Македонија
Димитров до Ковачевски: Не е точно дека земјите членки на ЕУ ја оправдуваат уцената на Бугарија со историјата
Никола Димитров ја критикува изјавата на премиерот Ковачевски дека сите земји членки на ЕУ ја оправдувале уцената на Бугарија со историјата.
„Изненадува изјавата на премиерот Ковачевски, кој вели дека сите земји членки на ЕУ ја оправдувале уцената на Бугарија со историјата. Прво, тоа воопшто не е точно. Од каде му е тој впечаток на премиерот!? Јас постојано сум во земјите членки во последните години, и од позиција на министер, ама и сега, и ниту гледав ниту гледам разбирање за анахроните антиевропски бугарски позиции. Впрочем, поплаките во Софија дека нема доволно солидарност кон нив и дека не се разбрани се јавна тема кај комшиите веќе подолго време. А на истата линија беа и обвинувањата кон мене директно од Софија оти практично им ги разобличував тезите обезбедувајќи да бидат осамени во небулозите. Изјавата на Ковачевски е во најмала рака невнимателна. Но, исто така може да биде и опасна и лесно да биде злоупотребена како притисок токму врз македонските позиции оти оди на линија на Радев, кој упорно пласира вакви тези веројатно терајќи домашна политика со прашањето.
Конечно, македонската Влада и дипломатијата мора повторно да се разбудат и да продолжат да ги разобличуваат анахроните обиди и аргументи за разнебитување на македонскиот идентитет, што речиси целосно се поклопуваат со рускиот наратив за Украинците, без разлика што тоа можеби нема да им се допаѓа на носителите на оваа политика во Софија.
Бидејќи пријателство изградено на криви основи, едноставно нема да опстои. Бугарија има подобра преговарачка позиција бидејќи е земја членка, но токму затоа не смееме да престанеме да потсетуваме дека на наша страна се принципите, европските вредности и меѓународното право. И да се бориме за нив. И да бараме помош кај другите земји членки бидејќи се бориме и за образот на Унијата. А не да се навлекуваме на бугарските тези дека поведението им е прифатено и поддржано, па ние ќе се срамиме и ќе се стегаме гласно да викнеме дека ни се газат основните права и достоинство? Или ќе направиме Радев да се срами кога вели дека ЕУ не смеела да го легитимира македонизмот“, напиша Никола Димитров на својот фејсбук-профил.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одлуки за учество на припадници на Армијата на вежби во Германија, Бугарија, Косово
Владата на денешната седница донесе и повеќе одлуки на предлог на Министерството за одбрана, меѓу кои и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „BEYOND HORIZON 24“, во Република Бугарија, за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „Combined Resolve 24-2“ во Сојузна Република Германија.
Македонија
Личните документи ќе можат да се подигнат и в среда, извести МВР
Во пресрет на претстојните Претседателски и Парламентарни избори што ќе се одржат утре, Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека Одделот за граѓански работи, односно сите отсеци за управни работи на оваа организациона единица при МВР на 08.05.2024 ќе работат за издавање на лични документи со работно време од 08.00 до 19.00 часот.
„Исто така ги известуваме граѓаните дека сите барања за лични карти кои се поднесени до 03.05.2024 година, се веќе изготвени и граѓаните можат да ги подигнат“, соопшти МВР.
Македонија
Пронајдени три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми, ОЈО Велес отвори истрага за недозволено држење оружје
Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 на Кривичниот законик.
„При претрес во домот на осомничениот во селото Мелница, општина Чашка, полицијата пронашла поголемо количество оружје и муниција – три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми со различен калибар. За осомничениот поднесен е предлог за определување мерка притвор“, соопшти Обвинителството.
ОЈО Велес продолжува да постапува и да презема дејствија за проверка на сомненијата за изборен поткуп во однос на овој осомничен и на уште едно лице во велешко кај кое во текот на вчерашниот ден беа извршени претреси, се додава во соопштението.