожарот во с. Фалише, Општина Тетово, каде што гори ниска вегетација.
Македонија
ЦУК: Пожарот во Желино е ставен под контрола

Благодарение на брзиот и координиран ангажман на сите екипи и ресурси на терен, пожарот кој избувна на територија на општина Желино и се движеше во правец на Еребино во моментов е ставен под контрола, информира директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али.
„Состојбата и понатаму се следи внимателно, а екипите остануваат на терен сè додека не се елиминира целосно ризикот од повторно активирање“, кажа тој.
Градоначалникот на Желино, Блерим Сејдиу, во изјава за медимуите изрази сомнеж дека пожарот е подметнат. Според информациите кои ги добил од пожарникарите најдени биле запалени гуми од возила.
Пламените јазици зафатија десетици хектари нискостеблеста шума и сува вегетација.