Македонија
Димитров: Добрите вести од Шпанија се реалност во март
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денес престојува во работна посета на Кралството Шпанија, на покана на Аранча Гонзалес Лаја, министерка за надворешни работи, ЕУ и за соработка.
На средбата со својот домаќин, Димитров бил информиран дека ратификацијата на Пристапниот протокол е веќе започната во шпанскиот Парламент, по скратена постапка и дека се очекува утре да биде усвоена од Комисијата за надворешни работи на Долниот дом, а веќе следената недела ќе биде ставена на гласање на пленарна сесија во Долниот дом по што постапката ќе продолжи во Сенатот. Очекувањата се дека целата постапка би требало да заврши до крајот на март.
Министрите Димитров и Гонзалес Лаја разговарале и за ЕУ-перспективите на нашиот регион, во светло на новата методологија на ЕК за пристапни преговори.
„Беше изразено очекување дека во март ќе бидат валоризирани севкупните постигнувања и реформски активности на Северна Македонија со што конечно ќе биде донесена позитивна одлука за започнување на пристапните преговори со Европската Унија. Лаја ја реафирмираше шпанската поддршка за Северна Македонија“, соопшти МНР.
„Посетата на Шпанија по подолго време на ниво на МНР се случува во вистинскиот момент, кога од обете страни се очекуваат добри вести. Водејќи се од мислата на Сервантес ‘Да се биде подготвен, значи половина победа’, убеден сум дека ние сме подготвени, а Шпанија ќе биде дел од заедничката победа и успешните вести од нашиот регион”, рече Димитров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

