Македонија
Димитровска: Осомничениот ми е семеен пријател, разговорите не се поврзани со „Адитив“
Петседателката на Комисијата за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска, вели дека еден од осомничените од случајот „Адитив“, во кој и таа е осомничена за одавање службена тајна, ѝ е семеен пријател. Вели дека разговорите не биле поврзани со случајот.
„Како претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата, сакам да нагласам дека кредибилитетот и интегритетот на институцијата во никој случај не смее да биде оспорен. Принципот на пресумпција на невиност, односно секој е невин додека не се докаже спротивното, како и принципот на владеење на правото, е потребно да се почитуваат. Другите 6 члена на институцијата што ја претставувам немаат никаква поврзаност со делото за кое сум осомничена.
Сакам да ја информирам јавноста дека мојата комуникација со семеен пријател, кој подоцна стана обвинет во случајот „Адитив“, се одвивала во периодот пред да почне постапка за него пред надлежното обвинителство. Од соопштението од ОЈО за ГОКК се согледува дека нашата комуникација траела до декември 2024 година, или пред да му е изречена мерка притвор по оваа мерка кон него, кога јас престанувам со комуникација. Содржината на комуникацијата се однесува на разговори без никаква поврзаност со случајот во предметот „Адитив“. Некои од споделените информации се однесуваат на јавни документи, чија содржина пред нашата комуникација е објавена во јавност, а преостанатиот дел е вообичаена пријателска комуникација“, вели Димитровска.
Таа вели дека комуникацијата е направена без никаква намера да влијае на постапката и истрагата.
„За оваа моја комуникација изразувам жалење и укажувам дека е направена без никаква намера да влијаам на постапката или на кој било аспект од истрагата. Ова го тврдам одговорно. Во Државната комисија за спречување на корупцијата во тек е постапка за проверка на имотната состојба на наведено лице. Со електронската распределба предметот не е доделен за постапување кај мене, а во согласност со утврдените правила немам никаква можност да влијаам врз текот на постапката или врз исходот. Одлуките на ДКСК се носат колективно, со мнозинство гласови на членовите. Целосно ќе соработувам со надлежните правосудни органи и очекувам брза и транспарентна разрешница на настанот. Мерките на претпазливост ќе ги почитувам во целост. До конечно изјаснување на Обвинителството нема да давам дополнителни јавни изјави, освен ако тоа го наложат околностите, водејќи се од интересот на институционалниот интегритет и транспарентност. Очекувам до тогаш да се почитува интегритетот на ДКСК, мојот и интегритетот на моето семејство“, додава таа.
Димитровска се сомничи дека преку апликациите за пораки „Вибер“ и „Воцап“ му одавала службени тајни на друг обвинет за поведени постапки за отворање предмети и одлуки против сега обвинетите фирми и лица во предметот „Адитив“, како и податоци за проверка на имот и на неговото семејство.
Судот ѝ го одзеде пасошот и ѝ определи и забрана за преземање одредени работни активности поврзани со кривичното дело, што подразбира дека осомничената не смее да има контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на ДКСК, воедно не може да гласа и да распределува предмети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Граѓаните „Мој ДДВ“ ќе го добијат на сметка до крајот на ноември
Граѓаните кои редовно скенираат фискални сметки преку апликацијата „Мој ДДВ“ повратот на данокот за третиот квартал годинава ќе го добијат на своите трансакциски сметки до крајот на ноември, информира Министерството за финансии.
Станува збор за парите акумулирани од скенираните сметки во периодот јули–септември, кои согласно правилата се исплаќаат 60 дена по завршување на кварталот.
Од институцијата појаснуваат дека системот за поврат функционира редовно, а доцнење најчесто се случува поради неточни или неажурирани податоци за трансакциската сметка во Управата за јавни приходи. Доколку граѓаните смениле банка или број на сметка, потребно е навреме да ги ажурираат информациите во својот кориснички профил, за да не дојде до враќање или блокада на уплатата.
Македонија
Четириесет дена откако почина Панчо од „ДНК“, колегите од македонската сцена со трогателни пораки
Четириесет дена по смртта на Владимир Блажев, познат на јавноста како Панчо од хип-хоп дуото „ДНК“, социјалните мрежи повторно се исполнети со неговото име. Колегите, пријателите и неговите најблиски денеска споделија спомени, фотографии и емотивни пораки, покажувајќи колку силна празнина остави неговото заминување.
Една од најемотивните објави дојде од пејачката Ана Костадиновска, која долги години беше дел од придружните вокали на ДНК. Таа на Инстаграм сподели неколку заеднички моменти со Панчо, придружени со кратка, но искрена порака што допре многумина: „40 дена. Недостасуваш… Многу!“.
Фотoгрaфиите покажуваат сцени од настапи, патувања и задкулисни моменти – сведоштво за една силна професионална и пријателска врска.
Своја приказна сподели и Елена Ристеска. Таа објави стара фотографија од нивната прва успешна соработка, кога во 2016 година заедно освоија три награди на Македонскиот радиски фестивал – МАРС.
Пејачката Теа Трајковска, која исто така имала свои проекти со ДНК, сподели фотографија со Панчо, со кратка порака дека спомените вечно ќе останат живи.
Панчо, кој трагично ги загуби битките со тешките повреди по пожарот во дискотеката „Пулс“, останува силно присутен меѓу неговите колеги. Тој почина по тешка борба во болница со повредите кои ги доби во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Македонија
700 наместо 200 луѓе на концертот на Аца Лукас , СДСМ бара истрага и одговорност
СДСМ реагира поради приведувањето на српскиот пејач Аца Лукас, потенцирајќи дека на концертот имало преку 700 посетители во локал кој по закон не смее да прими ниту 200 лица. Според партијата, ова покажува дека и полицијата на Тошковски и општината на Митко Јанчев биле запознати со настанот, знаеле дека нема безбедносни услови за негово одржување, но не презеле ништо, дозволувајќи концертот да се случи, кој бил прекинат дури во текот на настанот.
Од СДСМ поставуваат повеќе прашања до надлежните: зошто настанот воопшто бил дозволен и биле пуштени 700 луѓе во ризик, зошто организаторите и сопственикот на локалот не се повикани на одговорност, дали дискотеката ги запазила сите прописи, и дали МВР не повторува ризични практики како во Кочани.
Според информации, полицијата го прекинала настанот дури после полноќ, во 00:10 часот, откако локалот со часови бил преполн.
СДСМ бара итна истрага и санкционирање на сите кои дозволиле да се одржи настанот, од МВР до организацијата, со повик до министерот Тошковски да излезе со одговорност.

