Македонија
Димовски: Во Македонија се донесоа тешки и болни одлуки кои заслужуваат почит од сојузниците на НАТО
Делегација на македонскиот парламент, предводена од пратеникот Илија Димовски, шеф на македонската делегација во Парламентарното собрание на НАТО, денеска присуствуваше на состанок на Северноатлантскиот совет. Во делегацијата е и потпретседателот на Собранието на Република Македонија, Весел Мемеди.
Денешниот состанок на Северноатлантскиот совет беше претседаван од генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, а во присуство на високи претставници од парламентите на 29 членки, меѓу кои и спикерот на Конгресот на САД, Ненси Пелоси, која лично до пратеникот Илија Димовски и до македонската делегација ги пренесе честитките до македонскиот народ во име на Конгресот на САД.
На состанокот на Северноатлантскиот совет свое обраќање имаше Димовски, кој истакна дека во Македонија се донесоа тешки и болни одлуки и затоа заслужуваат посебна почит од сите НАТО-сојузници. Потенцирајќи ја посветеноста на Македонија уште од далечната 1993 година кога првпат Собранието ја утврди својата определба за членство во НАТО, побара забрзана ратификација на протоколот за членство во НАТО од парламентите на сите 29 држави членки, но и се заблагодари на колегите од грчкиот, албанскиот и од словенечкиот парламент, кои веќе го сториле тоа.
Денешниот состанок на Северноатлантскиот совет македонската парламентарна делегација ја искористи за билатерални средби со претставници на парламентите од повеќе НАТО-држави, при што повторно побара забрзана ратификација на протоколот за членство на Македонија од своите колеги во сите 29 членки. Очекувањата на македонската делегација се дека процедурата за ратификација на протоколот за членство ќе оди брзо и без пречки во сите парламенти на државите членки на НАТО.
Парламентарната делегација ќе ја продолжи својата посета во НАТО и во следните два дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одлуки за учество на припадници на Армијата на вежби во Германија, Бугарија, Косово
Владата на денешната седница донесе и повеќе одлуки на предлог на Министерството за одбрана, меѓу кои и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „BEYOND HORIZON 24“, во Република Бугарија, за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „Combined Resolve 24-2“ во Сојузна Република Германија.
Македонија
Личните документи ќе можат да се подигнат и в среда, извести МВР
Во пресрет на претстојните Претседателски и Парламентарни избори што ќе се одржат утре, Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека Одделот за граѓански работи, односно сите отсеци за управни работи на оваа организациона единица при МВР на 08.05.2024 ќе работат за издавање на лични документи со работно време од 08.00 до 19.00 часот.
„Исто така ги известуваме граѓаните дека сите барања за лични карти кои се поднесени до 03.05.2024 година, се веќе изготвени и граѓаните можат да ги подигнат“, соопшти МВР.
Македонија
Пронајдени три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми, ОЈО Велес отвори истрага за недозволено држење оружје
Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 на Кривичниот законик.
„При претрес во домот на осомничениот во селото Мелница, општина Чашка, полицијата пронашла поголемо количество оружје и муниција – три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми со различен калибар. За осомничениот поднесен е предлог за определување мерка притвор“, соопшти Обвинителството.
ОЈО Велес продолжува да постапува и да презема дејствија за проверка на сомненијата за изборен поткуп во однос на овој осомничен и на уште едно лице во велешко кај кое во текот на вчерашниот ден беа извршени претреси, се додава во соопштението.