Македонија
Дескоска: Жалам што ВМРО-ДПМНЕ избега од разговорите за законот за Јавното обвинителство
Министерката за правда, Рената Дескоска на социјалните мрежи напиша дека жали што преговарачката тројка на ВМРО-ДПМНЕ за Законот за јавното обвинителство вчера избегала од разговорите.
Дескоска вели дека е очигледно оти бегањето станало партиска определба на опозициската партија и најави дека ќе биде закажана јавна расправа за законот.
„Навистина жалам што преговарачкава тројка на ВМРО-ДПМНЕ за Законот за јавното обвинителство вчера избега од разговорите. Очигледно бегањето им стана партиска определба. Сепак, ќе биде закажана јавна расправа за законот. Па ќе видиме дали и од неа ќе избегаат“, напиша Дескоска.
Вчера претставниците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија средбата со образложение дека бараат на разговорите да биде присутен државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески.
Пратеникот Антонио Милошоски по средбата изјави дека треба да се донесе квалитетен закон кој нема да е резултат на политички договарања.
На вчерашната средба во Собранието присуствуваа претставници на пратеничките групи, министерката Дескоска, претставници на ЕК во Скопје, на американската Амбасада, како и претставници на Платформата на граѓански организации за борба притив корупцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сменет режим на ЈСП: Пет автобуски линии не сообраќаат до крајните дестинации
Пет автобуски линиии утрово не сообраќаат до крајните дестинации, по снежните врнежи.
„Од ЈСП Скопје известуваат дека мал број автобуси од приградските линии не сообраќаат до крајните дестинации. Станува збор за автобусите со броеви: 11, 64, 74, 80 и 81“, сопшти Центарот за управување со кризи.
Од таму споделија информација за состојбата со врнежите од снег и состојба на патиштата до 09:00 часот:
Битолски регион
Во Општина Крушево, на регионалниот пат Крушево – Пуста Река (пат од втор приоритет), ќе се интервенира во претпладневните часови. Патот е прооден за теренски возила и возила со соодветна зимска опрема.
Во Општина Демир Хисар, поради дефект на електричната мрежа, без електрична енергија се корисниците во селото Големо Илино. Екипите на ЕВН се на терен и работат на отстранување на дефектот.
Охридски регион
Во Општина Кичево има патни правци кон планинските села кои сè уште се чистат, а се очекува истите да бидат целосно расчистени во текот на денешниот ден.
Штипски регион
Во Општина Виница, на повисоките населени места, има појава на голомразица и се препорачува внимателно управување со возилата.
Кумановски регион
Во Општина Ранковце, во текот на денешниот ден ќе се работи на расчистување на патните правци кон селата Герман и Огут.
Македонија
Љутков во Мадрид на средба со генералната секретарка на Светската туристичка организација
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој ја предводи македонската делегација во рамките на работната посета на Кралството Шпанија, вчера во Мадрид оствари средба со Шаика ал Новаис, генерална секретарка на Светската туристичка организација на Обединетите нации (UNWTO). Како што соопштија од Министерстовот, на средбата биле разгледани можностите за унапредување на соработката и поддршката во процесот на одржлив туристички развој.
Министерот Љутков истакна дека Владата стратешки го препозна туризмот како значаен економски сектор, што резултираше со негово вклучување во Министерството за култура, со цел воспоставување системски пристап и поефикасно управување со туристичките политики. Во таа насока, министерот информираше дека се работи на подготовка на нова Стратегија за туризам како клучен документ за понатамошен развој на секторот.
На средбата стана збор за улогата на туризмот во рамномерниот регионален развој, валоризацијата и заштитата на културното наследство, развојот на руралните подрачја и зголемувањето на конкурентноста на туристичката понуда. Посебен акцент беше ставен на потребата од системско евидентирање на туристичките ресурси и воведување индикатори за мерење на туристичкиот потенцијал по региони. Беше нагласено и значењето на полноправното членство на Македонија во UNWTO, како и можноста експерти на Организацијата да се вклучат во процесите на едукација и јакнење на кадрите во туризмот, со цел унапредување на квалитетот и професионалноста во секторот. Средбата беше оценета како значајна основа за понатамошно продлабочување на соработката меѓу Македонија и UNWTO во наредниот период.

Претходно министерот Љутков оствари и работна средба со Фуад Нагхиев, директор на Државната агенција за туризам на Азербејџан. На средбата беше изразена подготвеност за продлабочување на билатералната соработка во туризмот, како продолжение на разговорите започнати на Конференцијата КОП29 во Баку, при што беа разгледани можностите за отворање нов туристички пазар, потпишување Меморандум за разбирање, организирање B2B-средби и промоција на туристичката понуда на Македонија, со акцент на културен, верски, ено-гастро и активен туризам.
Во рамките на посетата, министерот Љутков денеска ќе присуствува на свеченото отворање на Меѓународниот саем за туризам „FITUR 2026“, што ќе се одржи во присуство на шпанскиот крал Фелипе VI и кралицата Летиција.
Македонија
Крводарителска акција во чест на хуманоста на Тоше Проески во Домот на АРМ
Во рамки на традиционалните крводарителски акции на Црвениот крст на град Скопје и оваа година ќе се реализира крводарителска акција посветена на хуманоста и делото на нашата музичка ѕвезда Тоше Проески, кого и покрај тоа што прерано нè напушти, засекогаш ќе го паметиме како симбол на хуманост.
Оваа крводарителска акција веќе прерасна во препознатлива и традиционална хуманитарна активност во Скопје, која секоја година обединува голем број граѓани, особено млади луѓе кои во ликот и делото на Тоше Проески препознаваат позитивен пример.
Годинава, акцијата ќе се одржи на 25 јануари 2026 година (недела), во холот на Домот на АРМ, во периодот од 09:00 до 17:00 часот. Во организација на акцијата се вклучува Општинската организација на Црвен крст Гази Баба, со поддршка на Институтот за Трансфузиона медицина.
Досега, преку овие крводарителски акции се собрани над 6.000 единици крв, при што особено охрабрувачки е големиот број млади и првократни крводарители кои активно се вклучуваат, инспирирани од пораките што ги пренесуваше Тоше.
„Доброволното крводарителство во Република Северна Македонија има една јасна и благородна цел – да се мотивираат што поголем број граѓани доброволно да даруваат крв, со што ќе се обезбедат неопходните количини крв и крвни продукти за навремено и успешно лекување на болните и повредените. Крводарителството ги негува вредностите на хуманост и солидарност, особено кај младите и придонесува за подигнување на здравствената култура и јавната свест. Крвта, како лек, сè уште е незаменлива и нејзиното обезбедување зависи исклучиво од хуманоста и добрата волја на крводарителите, кои доброволно, анонимно, бесплатно и солидарно даруваат крв. Затоа, мотивирањето и вклучувањето на населението во вакви акции е од исклучително значење за градење позитивен однос кон крводарувањето и за спасување човечки животи“, велат од Црвениот крст на град Скопје и Општинската организација на Црвен крст Гази Баба.
Од таму ги повикуваат сите хумани граѓани да учествуваат во оваа крводарителска акција и заедно, во духот на Тоше Проески, да покажеме дека хуманоста живее.

