Македонија
Димковски му ја предаде функцијата министер за земјоделство на новиот министер Николовски
Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, официјално му ја предаде функцијата на новиот министер Љупчо Николовски. Примопредавањето се случи на терен, на откупен пункт на тутун во населбата Драчево. Со ваквото примопредавање праќаме силна порака, секогаш ќе бидеме на терен со земјоделците за заеднички да создаваме мерки и да ги решаваме проблемите, порачаа Димковски и Николовски.
Димковски во изјава за медиумите потенцира дека Николовски е човек што одлично го познава секторот земјоделство, се враќа повторно на министерското место.
„Мене ми е многу драго што имам чест токму јас да му ја предадам функцијата на новиот министер. Пред две години тој ми искажа доверба да продолжам да го водам секторот на негово место, а еве денес токму Николовски се враќа на министерското место“, изјави Димковски и дополни дека во иизминатиот период направено е многу во секторот земјоделство. Тој упати честитки и искажа силно уверување дека новиот тим ќе продолжи да работи посветено за завршување на почнатите проекти и дека сигурно ќе креира нови мерки и нови проекти за развој на земјоделскиот сектор.
Николовски потенцира дека днешеното примопредавање е на терен заедно со земјоделците, со тутунарите, а не во канцеларија, со цел да се прати порака дека оваа пракса ќе се продолжи и во наредниот период.
„Секогаш ќе бидеме на терен со земјоделците, секогаш ќе го слушаме гласот на земјоделците и ќе бараме решение на проблемите. Силно ќе се борам во македонската Влада за секој сектор во рамките на земјоделството да ја зголемуваме поддршката, да правиме нови реформи, да се грижиме, да има повеќе пари за земјоделството, да има подобар пласман, земјата да продолжиме да ја даваме на вистинските земјоделци, да имаме што пониски трошоци за произвдството за што ние треба да се грижиме и државата секогаш да помага. И овој прв ден го почнуваме не во Министерството, туку на терен со средби и ќе продолжиме секој ден со интензивни теренски средби со земјоделците. Само така може да ги дознаеме вистинските проблеми и само така може да наоаѓаме решенија и поддршка за нив“, рече новиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Николовски.
Притоа Николовски посочи дека ќе продолжат политиките на ставање во функција на целокупното земјоделско земјиште, сите природни богатства во функција на земјоделството, во функција на руруалниот развој, ќе продолжи грижата за младите земјоделци и што повеќе млади луѓе да се ангажираат во земјоделството, да се изградат модерни откупно-дистрибутивни центри, а државата ќе продолжи да инвестира во овој столб на македонската економија.
Тој дополни дека македонскиот земјоделец, конечно, по 11 години, го доби заслужениот статус во општеството, неговиот труд е препознанен и вреднуван. Од јуни 2017 се воспостави пракса на навремена и неселективна исплата на субвенции. Земјоделците првпат почнаа да ги добиваат субвенциите тогаш кога им се потребни пред почетокот на новата производствена сезона. Првпат за тутунарите го воведовме моделот на повисоки субвенции за тутунот по класи, донесовме нов Закон за тутунот и тутунскиот производи, се укинаа евидентните листови, се уредија и регулираа производството, прометот и контролата на електронските цигари. Се зголемија развојните субвенции за 20 %. Првпат се воведе мерката зелена нафта за 50 отсто кофинансирање на трошоците за набавка на нафта. Решивиме деценски проблеми на земјоделците што се таложеја со години, како што беше исплата на долгот од „Повардарие“ кон лозарите. Се спроведоа многу огласи за земјата да биде кај вистинските земјоделци. Ги мотивиравме младите земјоделците да придонесуваат за овој сектор преку воведување грантови од 20.000 евра, на жените земјоделки со грантови од 3.000 евра. Се почнаа крупни капитални инвестиции во водстопанството. Северна Македонија првпат стана лидер во искористеноста на европските ИПАРД-фондови.
Николовски и Димковски посочија дека и во наредниот период Владата со над 200 милиони евра годишна вкупна финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ќе ја продолжи поддршката за развојно и одржливо земјоделство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

