Македонија
Димитров во Варшава: Балканот покажа дека знае да се однесува европски и да создава иднина
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на вториот ден од состанокот на министрите за надворешни работи на земјите учеснички во Берлинскиот процес, се обрати на пленарната сесија со работен наслов „Актуелната состојба и цели кои треба да се постигнат во билатералните односи”.
На состанокот, со кој претседаваа полскиот министер за надворешни работи, Чапутович, и германскиот министер Мас, главниот акцент беше ставен на добрососедските односи и размена на ставови и искуства во однос на продлабочување на регионалната соработка и решавање на отворените билатерални прашања, како и размена на добри практики во тој контекст.
Оттаму, воведно обраќање на сесијата имаше Никола Димитров, кој се осврна на двата клучни договори со кои Република Северна Македонија ги затвори сите билатерални прашања со соседите, истакнувајќи ги договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија и преспанскиот договор со Грција како историска пресвртница во билатералните односи во регионот, со кои се отвора можноста за развој на искрено партнерство, базирано на поддршка и соработка, во сите сфери од кои главен бенефит ќе имаат граѓаните.

„Не само што во Бугарија и Грција добивме пријатели кои искрено нè поддржуваат и застапуваат за нашата европска интеграција, туку овие договори се првенствено корисни за реализирање на сè она што е од суштинска важност за сите засегнати – инфраструктурно поврзување, но и општествено, културно, економско. Балканот покажа дека знае да се однесува европски и да создава иднина”, рече Димитров.
На работниот ручек во рамките на состанокот, од страна на домаќинот беа презентирани плановите и целите за претстојниот Самит на Берлинскиот процес, кој ќе се одржи во Познан на 5 јули оваа година, за кој министрите за надворешни работи ги изнесоа своите очекувања во однос на предизвиците и можностите за земјите од Западен Балкан.
На маргините од состанокот, Димитров оствари средба со германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, и со италијанскиот заменик-министер Емануела Клаудиа Дел Ре. На средбите Димитров потенцираше дека Северна Македонија недвосмислено заслужи одлука за почеток на пристапни преговори со ЕУ, што ќе значи зацврстување на нашиот заеднички успех и добра вест не само за нашата држава, туку и за регионот и за самата ЕУ.
Во рамки на Косовското претседавање со Фондот за Западен Балкан, во Варшава беше одржана и министерска коференција на земјите учеснички во оваа регионална иницијатива, на која беа разгледани можностите и начините за ефективна употреба на придобивките од Фондот за Западен Балкан.
Вчера, во Претседателската палата, во рамките на министерскиот состанок за Берлинскиот процес, Димитров учествуваше на работна вечера под покровителство на претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда, на која се зборуваше за младите од Западен Балкан и предизвиците со кои тие се соочуваат, во контекст на Европската Унија, со акцент на Регионалната канцеларија за млади (RYCO).
Тој, исто така, присуствуваше на седницата на Сенатот на Република Полска, на која беше изгласана согласност за Законот за ратификација на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија кон НАТО. По седницата, Димитров беше примен во куртоазна средба од страна на маршалот на Сенатот на Република Полска, Станислав Карчевски, на која беа потврдени пријателските односи меѓу двете земји и се разговараше за можностите за интензивирање на парламентарната соработка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Прочка – празник на искреното меѓусебно простување кај православните верници
Денеска православните верници го слават празникот Прочка.
Овој ден е голем празник за христијаните бидејќи ја претставува искрената волја за срдечно простување меѓу луѓето. Со празникот се поврзани и голем број на обичаи и верувања.
Прочка е ден на меѓусебно простување помеѓу верниците, пред почетокот на Велигденскиот пост. Датумот на празникот се менува во зависност од датумот на Велигден и секогаш е точно на 7 недели пред Велигден.
Од верски аспект, Прочка е една од манифестациите на искрената и пожртвуваната љубов кон ближните, која го следи примерот на Исус Христос за безусловно и безгранично проштевање меѓу луѓето.
Според традицијата, прошка бара помладиот од постариот со зборовите „Прости ми“, а постариот одговара „Простено да ти е од мене и од Бога“.
Со Прочка завршуваат зимските и почнуваат пролетните празници.
Македонија
Променливо облачно со засилен северен ветер
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени сончеви периоди. Во утринските часови, во повисоките предели на северозападот можно е краткотрајно провејување на слаб снег.
Ќе дува умерен ветер од северен правец, а долж Повардарието повремено ќе биде засилен и ќе достигнува брзина до 60 километри на час. Минималната температура ќе се движи од -4 до 4 степени, додека максималната дневна ќе биде меѓу 5 и 12 степени.
Во Скопје ќе преовладува променлива облачност со кратки сончеви периоди. Северниот ветер на моменти ќе засилува, особено во одредени делови од котлината. Утринската температура ќе се спушти до 2 степени, а дневната ќе достигне до 11 степени.
Во текот на новата седмица се очекува стабилно време. Исклучок ќе биде вторник, кога кон крајот на денот, претежно во североисточните делови од земјата, се можни повремени локални врнежи од дожд. Утрaта ќе бидат постудени, а дневните температури ќе бидат во постепен пораст.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.

