Македонија
ДИК: До 13 часот одѕивот изнесува 16 проценти
Претседателот на Државната изборна комисија соопшти дека до 13 часот гласале 261 473 гласачи, од вкупниот број на запишани, или 16 проценти.
Овие податоци се од 90,22 проценти од избирачките места од вкупниот запишани, рече Дерковски.
Највисок одѕив има во Центар – 26,29 проценти, Карпош – 23,97 отсто и Сарај – 21,24 проценти.
Најнизок одѕив има во Босилово – 6,96 проценти, Могила – 7,04 отсто и Пласница – 7,17 проценти.
Како што рече Дерковски, гласањето се движи во просек од 7,82 проценти до 19,2 отсто, со што изваден е просек од 16 проценти.
„Денот се одвива најнормално со многу мали инциденти кои веднаш се решаваат. Кога во целина се гледа целата слика нема некои посериозни нарушувања. Апелирам до граѓаните до крајот на гласањето, до 19 часот, да го искажат својот демократски капацитет и да докажеме дека Република Македонија може да спроведе референдум како што треба“, порача Дерковски.
Според информациите, во општина Чаир бил заменет член на избирачки одбор кој агитирал на самото избирачко место, што е строго забрането по закон.
На гласачко место Грчец во општина Сарај, пак, било констатирано дека едно лице се заканувало, поради што веднаш било интервенирано, по што продолжил процесот на гласање, рече Дерковски. Тој додаде дека не е точно дека имало 13 ливчиња плус.
Претседателот на ДИК апелираше до граѓаните да ги почитуваат законите, а за тие за кои има записници, тој рече дека ќе има санкции.
„Не толерираме никого и за секого ќе има соодветна казна“, рече Дерковски.
Тој објасни дека најчесто има приговори за граѓани кои не се нашле во избирачкиот список.
„Го пропуштиле рокот за пријавување, затоа апелиравме сите да проверат дали се во избирачкиот список. Сега веќе списокот е затворен и не може да се интервенира“, истакна Дерковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

