Македонија
Димитров – Рот: Време е заеднички да покажеме европска солидарност
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, одржа дигитална средба со својот германски колега, државниот министер за Европа на Сојузна Република Германија, Михаел Рот. Со оглед на ситауцијата на пандемијата со Ковид-19, средбата беше одржана преку видеоконференциска врска заменувајќи ја на тој начин работната посета на германскиот министер на земјата, која првично беше планирана да се оствари на 17 март.
Двајцата министри разговараа за состојбата во Европа поврзана со пандемијата на вирусот Ковид-19 и преземните мерки за заштита на јавното здравје. Разменија мислења за опсегот на кризата, влијанието врз економијата и начините за ублажување на последиците согласувајќи се дека заемната солидарност и напорите за заеднички пристап при справување со последиците во наредниот период ќе бидат од особена важност. Вториот дел од разговорот го посветија на ЕУ-аспирациите на Северна Македонија и очекувањата во пресрет на Советот за општи работи закажан за 24 март.
„Светот е исправен пред огомен предизвик. Со германскиот министер Рот демонстриравме пошироко европско заедништво и солидарност. Како и претходно со примерот со миграциската криза, така и сега евидентно е дека Ковид-19 не познава граници, нема национална припадност и нè напаѓа еднакво сите во Европа. Затоа, заеднички би сакале да повикаме кон вклучување на сите земји од Западен Балкан, без разлика на нивниот ЕУ-интеграциски стаус во сите платформи на ЕУ за координација на одговорот кон справување со вирусот. Во таа насока ја повикувам ЕУ, покрај поддршката за своите земји членки, да даде поддршка во ублажување на социо-економските последици и за земјите од нашиот регион. Сите наши држави презедоа вонредни мерки за заштита на здравјето на нашите граѓани во смисла на ограничување на патувањето, но мораме истовремено да осигураме дека неопходните животни продукти и лекови ќе продолжат да се движат помеѓу границите на ЕУ и во регионот. Истото важи и за заедничко обезбедување непречено враќање дома на граѓаните што се во тешка ситуација, со откажани авионски летови и блокирани во пограничните зони во светот. Кусо кажано, време е заеднички да покажеме европска солидарност“, рече Димитров.
Беа разменети мислења и за европската перспектива на Северна Македонија и очекувањата на Советот за општи работи на ЕУ, кој треба да се одржи на 24 март, како и впечатоци од дискусиите на земјите членки на ниво на ЕУ КОРЕПЕР-амбасадорите во Брисел, кои вчера и денес се во тек.
„Ќе биде многу важно по влогот што го направи, Северна Македонија да може да ја премине линијата и да може да се прогласи заеднички европски успех. Посебна привилегија во овие моменти е да се добие силна поддршка од Германија, која е докажан и голем пријател и искрен поддржувач на нашата европска перспектива“, истакна Димитров.
Министерот Рот се согласи дека е неопходна солидарност од страна на ЕУ. Изрази надеж дека ЕУ ќе успее набргу да ѝ помогне на Северна Македонија во справувањето со последиците од пандемијата врз економијата за да може колку што е можно полесно да ги преброди. Се осврна и на очекувањата од Советот за општи работи за кој изрази надеж дека ќе се одржи на 24 март и дека ќе успее да донесе позитивни вести за Северна Македонија со оглед дека, кога реформите соодветно ќе се спроведат, тоа соодветно треба да биде наградено.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

