Македонија
Дескоска: Судскиот совет не смее да биде гнездо на незаконско однесување
,,Многу денови се одбележуваат во светот, има многу денови кога се сеќаваме на славни битки, историски заседанија, историски постигнувања. Меѓу сите тие денови, за мене, Меѓународниот ден на човековите права е еден од најважните меѓународни денови“ – истакна министерката за правда, Рената Дескоска, на конференцијата организирана по повод чествувањето на овој ден „70 години Универзална декларација за човековите права: улогата на адвокатите во заштитата и унапредувањето на човековите права“, организирана од страна на Адвокатската комора во партнерство со Амбасадата на САД во земјава.
Главната заслуга во создавањето на Универзалната декларација за човековите права несомнено припаѓа на Елеонор Рузвелт, која како жена претседавач на Комисијата за човекови права на ООН била главниот мотор во создавањето на оваа повелба.
Токму затоа, во нејзина чест, министерката Дескоска испрати порака до сите граѓани на Република Македонија, цитирајќи ја ,,првата дама на светот“: „Човековите права треба да ги бараме насекаде околу нас, во домот, во соседството, во училиштето, на работното место. Тие се местата каде треба да бараме еднаква правда, еднакви можности, почитување на достоинството без дискриминација. Ако човековите права не се почитуваат тука, во секојдневна средина во која живееме и работиме, тие го губат значењето. Ако не си ги обезбедиме правата во секојдневниот живот, залудно ќе бараме напредок во пошироката заедница, или ќе се бориме за прогрес во светот“.
,,Примарна цел на секој од нас, на секој поединец, на секоја институција, група, организација, е и мора да биде практичната акција за обезбедување и заштита на човековите права во заедниците во кои живееме. Битката за човековите права е најсветата битка на секој од нас“, потенцираше министерката Дескоска.
Сите реформи кои во моментот се одвиваат во Министерството за правда имаат клучна заедничка цел: подобра заштита на човековите права.
„Независноста на судството претставува столб гаранција на човековите права. Во таа насока се реформите на судството, измените на Законот за судовите и Законот за судскиот совет. Ги следиме препораките на Венециската и Европската комисија за зајакнување на квалитативните критериуми во оценувањето на судиите, како и основите за разрешување и утврдување на одговорност кај судиите или членовите на Судскиот совет. Независноста и непристрасноста на судството од сите, од политичките партии, од лоби-групите, од бизнис-интереси, од судскиот менаџмент, од другите институции е клучна за обезбедување на правдата и заштита на човековите права“, потенцираше Дескоска.
Министерството за правда е партнер на судството во креирање европска правна рамка за независно судство. Но, според министерката Дескоска, во напорот за обезбедување на независноста на судството, клучна улога има Судскиот совет кој мора да биде свесен за својата улога во реформските процеси и треба да игра улога на заштитник на независноста, но и професионалноста на судството.
,,Судскиот совет не смее да се однесува како орган што ги штити лошите практики во судството кои беа критикувани во извештаите на Европската комисија и во извештајот на Прибе, а уште помалку да биде гнездо на незаконско однесување. За да спречиме такво однесување, во Законот за Судски совет се воведува механизам за одговорноста на членовите на Судскиот совет“, истакна Дескоска.
Во насока на заштитата на човековите права е и менувањето на законската рамка за Јавното обвинителство, вклучувајќи го и специјалното јавно обвинителство, кое покажа ефикасност во гонењето за прекршување на човековите права.
,,Капацитетите кои се изградени во оваа институција треба да бидат искористени и за евентуална идна борба со корупцијата на ‘белите јаки’. Се надевам дека од пратениците ќе биде препознаено значењето на претворање на СЈО во траен орган чии капацитети ќе бидат искористени за борба со најголемото зло на човештвото – корупцијата“, потенцираше Дескоска.
Заштита на егстистенцијалните права и зачувување на човечкото достоинство е целта на измените на Законот за извршување и Законот за прекршоци. Во таа насока се и измените на Законот за бесплатна правна помош, со цел давање пристап до правдата и квалитетно правично и фер судење на што е можно поголем број граѓани. Во владина постапка е и Законот за извршување на санкциите кој треба да обезбеди ефикасен систем на менаџирање на казнено-поправните установи и подобрување на статусот на вработените во нив.
