Македонија
Димитров во Бугарија: Би било антиисторски доколку не ни се блиски односите
По покана на заменик-претседателот на владата и министер за надворешни работи на Република Бугарија, Екатерина Захариева, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, престојуваше во официјална посета на Република Бугарија.
На средбата беа реафирмирани блиските односи помеѓу двете земји и беше заклучено дека постои долгорочен заемен интерес за зајакнување и унапредување на севкупната соработка.
„Ние како држава имаме автентичен интерес да имаме добри односи со Република Бугарија. Антиисториски би било доколку тие не се блиски“, изјави министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
Двајцата министри истакнаа дека потпишувањето на договорот за пријателство, добрососедство и соработка внесе нова позитивна динамика во односите меѓу двете земји. Се разговараше и за напредокот што е постигнат во работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања.
„Ако гледаме заедно кон целта и ако се поддржуваме меѓусебно на тој пат, тогаш таа ќе биде достижна“, истакна Димитров.
Тој упати благодарност до Република Бугарија за поддршката што Република Северна Македонија ја добива за интеграцијата во ЕУ и НАТО, особено преку визијата и трудот на премиерот Бојко Борисов и Захариева.
Во тој поглед особена благодарност беше упатена за неодамнешната ратификација на пристапниот протокол за членството на Северна Македонија во НАТО.
„Чест ми е што сум тука само неколку дена по ратификацијата на пристапниот протокол за членство во НАТО од страна на Народното собрание на Република Бугарија, што е од големо значење за нас“, рече Димитров.
Захариева му заблагодари за истакнувањето од негова страна за време на церемонијата на потпишувањето на пристапниот протокол во Брисел на поддршката на бугарскиот народ и владата на Република Бугарија. Таа изрази надеж дека Комисијата ќе работи уште поинтензивно и по евидентниот напредок во нејзината работа.
Во рамките на посетата Димитров беше примен и од претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, на која исто така се разговараше за начините на продлабочување на соработката меѓу двете земји, како и за евроинтегративните процеси на Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали-Ортиз: разговарано за европската политика, економијата, образованието и културата
Првиот заменик-председател и министер за европски прашања на Северна Македонија, Беким Сали, денеска оствари средба со амбасадорот на Кралството Шпанија, Рафаел Соријано Ортиз.
За време на средбата се дискутираа блиските билатерални односи меѓу Северна Македонија и Шпанија, како и можностите за проширување на соработката во различни области, вклучувајќи ја европската политика, економијата, образованието и културата.
Посебен фокус беше ставен на евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија, со акцент на важноста од напредокот во реформите и исполнувањето на европските критериуми.
Исто така, на средбата се разгледа и реформската агенда која е во тек, со цел зајакнување на институциите, транспарентноста и подобрување на инвестициската клима, поставувајќи ја земјата поблиску до стандардите на Европската Унија. Двете страни изразија подготвеност за продлабочување на соработката и зајакнување на стратешките односи меѓу двете земји.
Македонија
По ревизорскиот извештај, Обвинителството отвори предмет за Општина Охрид
Јавното обвинителство отвори предмет по извештајот на Државниот завод за ревизија за Општина Охрид, во кој утврди дека се граделе хотели и куќи без дозволи, дека општината нема донесено урбанистички планови за 20 населени места, а утврди и неправилности и во финансиското работење на општината.
„Државниот завод за ревизија на 19.12.2025 година го достави ревизорскиот извештај за Општина Охрид до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, од каде извештајот е доставен на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство Охрид. Оформен е предмет и се преземаат дејствија на проверки“, соопштија од ЈОРМ.
Ревизијата утврди дека општината нема донесено урбанистички планови за 20 населени места, а во дел од населените места се изведени градби и градежни активности за индивидуално домување и хотелски комплекс без платен надоместок за уредување на градежно земјиште и без издадени одобренија за градење.
Македонија
(Видео) Филипче: Имам информација дека следи ново задолжување од 300 милиони евра
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на одговор на новинарско прашање информираше дека следува ново задолжување од 300 милиони евра, a државата е соочена со голема криза.
„Следи ново задолжување од триста милиони евра, ќе слушнете наскоро. Мора да се пополнат нови дупки во буџетот. Сум за принципиелна поддршка на барањата на било која група на граѓани во државава, на луѓето им е потребна помош. Гласот на работниците и на синдикатите треба да биде слушнат“, рече Филипче.
Тој, потенцираше дека и во време на најголеми кризи, владата на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија имала континуиран раст на платите.
„Ако за период од седум години минималната плата се дуплирала, пораснала просечната плата, тоа значи дека имало добри економски политики. И тоа се аргументира, имаше странски инвестиции. Во последната година од нашето владеење, странските инвестиции беа близу милијарда евра. Сега ги нема. Сега се десеткувани. Компаниите заминуваат од земјава. Соочени сме со голема криза“, нагласи Филипче.

