Македонија
Димитар Ковачевски е нов претседател на СДСМ со освоени 37.649 гласови од членството
Димитар Ковачевски е нов претседател на СДСМ, објави на вечерашната прес-конференција Централната изборна комисија на партијата.
Претседателката на комисијата, Викторија Мадиќ, соопшти дека се обработени сто отсто од пристигнатите податоци од општинските изборни комисии. Според податоците, своето право на глас денеска го оствариле 44.406 членови на партијата или 86,5 отсто од регистрираните.
Димитар Ковачевски кој на гласачкото ливче беше под реден број еден освоил најмногу, 37.649 гласови.
За Јован Деспотовски гласале 3.319 членови на СДСМ, а за Фроснина Ременски 2.836. Неважечки биле 602 ливчиња.
Зад Ковачевски застана досегашниот партиски лидер и премиер Зоран Заев, како и најголем дел од партиското раководство.
Вонредните внатрепартиски избори во СДСМ уследија по оставката на Заев која беше констатирана на седницата на Централниот одбор на партијата одржана на 26 ноември.
Тој повлекувањето го најави ноќта на 31 октомври, како чин на политичка одговорност по поразот на локалните избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Скопје повторно ќе пулсира во ритамот на виното со Винодонија 2025
Винодонија 2025 – најпрестижниот вински настан во Македонија и годинава ветува незаборавно искуство за сите љубители на виното. Деветтото издание на салонот ќе се одржува денеска и утре во Скопје, а посетителите ќе имаат можност да ги вкусат најдобрите вина од земјата и од странство, додека 15 гастро-изложувачи ќе ги надополнат елегантните вински моменти со ексклузивни деликатеси.
-Салонот ќе биде винска сцена за споделување на вкусови, емоции и моменти, идеално место за уживање во најдоброто од виното пред крајот на годината. Со внимателно одбран амбиент, богата програма и вински ритуали што ги слават сетилата, Винодонија 2025 воедно е и покана за достоинствено затворање на годината – со чаша вино во рака и со друштво што знае да препознае вкус и вредност. Со повеќе од 75 вински брендови кои ќе изложат над 500 вински етикети, Винодонија 2025 ветува незаборавно винско патување, најавуваат организаторите.
Интернационалниот карактер на Винодонија 2025 се огледува во присуството на винари и експерти од различни земји, кои ќе ги споделат своите најдобрите вина и најнови трендови во светското винарство. Оваа година, покрај македонските вина кои ја раскажуваат приказната на нашите лозја, посетителите ќе имаат можност да дегустираат и врвни вина од регионот и пошироко.
Водечкиот карактер на Винодонија 2025 ќе дојде до израз и преку едукативните работилници и предавања. Еминентни експерти од винската индустрија ќе споделат свои знаења на специјални мастер-клас дегустации и интерактивни сесии, кои се наменети за сите – од искусни вински познавачи до оние кои сакаат да ја продлабочат својата љубов и разбирање за виното.
Македонија
Магла кај Ресен и Удово, видливоста е намалена
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Намалена видливост поради магла до 50 метри има кај Ресен и Удово, информира АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Во сила е законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Скопје утрово пак е покриено со магла, денес променливо облачно време со сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 2, а максималната ќе достигне од 6 до 13 степени, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно и тивко со појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
До вторник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег, информира УХМР.