,,Цел на правдата секогаш се човековите права. Тие им даваат моќ на индивидуите и наметнуваат основни стандарди за вршење на државните активности. Власта е легитимна додека ги штити човековите права! И таа битка за заштита на човековите права не е битка само на власта, ниту на активистите, политичарите, партиите. Во таа битка мора да сме сите заедно, рамо до рамо. И таа битка мора да ја водиме сите првенствено во средините во кои живееме, а потоа и на глобално. За тоа не треба да сме ниту политичари, ниту активисти за права на жените, за права на ЛГБТ-заедницата, за права на маргинализираните групи. Доволно е да бидеме луѓе кои се свесни дека човековите права се наше суштинско обележје и дека гарантирањето еднакви права на другиот не значи намалување на нашите права“, потенцираше Дескоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС нема кредибилитет да зборува за партизација
Венко Филипче и Зоран Заев се дел од партија која, според ВМРО-ДПМНЕ, стои зад стратегија за партизација на институциите, од стручните служби до највисоките раководни функции во државата.
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека СДС нема основ да обвинува за партизација и некомпетентност на кадри, особено кога станува збор за актуелното раководство на Развојна банка на Македонија.
Од партијата посочуваат дека на чело на Развојната банка во моментов е, како што велат, докажан професионалец во областа на развојното банкарство. За Ефимија Димовска наведуваат дека е стипендист и најуспешен постдипломец во генерацијата на University of Pittsburgh, дека е доктор на економски науки и универзитетски професор со истражувања насочени кон финансирањето на малите бизниси. Дополнително, според реакцијата, таа е ангажирана како консултант од Европска комисија за анализи на финансискиот сектор во земјите од регионот.
Во реакцијата се осврнуваат и на поранешниот директор на Развојната банка, Кире Наумов, за кого велат дека е истакнат кадар на СДС. Посочуваат дека својата кариера ја започнал во поранешната Агенција за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, позната како Агенција за приватизација, и дека во периодот на владеење на СДС извршувал повеќе функции, меѓу кои советник за економски прашања на премиер и претседател, дополнителен заменик-министер за финансии и заменик-министер за економија.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнително обвинуваат дека Наумов во последниот период не ги извршувал своите обврски и ги блокирал активностите на Развојната банка, што, според нив, било причина за неговото разрешување.
„Ова се фактите. Нека прочитаат и научат во СДС“, се наведува во реакцијата на партијата.
Македонија
Македонските државјани кои се наоѓаат на територијата на Државата Катар и Обединетите Арапски Емирати да побараат помош
Во врска со актуелната безбедносна состојба во регионот на Блискиот Исток, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира македонските државјани кои се наоѓаат на територијата на Државата Катар и Обединетите Арапски Емирати внимателно да ги следат официјалните информации и да постапуваат согласно упатствата на надлежните институции на земјите домаќини.
МНРиНТ ги потсетува нашите државјани дека во случај на потреба од помош може да се обратат на следните контакти:
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Е-пошта: [email protected]
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Е-пошта: [email protected]
Министерство за надворешни работи и надворешна трговија
Тел: +389 75 273 732 / +389 75 268 736
Е-пошта: [email protected]
Поради влошената безбедносна состојба во Израел, МНРиНТ утрово апелираше до сите македонски државјани кои се наоѓаат на територијата на оваа држава внимателно да ги следат официјалните национални портали за итни случаи и строго да постапуваат во согласност со упатствата на надлежните институции.
-Истовремено, апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба.
