Македонија
Димитриевски-Рокас: Реформите во администрацијата и правосудството покажуваат дека Владата е на вистинскиот пат
Претседателот на Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски денеска во просториите на партијата, оствари средба со амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Н.Е. Михалис Рокас, а на која присуствуваше и потпреседателот на Движењето, Павле Арсоски.
На средбата стана збор за актуелните политички состојби во државата и процесот на нејзината евроинтеграција.
Претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски во разговорот со амбасадорот Рокас, ги актуелизираше веќе познатите ставови на ЗНАМ во врска со уставните измени, односно нивната одложена примена, а со цел оневозможување на понатамошни блокади на патот на Македонија кон ЕУ.
Димитриевски при тоа рече дека градењето на добрите односи со сите соседи е од клучна важност за нашата држава. Тој потенцираше дека во иднина не смееме да се доведеме во ситуација билатералните проблеми да се решаваат во рамките на европските процеси и да не кочат на нашиот европски пат.
Амбасадорот Рокас многу позитивно ја оцени работата на Владата. Тој, исто така, позитивно ги оцени и реформите што се спроведуваат во јавната администрација и правосудството, како ресори со кои раководат кадри на Движењето ЗНАМ.
Неговата екселенција, амбасадорот Михалис Рокас во разговорот со Димитриевски потенцираше дека напорите на Владата на Република Северна Македонија во борбата против корупцијата и криминалот се од особено значење и за поздравување. Тој рече дека активностите што се преземаат на тоа поле покажуваат дека земјата е на вистинскиот пат и има намера да ги имплементира европските вредности.
На средбата се разговараше и за Коридорите 8 и 10, кои се од особена важност за развојот на економијата на земјата и капиталните инвестиции. Претседателот на ЗНАМ, Димитриевски рече дека од македонска страна се очекува овие инвестиции да бидат и финансиски поддржани од нашите партнери во Европската Унија и НАТО, бидејќи се од стратешка важност за сите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир и Студеничани
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 16.00 часот, корисниците од улиците број 90, 131 и 191, корисниците од околните згради и продавниците кај 26 Јули, објектите на хотелите Хамбург и Аен, казиното Сенатор и адвокатското друштво Калач. (општина Чаир)
· во периодот од 09.00 до 16.00 часот, корисниците од селата Драчевица, Цветово и Алдинци, вили Китка, Мала Река, Принцес, Караџица и Солунска Глава. (општина Студеничани)
Македонија
Без вода дел од Карпош
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради водоводен приклучок од ф – 80 мм на улицата Ристо Равановски бр. 8, без вода ќе останат корисниците од улицата Ристо Равановски во општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди
Променливо облачно со сончеви периоди. Во западните делови ќе има повремен локален дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 10 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност до сабота ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во среда и четврток, кога на повисоките планини врнежите ќе преминуваат во снег. Од среда ветерот ќе го промени правецот во северен.

