Македонија
Димитров за оставката на Коѕијас: Ги приближивме земјите и склучивме историски договор
За една година успеавме да направиме нешто што во претходните 27 години се сметаше за невозможно – ги приближивме нашите две земји и го склучивме историскиот договор од Преспа. Ваков е коментарот на министерот за надворешни работи, Никола Димитров, за оставката што вчера ја поднесе неговиот грчки колега, Никос Коѕијас.
Во коментарот Димитров наведува дека, предводени од премиерите, двајцата успеале по интензивни месеци на комуникација да станат вистински пријатели.
„Во период од една година направивме нешто што во претходните 27 години се сметаше за невозможно – ги приближивме нашите две земји и го склучивме историскиот договор од Преспа, градејќи мост на пријателство и докажувајќи дека и нашиот регион може да решава спорови и да создава иднина. Никос, од срце ти посакувам добро здравје и успех во сите идни предизвици. Од наша страна, ние ќе продолжиме со силна посветеност кон заокружување на ова историско решение, заедно со останатите прогресивни и демократски сили во Скопје и Атина“, наведе Димитров во коментарот за оставката.
Коѕијас вчера ја напушти министерската функција, ден по тензичната седница во владата во Грција, каде тој влезе во конфронтација со министерот за одбрана, Панос Каменос, по повод договорот за името. Грчкиот премиер, Алексис Ципрас, ја презеде функцијата министер за надворешни работи за да обезбеди успешно завршување на договорот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и на Стража
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, извести АМСМ.
Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на планинскиот превој Плетвар, а до 80 метри на планинскиот превој Стража.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.
Македонија
Без струја денеска дел од Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00-15:00 часот дел од улицата Тиквешка, улицата Нов Живот, улицата Индира Гранди, улицата Брсјачка Буна, улицата Овчеполска, улицата Пелагонија, улицата Демирхисарска, улицата Злетовска, улицата Слан Дол, улицата Хаџи Јован Шишков, општина Шуто Оризари.

