Македонија
Димитров би можел да биде технички премиер на новата Влада, прогнозира германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“
Германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) прогнозира дека Никола Димитров е кандидат за технички премиер на новата влада, во анализата што ја пренесе „Дојче веле“.
Весникот анализира три можни сценарија: актуелното мнозинство да продолжи да владее со нов премиер; да се формира техничка влада која на одреден период би ја предводела земјата. За втората варијанта, весникот пишува дека кандидат за премиер е поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров. Третата варијанта се предвремени избори, кои според ФАЦ, ги турка лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
„Во која насока ќе се развива Северна Македонија предводена од Мицкоски, не е јасно. Формално, ВМРО не ја отфрла целта за членство во ЕУ. Но, во годините на владеењето на Груевски земјата систематски се оддалечуваше од ЕУ. ВМРО не ја признава ниту промената на името, а нејзините политичари и натаму земјата ја нарекуваат Македонија. Тоа може одново да предизвика проблеми во односите со Грција. Сигурно е само тоа дека обидот на Зоран Заев, да ја усогласи целата политика со ЕУ во надеж дека ќе добие барем почеток на преговори, не успеа. А со сигурност никој на потегот меѓу Белград и Тирана во иднина нема да го следи“, пишува ФАЦ.
Весникот понатаму анализира дека оставката на Заев е пораз за Еврпската Унија. Како што се наведува во анализата, „клучно за мандатот на Заев не беше само тоа што му успеа, туку многу повеќе, тоа што му беше ускратено“. На Заев му успеа да постигне компромис со Грција и да го смени името во Северна Македонија „со еден храбар и одважен внатрешно-политички маневар“.
„Неговата храброст не беше наградена, или во најмала рака само со утешната награда за членство во НАТО. Неговата главна политичка цел, почетокот на преговорите со ЕУ, Заев ја пропушти. Тоа не беше негова вина, напротив. Случајот на Заев е школски пример за регионот. Веројатно премиерот на Северна Македонија во заминување ќе биде последниот премиер во регионот кој беше подготвен, за т.н. европска перспектива на неговата земја, да презема огромни политички ризици врз себе. Затоа, поразот на Заев може да важи и за пораз на ЕУ и на нејзината досегашна политика на проширување на Балканот“, се додава во анализата на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Сѐ е исто како во времето на Груевски, затоа и постојано одат со владиниот авион во Будимпешта по нови задачи и насоки“, велат од СДСМ
„55 дена нема одговор од Обвинителството за криминалните тендери, молчи и Државната комисија за спречување на корупција. Нема одговори за 161 тендер за една фрима, 51 тендер преку општините за друга, 74 тендери за трета, нема одговори за 9 милиони евра за фирма со само двајца вработени, за тендерот од 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта“, велат од СДСМ.
„Милионски тендери добиваат едни исти фирми блиски до власта а Обвинителството молчи и не презема ништо. Судството и обвинителството се целосно под контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ. Поставуваат свои луѓе на клучни позиции, носат „реформи“ и закони спротивни на препораките од ЕУ.
Очигледно Обвинителството служи како алатка за заплашување. Безбедосните службите се злоупотребуваат за следење, медиумите од мрежата на Орбан за црни кампањи.
Му се закануваат на претседателот на синдикатот кој се бори за поголема минимална плата за работниците. Го следат дури и кога е со своите деца. Сѐ е исто како во времето на Груевски. Затоа и постојано одат со владиниот авион во Будимпешта по нови задачи и насоки“, соопшти СДСМ.
Македонија
Денеска посебен режим на сообраќај во Скопје
Денеска со почеток од 11:00 часот од страна на Сојузот на синдикати на Македонија ќе биде одржан протест пред Владата на булеварот „Илинден“ и булеварот „Свети Климент Охридски“ и доколку се појави потреба од пренасочување, сообраќајот ќе биде пренасочен по околните сообраќајници.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на Град Скопје.
„Апелираме до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници“, велат од МВР.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Очекуваме Јавното обвинителство темелно и целосно да го расветли случајот со модуларната болница во Тетово
„Сведоштвата на поранешната обвинителка Лејла Кадриу отвораат сериозни прашања за причините и одговорноста за трагичниот настан во модуларната болница во Тетово. Филипче ја составил, потпишал и одобрил техничката спецификација, но доколку постапувал согласно закон и доколку не го интересирале провизии, трагедијата можела да биде спречена“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Модуларната болница во Тетово била изградена без исполнување на минимум стандарди. Наместо овие објекти да служеле за безбедност на граѓаните, истите не биле во согласност со пропишаните стандарди за изградба на објекти од областа на здравството.
Зошто законите не се почитувале и се импровизирало при нивното спроведување?
Зошто не биле доследно применети Законот за градење и Законот за здравствена дејност?
Зошто профитот бил ставен пред јавното добро?
Филипче и СДС наместо безбедноста на граѓаните ги интересирале провизии, анекси и тендери.
Во време на Филипче се вршеле набавки на вакцини од фирма која продава манго и ананас. Дополнително, се делеле физиолошки раствори наместо хемотерапија на Онкологија.
Пожарот во модуларната болница во Тетово исто така се случил поради низа пропусти при изградбата на објектот.
Очекуваме Јавното обвинителство темелно и целосно да го расветли случајот со модуларната болница во Тетово“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

