Македонија
Децата со попреченост ќе изучуваат специјална Build-Up програма со LEGO® коцки
Young Engineers од Скопје Македонија, Филозофскиот факултет преку Институтот за специјална едукација и рехабилитација, како и Здружението ,,Во мојот свет” потпишаа Меморандум за соработка, со кој трите страни се согласуваат дека програмата Build-Up на Young Engineers со LEGO® коцки ќе може да едуцира и да се применува кај деца со попреченост.
Оваа иновативна програма започнува од октомври 2019 година и ќе се следат резултатите од практикувањето на овој пристап.По пилот програмата спроведена во центарот ,,Во мојот свет” кој работи на ран третман и бројката на децата над 6 години е мала. Од таа причина во пилотирањето беа вклучени 11 деца на возраст од 4,5 до 7 години. Со оглед на тоа дека програмата е наменета за деца над 6 годишна возраст, очекувано, подобри резултати се постигнати кај децата на возраст од над 6 години. Охрабрува фактот дека и кај групата помали деца програмата делува стимулативно и има резултати на сите полиња на процена.

,,Како застапник на официјалните програми за интердисциплинарно изучување на наука, технологија, инженерство и математика со LEGO® коцки на Young Engineers во нашата земја и прва лиценца на Балканот од 2017 година па наваму, многу ни е важно да понудиме еднаква можност за сите деца да бидат дел од оваа стимулирачка програма во нивниот развој а особено сакаме да истакнеме дека програмите се и инклузивни. Покрај овие иницијативи, Young Engineers Скопје има и редовни програми во текот на школската година, за кои во моментов имаме отворени уписи за сите заинтересирани деца и родители кои ја препознаваат вредноста на ваквата интернационална, наградувана и статистички проверена едукација”, изјави Сашка Теодосиевски, основач и директор на Young Engineers Skopje Macedonia.
Според доц. д-р Наташа Станојковска-Трајковска од Институт за специјална едукација и рехабилитација од Филозофски Факултет, програмата Build Up на Young Engineers за деца со попреченост, а особено кај деца со аутистичен спектар на нарушување, може да биде корисна и во функција на подобрување на третманот. Лего коцките ги препознаваме како убава алатка во усвојување на социјални вештини градење и решавање проблеми.Специјален едукатор и рехабилитор од тимот ја помина обуката и ја спроведе едукацијата на децата опфатени со третман во центарот. Програмата Build Up на Young Engineers е одлична можност за интеракција со другите, децата учат за време на игра и низ забава. Задачи кои ги поставуваме пред нас во текот на работата со деца со намалено внимание и аутистичен спектар на нарушувања се: поттикнување на комуникација, концентрација, логичко размислување, развој на фината мотрика, упорност, истрајност, независност, одговорност, стекнување со стратегија како децата сами да дојдат до целта, разбирање на процесите, способност за заедничка работа со врсниците, способност за вклучување во игра со правила, емоционална контрола и вештина за снаоѓање во различни ситуации. Последната фаза од програмата предвидува соработка, што е многу важна вештина кај децата со аутистичен спектар на нарушувања. Соработката во текот на работата со лего коцки, децата подоцна ја пресликуваат и во реална средина (на детско игралиште, на училиште). Децата најдобро учат низ игра.

Кај половина од децата има значително подобрување во вербалната или невербалната комуникација. Во делот на тестирањето беше вклучена и проф. д-р Софија Георгиевска, психолог од Институт за социјална работа и политика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Камионџиите ја проширија блокадата на граничните премини, заострените шенгенски правила го блокираа товарниот сообраќај на Балканот
Возачите на камиони од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора денес продолжија со блокадите на граничните премини за товарен сообраќај.
Откако претходниот ден ги блокираа излезите, од полноќ почна и блокада на влезовите во овие земји од Западен Балкан, јавува „Радио Слободна Европа“.
Возачите ги блокираат товарните терминали поради заострените процедури за влез во Шенгенскиот простор. Тие наведуваат дека процедурите сега се покомплицирани и дека им го скратуваат дозволениот престој во земјите на Унијата.
Бараат престојот во Европска Унија да им биде зголемен на четири месеци, наместо досегашните три месеци во период од шест месеци.
