Македонија
Димитров во посета на Големото Војводство на Луксембург

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, денеска оствари работна посета на Големото Војводство Луксембург, во чии рамки оствари средба со својот домаќин, министерот за надворешни и европски работи, Жан Аселборн.
Министрите изразија задоволство од заемните заложби за интензивирање на политичкиот дијалог во изминатите месеци што резултираше со две работни посети на министрите за надворешни работи на Република Македонија и Луксембург, во двата правци. Беа разменети мислења за потенцијалот и заемниот интерес во функција на натамошниот развој на севкупната билатерална соработка меѓу Република Македонија и ГВ Луксембург.
Министерот Димитров го брифираше својот домаќин за најновиот развој на внатрешнополитичките состојби, реформската агенда, регионалната соработка, како и заложбите за изнаоѓање компромисно решение за билатералниот спор со Република Грција.
Двајцата министри разменија мислења за препораката содржана во последниот извештај на Европската комисија за Република Македонија и перспективите за добивање датум за отпочнување пристапни преговори. Министерот Аселборн ја реафирмираше поддршката за Република Македонија и ја охрабри Владата да продолжи со реализацијата на внатрешните реформи во насока на реализација на европските и евро-атланските интеграции.
Во рамките на посетата министерот Димитров оствари средби и со претседателот на Парламентот на Луксембург, Марс ди Бартоломео, и членовите на Парламентарната комисија за надворешни и европски прашања, одбрана, соработка и миграции, а во Стопанската комора на Луксембург, пред заинтересирани компании ги презентираше можностите за инвестирање во Република Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утре сончево време со температура до 30 степени

Времето утре наутро ќе биде ведро и посвежо, преку денот сончево. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен северен ветер, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 15, а максималната ќе достигне од 23 до 30 степени.
Во Скопје, сончево, со слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 30 степенiи.
Продолжува периодот на претежно сончево време со посвежи утра и постепен пораст на дневната температура.
Македонија
Почна реконструкцијата и изградбата на шест спортски терени во Гостивар

Општина Гостивар започна со реконструкција и изградба на 6 спортски терени, од кои 4 се спортски терени, еден парк со спортски терен и едно спортско игралиште, на различни населени места во градот.
Од нив, 3 постоечки терени ќе бидат реновирани и опремени со модерна опрема и тартан подлога, додека 3 нови терени ќе се изградат од почеток, според најсовремените стандарди за безбедност, квалитет и функционалност.
„Нашата цел е јасна: да создадеме простори каде што младите ќе поминуваат квалитетно време, ќе се занимаваат со спорт и ќе растат здрави. Овие инвестиции се инвестиции за иднината на нашите генерации,“ – истакна градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани.
Македонија
Злоупотреби со регистрација на половни возила: 11 осомничени, меѓу нив и вработена во МВР

Секторот за внатрешни работи Куманово, во соработка со Одделот за внатрешна контрола и криминалистички истраги при МВР, поднесе кривични пријави против 11 лица поради повеќе кривични дела поврзани со плаќање давачки за увоз и регистрација на половни моторни возила.
Меѓу пријавените е и 43-годишна вработена во МВР – Одделение за управни работи Куманово, осомничена за „злоупотреба на службена положба и овластување“. Пријавен е и 29-годишен контролор во станица за технички прегледи поради „фалсификување исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“. Останатите лица се сомничат за „прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама“ и „давање лажен исказ“.
Според МВР, во текот на 2024 година дел од пријавените договарале сопственици на возила со странски таблици, кои за половина од законските давачки за увоз, добивале регистрација без да ги платат потребните трошоци. Во електронскиот систем биле внесувани податоци за возила без платени царини, такси и надоместоци за регистрација.
Пријавениот контролор во станица за технички прегледи изготвувал и фалсификувани електронски табели налик на оние што ги издава Бирото за метрологија за хомологација на возила.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за понатамошно расчистување на случајот.