Македонија
Димитров: Регионот ѝ припаѓа во секој поглед на Европската Унија
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на покана на неговиот босански колега, Игор Црнадак, учествуваше на Состанокот на министри за надворешни работи на земјите од Западен Балкан и на Министерската конференција за Фондот за Западен Балкан.
Министрите заеднички ја поздравија Стратегијата за проширување на Европската комисија и се согласија дека претстојните месеци се пресудни за европската иднина на земјите од Западен Балкан. Главен фокус за време на министерската дискусија беше евалуацијата на реализираните чекори, кои беа заеднички договорени на последниот Самит во Трст, како и содржинската подготовка за претстојниот Самит за Западен Балкан што ќе се одржи во Лондон, во јули оваа година.
Димитров истакна дека сега е вистинскиот момент кога земјите од Западен Балкан треба да се најмногу сплотени и заеднички да ја градат својата европска перспектива со цел побрзо интегрирање во европското семејство. Исто така, министерот нагласи дека регионот е на добар пат и тоа е очигледно од нагласената јасна политичка волја на земјите од регионот за европска интеграција. Регионот има јасна европска перспектива и припаѓа во секој поглед во Европската Унија – беше главниот заклучок на состанокот.
„Ако сакаме да го задржиме ова темпо, овој моментум и оваа детерминираност, мора да имаме стимул – политичка одлука за отпочнување на пристапните преговори во јуни. Одговорноста за отклучување на вратата за влез во ЕУ е заедничка, и само тогаш може да зборуваме за кредибилност на стратегијата за проширување“, порача Димитров.
На Министерската конференција за Фондот за Западен Балкан беа разгледани сите можности и начини за ефективна употреба на придобивките од Фондот за Западен Балкан, при што беше истакнато дека најголема потреба од инвестиции има во инфраструктурата, област од особена важност за меѓусебната поврзаност на регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