Согласно информациите добиени од Амбасадата на Република Северна Македонија во Тел Авив, воздушниот простор над Израел е затворен за цивилни летови до понатамошно известување. Сите комерцијални влезни и излезни летови се суспендирани, без конкретна најава за обновување на редовниот воздушен сообраќај, соопшти денеска Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај телефонот за контакт со МНРиНТ, македонските државјани во случај на потреба од помош може да се обратат и во Амбасадата на Република Северна Македонија во Тел Авив на тел. броеви +972 54 500 8566 и +972 54 967 0546 или по е-пошта [email protected]
Македонија
Живот со CTLA-4: ретка генетска состојба што го нарушува имунитетот
Во рамки на националната кампања „Ги запознаваме ретките болести“, вниманието годинава е насочено и кон ретката дијагноза – цитотоксичен Т-лимфоцитен антиген 4 хаплоинсуфициенција (CTLA-4), состојба која се среќава кај помалку од еден на милион жители и е заведена под шифра МКБ-10 D84.8. Денеска во светот се одбележува Меѓународниот ден на ретките болести. Во рамки на осмата по ред национална кампања „Ги запознаваме ретките болести“, одбележувањето ќе се одржи и во Охрид, во новоизградениот трговски центар, каде точно напладне ќе започне свечена програма под мотото „Реткоста е сила, а заедништвото е нашата најголема моќ“. Во Европска куќа во Скопје ќе биде промовирана официјална поштенска марка за СМА – Ден за свесност за ретки болести.
Станува збор за ретка генетска болест што настанува поради мутација или губење на една копија од генот задолжен за создавање на CTLA-4 протеинот. Овој протеин има клучна улога во „сопирањето“ на имунолошкиот систем. Кога тој недостасува или не функционира доволно, имунитетот станува прекумерно активен и ја губи способноста правилно да се регулира.
Недостаток на CTLA-4, нарушена контрола на Т-клетките
Недостатокот на CTLA-4 доведува до нарушена контрола на Т-клетките, што може да резултира со развој на автоимуни заболувања, како автоимун тироидитис, дијабетес тип 1 и воспалителни болести на цревата, зголемена подложност на рекурентни вирусни, бактериски и габични инфекции, хронични воспаленија, со можни оштетувања на различни органи, забавен раст и развој кај децата.
Иако имунолошкиот систем е „преактивен“, тој често не е доволно ефикасен во борбата против инфекции, што создава дополнителни здравствени компликации. Болеста најчесто се дијагностицира во детството или раната младост.
Дијагностицирањето вклучува детална клиничка проценка, анализа на семејната историја и генетско тестирање за откривање на мутација на CTLA-4 генот, кој се наоѓа на хромозомот 2q33. Дополнително, се прават испитувања на имунолошката функција и мерење на нивото на CTLA-4 протеинот во Т-клетките.
Раното препознавање е од исклучително значење за спречување на сериозни последици.
Третман и живот со болеста
Иако засега не постои лек што целосно ја излекува состојбата, со соодветна и навремена терапија пациентите можат да водат квалитетен живот. Третманот е насочен кон контрола на симптомите и спречување компликации и вклучува, имуносупресивна терапија за намалување на автоимуниот одговор, интравенозен имуноглобулин кај пациенти со чести инфекции, навремено лекување на инфекции со антибиотици, антивирусни и антигабични лекови, редовно следење од страна на супспецијалисти.
Поради различниот тек и тежина на болеста, потребен е индивидуален пристап и мултидисциплинарна грижа.
Денеска во светот се одбележува Меѓународниот ден на ретките болести. Во рамки на осмата по ред национална кампања „Ги запознаваме ретките болести“, одбележувањето ќе се одржи и во Охрид, во новоизградениот трговски центар, каде точно напладне ќе започне свечена програма под мотото „Реткоста е сила, а заедништвото е нашата најголема моќ“.
Настанот ќе понуди културно-едукативна и забавна програма со песна, танц и креативни активности, посветени на лицата со ретки дијагнози, со порака дека реткоста не значи изолација, туку заедништво и поддршка.
Во Европска куќа во Скопје ќе биде промовирана официјална поштенска марка за СМА – Ден за свесност за ретки болести.
Настанот има цел подигање на јавната свест за ретките болести и поддршка на пациентите и нивните семејства.
Во рамки на програмата ќе биде прикажано промотивно видео со пациент, како и симболично откривање на официјалната поштенска марка посветена на СМА.