Најавуваат дека блокадите ќе траат седум дена доколку претходно не се најде решение.
Портпаролот на Европска комисија, Маркус Ламерт, на 26 јануари изјави дека европските институции размислуваат и работат на пронаоѓање опции кои би овозможиле одредени професионалци, меѓу кои и возачите на камиони, да престојуваат на територијата на Шенгенската зона подолго отколку што тоа го дозволуваат важечките шенгенски правила.
„Свесни сме дека за одреден број професионалци од трети земји кои не се прекугранични работници може да постои потреба да останат во Шенгенскиот простор подолго од 90 дена во рок од 180 дена. Тоа ги вклучува професиите со висока мобилност, како што се возачите на камиони, но и спортистите и уметниците на турнеи“, изјави Ламерт.
Тој додаде дека Европската унија е свесна за загриженоста што ја изразиле транспортните оператори во регионот, дека внимателно ја следи состојбата и дека е во контакт со партнерите од Западен Балкан.
Македонија
Просечната плата во здравството е 50.327 денари, од март ФЗОМ најави ново покачување
Просечната нето плата во здравството, според податоците на Државниот завод за статистика, во 2025 година изнесува 50.327 денари,просечната плата на медицинските сестри со средно образование е 31.934 денари, а најниска плата во здравството е 21.158 денари.
Овие податоци денеска ги соопшти Фондот за здравствено осигирување. Од таму истакнуваат дека платите во здравството не растат само номинално туку и реално и дека во март е планирано ново покачување.
„Во јавноста се создаваат перцепции дека властите се спротивставуваат на зголемувањето на минималната плата. Сепак, примерот на здравството јасно покажува дека здравствените власти не само што не се пречка, туку активно го поддржуваат зголемувањето на платите во јавното здравство. Најниската основна плата во јавното здравство во 2025 година изнесува 27.158 денари нето и во однос на 2023 година бележи номинално зголемување од 22,2%, додека реалното зголемување изнесува 13,4%. Тоа значи дека растот на оваа плата е за толку повисок од инфлацијата во истиот период. Најниската плата во јавното здравство е за 11,4% повисока од минималната плата во државата. Основната нето плата за медицинските сестри со средна стручна спрема (ССС), согласно гранковиот колективен договор, во 2025 година изнесува 31.934 денари. Во однос на 2023 година, номиналното зголемување изнесува 24,5%, додека реалното зголемување е 15,6%“, соопшти ФЗОМ.
Просечната нето плата во здравството, според податоците на Државниот завод за статистика, во 2025 година изнесува 50.327 денари. Во однос на 2023 година, номиналното зголемување изнесува 15,8%, додека реалното зголемување е 7,5%. Во 2025 година, оваа плата е за околу 9,5% повисока од просечната нето плата во целокупната економија на земјата.
Според ФЗОМ, овие податоци јасно укажуваат дека платите во здравството не растат само номинално, туку и реално.
„Со постигнатиот договор со репрезентативните синдикати, во март 2026 година е предвидено дополнително зголемување на платите во јавното здравство од најмалку 5%, согласно спогодбата од 2025 година која предвидува раст на платите од 5 до 7 проценти. Постои јасна и континуирана посветеност кон соодветно вреднување на трудот на здравствените работници“, велат од Фондот за здравствено осигурување.
Македонија
Ќе се тестираат камерите на автопатот Охрид–Кичево во рамки на „Безбеден град“
Сектор за внатрешни работи Охрид денеска ќе спроведува активности за тестирање, калибрација и верификација на поставените уреди за сообраќаен надзор во рамки на проектот „Безбеден град“.
Како што информираат од СВР Охрид, активностите ќе се реализираат на автопатската делница Охрид–Кичево, и тоа помеѓу селата Горенци и Требеништа, како и на потегот помеѓу Ботун и Ново Село, во општина Дебрца.
Планирано е активностите да започнат во 12 часот, при што на секоја локација со поставена камера постапката ќе се изврши еднократно и ќе трае од 15 до 30 минути.
Од СВР Охрид апелираат до сите учесници во сообраќајот на овој патен правец да покажат разбирање за неопходноста од планираните мерки, да ги почитуваат привремените ограничувања и насоките на полициските службеници, со цел безбедно спроведување на активностите.

