Македонија
Димитров: Заедништвото е очигледно во оваа значајна историска мисија
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска во Прага учествуваше на состанокот со министрите од земјите од вишеградската група (V4) и земјите од Западен Балкан (WB6). На состанокот присуствуваше и комесарот за соседство и проширување на ЕУ, Оливер Вархељи, министрите за надворешни работи на Хрватска и Словенија и претставник од Австрија.
Поддршката на земјите од регионот на Западен Балкан за нивната европска интеграција и регионалната соработка беа во главниот фокус на дебатата. Министрите за надворешни работи присутни на состанокот уште еднаш ја потврдија неопходноста од почнување на преговорите со Северна Македонија и Албанија и упатија порака за донесување позитивна одлука што побргу.
Димитров, по завршувањето на пленарната сесија, имаше изјава за медиумите во името на земјите од Западен Балкан на заедничката прес-конференција со домаќинот Петричек и еврокомесарот Вархељи.
„Зборувам во името на шесте земји од Западен Балкан, географски блиски и опкружени со ЕУ земји членки. Благодарност до чешкото претседателство на вишеградската група за одржување на политиката на проширување, т.е. комплетирање високо на агендата и за овој состанок со навистина одличен тајминг. Овој собир е знак за заедништво – без Западен Балкан не може да биде возможна целосна, просперитетна, стабилна и безбедна Европа. Постојат разлики меѓу земјите, но едно е исто – споделуваме заедничка европска иднина. Заедништвото е очигледно во оваа значајна историска мисија“, рече Димитров.
Новата методологија на Европската комисија, очекувањата од мартовскиот Европски совет и агендата на самитот во Загреб исто така беа разгледани.
На маргините на состанокот се потпиша меморандум за разбирање помеѓу Меѓународниот фонд на Вишеград и Фондот за Западен Балкан, што претставува уште една потврда за заложбата на земјите од вишеградската група за поддршка на нашиот регион.
Оваа група е меѓу поддржувачите на ЕУ-перспективата на земјите од Западен Балкан. Република Чешка претседава со вишеградската група од 1 јули 2019 година.
Министерот Димитров оствари и билатерална средба со МНР на Словачка, Мирослав Лајчак, на маргините на денешниот состанок. Недвосмислената поддршка за коригирање на испуштеното во октомври беше уште еднаш нагласена од страна на словачкиот министер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали – Џанел: Холандската поддршка значајна за реформите и евроинтеграцијата
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со амбасадорката на Кралството Холандија, Озлем Џанел.
На средбата се разговарало за европската интеграција, спроведувањето на Реформската агенда и билатералната соработка. Министерот Сали нагласил дека членството во ЕУ останува стратешки приоритет, како и целосната усогласеност со Владеење на правото.
Било дискутирано и за уставните измени како предуслов за отворање на кластерите, како и за напредокот во рамки на Кластерот „Темелни вредности“. Воедно било истакнато дека третото барање за исплата на средства е доставено навремено, со значителен напредок во реформските чекори.
„Двете страни ја потврдија подготвеноста за понатамошно продлабочување на соработката во областа на реформите и владеењето на правото“, соопштија од Министерството.
Македонија
ССМ: Ако газдите не се одважат да дадат дел од колачот на работниците, ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денес напладне ги блокираше стопанските комори во Скопје кои одбиваат да се согласат минималната плата да се големи на 600 евра, а сите останати да се зголемат за 100 евра. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, од улица им кажа на газдите во коморите, за кои смета дека избркале цели семејства надвор од државата, дека се оставени да бидат единствени виновници што не се покачува минималната плата.
„Владата веќе кажа дека се договарала со своите вработени, па ги остави газдите да бидат виновни за идниот генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
Им порача на газдите дека понудата за зголемување на минималната плата е се уште на маса, но нема да остане уште долго оти следниот пат ќе се појават со генерален штрајк. Кажа дека во неработен ден ќе организираат голем работнички протест со организиран превоз за работниците, за да се даде шанса на секој работник да им се придружи.
Претседателот на ССМ Трендафилов објасни дека пред коморите, исто како и пред Собранието, се појавиле со само 21 работник оти толку бара законот, но да немало такво ограничување тој кажа дека бил подготвен за застане сам за да ги заштити работниците да бидат сликани и снимани.
Потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски, кажа дека се подготвени секојдневно да им бидат пред очи и на пратениците и на газдите.
„Доколку газдите не се одважат дел од колачот да го дадат на работниците кои во минатото им го овозможиле тој профит, ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица со нив, со блокади со шатори и секој еден ден да ги потсетуваме дека повеќе за тие плати нема да работиме“, рече потпретседателот на ССМ, Пешевски.
За вторник следната недела ССМ најави блокада на Владата, пред повторно да преминат на нов голем работнички протест и генерален штрајк.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, денес кажа дека блокадите и протестите на ССМ имаат политичка заднина и во деновите што доаѓаат на македонската јавност ќе и покаже како лицата кои блокираат се поврзани со опозицијата.
Македонија
Кривична пријава против поранешен директор на „Водовод“ – Кочани за местење тендер од 1,4 милиони денари
Полицијата поднесе кривична пријава против A.К.(44), поранешен директор на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ – Кочани, З.Г.(53), вработен во претпријатието, Б.А.(64), исто така, вработен во претпријатието и против З.Ј.(55) поранешен вработен во јавното претпријатие, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Второпријавениот, како претседател на Комисија за спроведување на јавна набавка, и трето и четвртопријавените, како членови на Комисија за спроведување на јавна набавка, во текот на 2021 година постапиле спротивно на одредбите на Законот за јавни набавки и спровеле постапка за јавна набавка на стоки – средство за превентивна санација од пожари на Градската депонија, при што составиле и усвоиле тендерска документација која содржела спецификација за продукти кои не постоеле на пазарот со цел да ја ограничат конкуренцијата меѓу економските оператори и фаворизирање на правно лице од село во општина Могила.
Првопријавениот, иако бил должен да увиди дека постапката не е спроведена согласно Законот за јавни набавки, донел Одлука за избор на најповолен понудувач и во име на КЈП „Водовод“ Кочани склучил договор со што му овозможиле на операторот да се стекне со противправна имотна корист од 1.406.306 денари.

