Македонија
Дескоска: Секој има право да пријави корупција
Министерката за правда, Рената Дескоска, даде образложение за новиот Закон за спречување на корупцијата и судир на интересите, според кој се предвидува формирање нова антикорупциска комисија. Дескоска како клучна придобивка ја потенцира контролата на финансирањето на политичките партии, која е, пред сè, превентивна, а ќе се врши врз основа на годишен план, но и по поднесенa пријавa од други државни органи, политички партии или граѓански организации и по службена должност.
„Граѓаните имаат право врз основа на општ член, кој е содржан во законот, да пратат иницијатива до Државната комисија за спречување на корупцијата и доколку таа иницијатива е основана, Државната комисија за спречување на корупцијата по службена должност поведува постапка за контрола на финансирање на политичките партии“, потенцира министерката за правда, Рената Дескоска.
Во делот на финансирањето на изборните кампањи внесени се можности секој организатор на изборна кампања, но и набљудувач, да даде приговор на финансирањето на изборните кампања, но уште поважно, внесени се рокови во кои ДКСК мора да постапи.
„Не смее да ни се повтори праксата претставките да завршуваат во фиоките во ДКСК и да се чека да завршат изборите, па некогаш да се сработат“, истакна министерката.
Новина е и обврската ДКСК да врши процена на ризик од корупција, да детектира области за ризици и да прави годишен план за превентивна проверка на анкетни листови на функционери, на финансирање политички партии, на јавни набавки и слично, со што ДКСК превентивно прави проверки, дури и кога нема сомневања.
ДКСК ќе има право на директен увид во сметките на носителите на јавни функции, односно за нив нема да важи принципот на банкарска тајна. Дополнително на тоа, ДКСК ќе има и директен пристап во најмалку 64 бази на податоци, при што ќе може да прават и вкрстени проверки на имотната состојба. Внесена е и надлежност ДКСК да испитува и евентуални сомневања за корупција при јавните набавки.
Во текот на вчерашниот ден Собранието го изгласа новиот закон по што се очекува да почне постапката за избор на претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

