Македонија
Дескоска: Прогласувањето вонредна состојба е одлука за која е потребна соработка и разум
Прогласувањето вонредна состојба е државничка одлука за која ни е потребна сплотеност, соработка, трезвеност и разум, напиша министерката за правда, Рената Дескоска, на нејзиниот профил на „Фејсбук“, коментирајќи дека поради ширењето на вирусот, барањето за прогласување вонредна состојба е единствен начин за овозможување ефикасни инструменти за преземање мерки за заштита на јавното здравје и животот на граѓаните.
„Вонредната состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии. Во светот е прогласена пандемија. Никој повеќе не треба да има дилеми дека настапиле околностите од членот 125 од Уставот за прогласување вонредна состојба.
Самото прогласување вонредна состојба #не значи #автоматска промена или ограничување на човековите права или начинот на живот на граѓаните. Самото прогласување нвонредна состојба не значи забрана за движење, полициски час, затворање продавници или нешто слично. Со моментот на прогласување вонредна состојба важат мерките кои до сега се донесени од страна на Владата и тоа не значи автоматско стапување на сила на нови мерки.
Носењето одлука за прогласување вонредна состојба е потребно пред сè заради добивање можност за ефикасно регулирање на одредени прашања кои треба да помогнат полесно да се надмине епидемијата и последиците кои таа ги предизвикува, пред сè врз економскиот живот во земјата, врз #стопанството, земјоделството. Со воведување вонредна состојба, Владата, согласно членот 126 од Уставот, добива право да носи #уредби со законска сила. Тоа се акти со кои ќе се регулираат прашања кои во нормална ситуација се во надлежност на Собранието. Уредбите со законска сила имаат еднаква правна сила со законите и со нив ќе можеме да измениме одредени законски одредби или да донесеме одредени мерки кои се итно потребни, а кои без прогласена вонредна состојба, би требало вообичаено да поминат законска постапка во Собранието.
Вонредната состојба овозможува и ограничување на одредени човекови права. Наша заедничка заложба е ограничувањето на правата да биде минимално и само кога е нужно. Колку повеќе се придржуваме до мерките и препораките кои се до сега дадени, толку побрзо ќе ја пребродиме оваа криза и нема да бидат потребни нови мерки за ограничување на правата на граѓаните.
Во изминативе триесет години како држава и нација поминавме многу тешки, но и убави моменти, надминавме многу предизвици. Ќе се справиме и со ова, ќе ја надминеме и оваа битка со епидемијата и ќе излеземе посилни. #ЌеПобедиме“, напиша Дескоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.
Македонија
Одрон во должина од 80 метри на патот Скопје-Велес: сообраќајот кај Сопот се одвива по една лента
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес, околу два километри пред Сопот, од 21 часот се одвива по една коловозна лента (десната) поради поголем одрон.
Како што информираат oд АМСМ, одронот е во должина од 80 метри.
Фото: илустрација (depositphotos)
Македонија
СДСМ-Кисела Вода бара итна исплата на надоместоците за избирачките одбори
Општинската организација на СДСМ-Кисела Вода од градоначалничката на оваа општина бара итно постапување по одлуката на Советот на Општина Кисела Вода од 7-та пленарна седница одржана на 29 јануари 2026 година, со која е предвидена исплата на надоместоците на членовите на избирачките одбори од последните локални избори.
Во писмото се наведува дека одлуката е донесена, средствата се обезбедени, но дека изостанува извршната постапка.
„Одлуката е донесена. Обврската е јасна. Средствата се обезбедени. Она што недостасува е – Ваша извршна постапка“.
Од СДСМ – Кисела Вода порачуваат дека станува збор за средства обезбедени од државата за реализација на изборниот процес и оценуваат дека секое понатамошно одлагање претставува поткопување на институционалниот интегритет.
Тие бараат најдоцна до утре да се пристапи кон исплата на средствата согласно одлуката на Советот.
Во спротивно, советничката група на СДСМ најавува испраќање официјален допис до Државната изборна комисија, известување до Министерството за локална самоуправа и информирање на претставници на меѓународната заедница.

