Македонија
Димитриевски од Охрид: Венко, за што ќе ја користиш златната виза од Дубаи, со една нога надвор не се станува водач
На средбата со граѓани, членови и симпатизери на Движење ЗНАМ за Наша
Македонија во Охрид, претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски оцени
дека СДСМ е структура која ја изгубила врската со реалноста и денес
опстојува само преку фабрикувани скандали и ПР-трикови.
Оттука тој директно се обрати до Венко Филипче:
„Венко, за што ќе ја искористиш ’златната виза’ од Дубаи која призна
дека ја поседуваш? Човек кој добил можност трајно да се исели од
државата, не може да биде партиски лидер. Со една нога надвор од
Македонија, со мисла за бегство наместо за обнова – не се станува водач
на народ. Златна виза во џеб значи златна резерва за бегство – а не
визија за иднината на нашата татковина.“
Претседателот на ЗНАМ упати силен повик до членовите на СДСМ:
„Ги повикувам сите искрени, чесни и достоинствени членови на СДСМ – оние
кои сè уште веруваат во идејата за правда, еднаквост и општество за
сите, да станат дел од вистинската промена.
Доста беше да гледате како Вашата партија се претвора во празна обвивка
водена од лични амбиции и привилегии. Знаеме дека има луѓе меѓу вас кои
не се сложуваат со тивката капитулација пред елитизмот и корупцијата.
Време е да кажете „доста е“ и да се приклучите на движење што не ги
купува идеалите – туку ги живее.
Ова е повик до Вашата совест. Не заради нас – туку заради иднината на
оваа земја. ЗНАМ не прави разлика меѓу левица и десница – туку меѓу оние
што сакаат Македонија да успее и оние што ја користат како заложник за
лична корист. Вие, вистинските социјалдемократи, знаете што значи борба
за правда, знаете што значи солидарност. Тоа што го браневте некогаш,
денес го гуши актуелното раководство. Време е да застанете од правата
страна на историјата – за народот, а не за фотелјите.“
На теренските средби доминираа теми што вистински ги засегаат граѓаните
– блокирани инвестиции, нефункционално јавно здравство, масовното
иселување на младите, непотизам и институционална парализа.
Движењето ЗНАМ ќе продолжи со теренски средби низ целата држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поранешен градоначалник на Росоман исплатил личен долг од 500.000 денари од општинскиот буџет
Полицијата поднесе кривична пријава против С.Н.(29) од Росоман поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Според информациите на МВР, во периодот од август 2024 година до септември 2025 година, С.Н. во својство на градоначалник на општина Росоман, во два наврати ги пречекорил границите на службеното овластување и од Буџетот на општина Росоман противправно биле прибавени парични средства во вкупен износ од околу 500.000 денари, кои биле присилно наплатени од извршител за личен долг на С.Н..
Македонија
Гаши на работна средба во МАНУ
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, одржа работна средба во Македонската академија на науките и уметностите, со претседателот Живко Попов, како и со други претставници на Академијата.
„На средбата се разговараше за значењето на поактивното вклучување на Академијата во стратешките процеси на развој на државата, особено во креирањето политики и во обезбедувањето стручна поддршка при институционалното одлучување“, соопштија од Собранието.
Исто така, Гаши информирал за вчерашната одлука усвоена на седница, со која е овластен, како претседател на Собранието, да склучи поединечен колективен договор со претседателот на синдикалната организација на Академијата.
Тој изразил подготвеност за поддршка на сите иницијативи што ја зајакнуваат улогата на науката и уметноста во развојот на државата.
Македонија
Сиљановска -Давкова: Мајчиниот јазик е чувар на семејната и национална традиција
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, што традиционално го организира Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Во своето обраќање, претседателката нагласи дека мајчиниот јазик не е само инструмент за комуникација, туку и чувар на семејната и национална традиција, на духовното богатство и култура на еден народ. Таа посочи дека образованието на мајчин јазик има клучна улога во интелектуалниот и емоционалниот развој на поединецот, а почитувањето на јазичната разновидност значи почитување на културната различност.
Говорејќи дека јазикот е темел на идентитетот, чувар на колективната меморија во којашто се запишани искуствата на минатите генерации и стремежите на оние кои доаѓаат по нас, Сиљановска-Давкова истакна дека овој ден не е само повод за одбележување на важниoт јубилеј, туку и потсетник за одговорноста што ја носиме кон јазикот како културно наследство и моќно мировно оружје.
Таа потсети на заедничката обврска да го развиваме и унапредуваме македонскиот јазик не само во образованието и науката, туку и во културата, политиката, медиумите и економијата, создавајќи услови за негов развој во чекор со современиот дигитален свет.
Според неа, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ имаше и има особено важна улога во промоцијата и заштитата на стандардниот македонски јазик.
За претседателката јазичната разноликост, како карактеристика на нашата држава, е вредно јазично богатство. Почитувањето и негувањето на јазиците, според неа, ја јакнее културата на дијалог и толеранција и помага во градењето општество во кое различноста се доживува како сила што обединува.
Свечениот настан посветен на мајчиниот јазик, обедини претставници на академската заедница, државните институции и собра на едно место академици, професори и ученици, политичари, љубители на јазикот.
Посебна тежина и убавина на настанот му дадоа учениците од средните и основните училишта, кои рецитираа стихови од познати поети на своите мајчини јазици.

