Македонија
Димитров: Она што го постигнуваме дома е препознаено во срцето на Европа
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, работната посета на Берлин ја заокружи со денешните средби со пратеникот на ЦДУ/ЦСУ во германскиот Бундестаг, Јохан Вадефул, со советникот за надворешна политика на канцеларката Меркел, Јан Хекер, како и со претставниците на германското Министерство за надворешни работи, Томас Осовски, ополномоштеник за ЕУ, и Сузане Шуц, ополномоштеник за Југоисточна Европа.
Евидентниот позитивен став на релевантните политички фактори на Германија во однос на очекуваната одлука за пристапни преговори со ЕУ во октомври беше потврден и во овие разговори на Димитров со соговорниците.
„Позитивните и исклучително важни и едногласни пораки од претставниците на германската извршна и законодавна власт, како и на експертската заедница, се најсилниот аргумент за нас дека она што го правиме и постигнуваме дома е препознаено во срцето на Европа. Тие се и охрабрувачки мотив да продолжиме со несмалено темпо во ист правец бидејќи само така заокружувањето на европското обединување со земјите од Западен Балкан ќе стане непосредна реалност“, рече Димитров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проданоски и Андоновски од Прилеп: Безбедниот интернет е заедничка одговорност
Во Прилеп денеска беше одбележан Меѓународниот ден на побезбеден интернет – 11 февруари, со јасна порака дека дигиталната безбедност на децата и младите мора да биде врвен приоритет. Настанот се одржа во ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“, во присуство на градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Активноста беше реализирана во рамки на проектот MKSafeNet – Центар за побезбеден интернет на Македонија, преку кој на учениците, родителите и наставниците им се приближуваат конкретни алатки и насоки за безбедно користење на интернетот. Фокусот е ставен на превенција, родителска контрола и создавање сигурна дигитална средина.
Настанот имаше едукативна и интерактивна содржина, со што учениците на разбирлив и прилагоден начин учеа како да препознаваат ризици во онлајн просторот и како одговорно да ги користат дигиталните содржини. Преку разговори и практични примери беше нагласено дека интернетот може да биде простор за знаење, креативност и развој, но само доколку се користи внимателно и со поддршка од возрасните.
„Безбедниот интернет не е избор, туку обврска на сите нас – институциите, училиштата, родителите и младите. Само со заеднички пристап можеме да создадеме сигурна дигитална средина“, беше пораката упатена од настанот.
Од Општина Прилеп истакнаа дека соработката со Министерството за дигитална трансформација продолжува и во наредниот период, со цел унапредување на услугите и зајакнување на дигиталната писменост кај најмладите
Македонија
До крајот на денот претежно облачно, утре со повремен локален дожд во утринските часови, преку денот со сончеви периоди
Времето до крајот на денот ќе биде претежно облачно. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на планините на северозапад врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен, а наместа во источните делови и долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Утре ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.
Македонија
Сали – Памер: Австрија останува силен поддржувач на европската перспектива на Северна Македонија
Министерот за европски прашања и прв заменик-претседател на Владата, Беким Сали, оствари работна средба со амбасадорот на Република Австрија, Мартин Памер, на која беа разгледани тековните реформски процеси и соработката со австриските партнери.
Во разговорот беше нагласено значењето на континуираната поддршка од Австрија за европската интеграција на Северна Македонија, како и усогласеноста на австриската развојна соработка со националните реформски приоритети.
Сали информираше за тековните активности поврзани со спроведувањето на Реформската агенда и подготовките за отворање на преговарачките кластери, со посебен акцент на владеењето на правото, реформата на јавната администрација и подобрувањето на институционалните капацитети.
Соговорниците разговараа и за можностите за понатамошна соработка преку европските инструменти, особено во области поврзани со доброто владеење, животната средина и јакнењето на административните структури.
На средбата беше изразена заедничка подготвеност за продлабочување на партнерството и за подобра координација на развојната помош во насока на поддршка на реформските процеси и европската интеграција на државата.

