Македонија
Димитров учествуваше на министерски состанок на земјите членки на НАТО
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денес во Брисел учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО, кој претставува подготвителен состанок пред декемврискиот НАТО-самит во Лондон.
На состанокот Димитров ги претставил позициите на Северна Македонија по однос на актуелните прашања за единството и безбедноста на трансатлантската заедница.
„Димитров ја акцентира посветеноста на нашата држава на темите од клучно значење за алијансата: праведна распределба на финансискиот товар, борбата против тероризмот, концептите на НАТО за одвраќање и одбрана и за проектирање стабилност, контрибуција во меѓународните операции, справување со неконвенционалните безбедносни закани и др.“ соопштија од МНР.

Тој изразил задоволство од динамиката и брзината со која се одвиваат националните процедури за ратификација на пристапниот протокол за членство во НАТО, со што, како што рекол, се исполнуваат заедничките очекувања на нашата земја и на сојузниците дека набргу и формално ќе станеме членка на алијансата.
Димитров рекол дека Северна Македонија и како идна земја членка на НАТО ќе продолжи со напорите за развивање на националните капацитети во склад со заедничките способности на НАТО и на линија на политиките и потребите на алијансата.
Како што соопштија од МНР, Димитров имал средба со грчкиот колега Никос Дендијас, на која станало збор за подготовка и координација на активностите поврзани со претстојната посета на Дендијас на Скопје следната недела на 26 ноември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:30 до 15:30 часот, дел од корисниците на улицата Новопроектирана 2, дел од локали и згради на булеварот, Партизнаски Одреди бр.15-17 и дел од локали и згради на булеварот Климент Охридски, општина Центар.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредниот период
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.

