Македонија
Директорот на БЈБ, Јанев: На патиштата има се’ повеќе тешки сообраќјни несреќи, неопходно е засилување на реакцијата на терен
Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев, во Велес одржа работни состаноци со раководството на овој Сектор за внатрешни работи, како и со претставници и одговорни лица од релевантни институции од областа на безбедноста во сообраќајот.
Првенствено, работните средби беа фокусирани на унапредување на сообраќајната и општата безбедност во државата и регионот Велес, со посебен аналитички осврт во делот на тековните состојби во безбедноста на сообраќајот, при што беа предложени низа конкретни насоки за поефикасна акција.
Во тој контекст, директорот Јанев, оценувајќи ја состојбата на патиштата за сериозна, со се позачестини тешки сообраќајни незгоди, дел од нив и со загубени човечки животи, потенцираше дека покрај потребата од засилена меѓуинституционална координација неопходно е засилување на секојдневната реакција директно на терен.
Според Јанев, суштинско е почитувањето на сообраќајните правила и прописи да стане културна и етичка матрица на поведение, како во интерес на личната безбедност, така и во интерес на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
На средбите беше, меѓу другото, најавено дека полициските мотоцикли, кои што и досега дејствуваа на целата територија на државата, сега посебно во екот на летната сезона, кога управувањето на мотоцикли од сите возрасни категории граѓани е драстично зголемено, ќе бидат застапени со дополнително зголемено присуство и мобилност на терен.
Во рамки на напорите за зголемување на ефикасноста, како што беше посоченои на средбите се користат и најсовремените алатки и уреди на Интерпол за откривање на возила предмет на меѓународна потрага.
„Овие современи алатки ни овозможуваат да бидеме чекор понапред пред криминалот. Ова е дел од нов пристап – каде што секој систем, секој ресурс и секој човек е ставен во функција на заштита на граѓаните“, истакна директорот Јанев.
Средбите тематски беа фокусирани и на општата безбедносна сотојба на регионално ниво како во поглед на јавниот ред и мир, така и во делот на криминалитетот, па се до насилството меѓу младите, односно врсничкото насилство и улогата на полицијата во заедницата. Во тој контекст директорот Јанев имаше средба и со градоначалникот на општината Велес, Марко Колев, на која што заеднички беа договорени конкретни чекори за подобра координација меѓу општинските и државните институции, со фокус на превенцијата, сообраќајната инфраструктура, општинската инфраструктура и јавната безбедност.
Инаку, денешните средби во Велес се дел од поширока стратегија за подигнување на нивото на безбедност во сите сегменти – со фокус на безбедноста на граѓанинот, односно неговиот живот и сигурноста во секоја локална средина, или како што истакна директорот Јанев – „Полицијата нема привилегија – има должност: да биде секогаш на страна на граѓанинот, да служи, да штити и да делува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Таравари поднесе тужба за клевета против Изет Меџити
Претседателот на поделената Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, преку својот адвокат, Aбидин Абдули, вчера поднесе тужба за клевета во Основниот суд Скопје 2 против градоначалникот на Чаир, Изет Меџити.
Тужбата доаѓа по изјавите дадени од Меџити во телевизиска емисија на „Лајм“, каде што тој тврдел дека Таравари за време на својот мандат како министер, издал седум лиценци за фабрики за преработка на канабис.
Според соопштението, пред поднесувањето на тужбата бил даден и законски рок за јавно извинување, кој Меџити не го искористил.
Таравари категорично ги демантираше овие обвинувања, оценувајќи ги како невистинити и клеветнички. Тој претходно најави дека ќе преземе правни чекори доколку не биде упатено јавно извинување за дадените изјави.
Со поднесувањето на тужбата во Основниот суд Скопје 2, случајот сега се очекува да добие институционален тек.
Македонија
Пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, го оштетил буџетот за 1,4 милиони денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари, две други лица и еден правен субјект, за злоупотреби и несовесно работење со што го оштетиле буџетот на општина Кичево за сума од над 1.400.000 денари.
„ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Ф.Д.(52) од кичевското село Србица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, против Б.К.(46) од кичевското село Аранѓел поради постоењер основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, против Д.С.(41) од кичевското село Длапкин Дол за сторено кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, како и против едно правно лице со седиште во Длапкин Дол“, соопшти МВР.
На 08.01.2025, Ф.Д., во својство на градоначалник на општина Кичево, искористувајќи ја својата службена положба донел план за јавни набавки за 2025 година на општина Кичево спротивно на одредбите од Законот за комунални дејности. Иако, општина Кичево има јавно комунално претпријатие, Ф.Д. сите комунални дејности ги доверил на пријавеното правно лице со седиште во Длапкин Дол со намера да се стекне со поголема имотна корист на штета на буџетот на општина Кичево.
Второпријавениот, одговорно овластено лице за одржување на зелени површини, пропуштил должен надзор и несовесно постапил во вршењето на своите овластувања и должности, додека третопријавениот во својство на управител во правното лице, свесно ги повредил прописите на постапката за јавен повик.
Со тоа, вкупно исплатените парични средства за одржување на зеленилото околу зградата на општината изнесува вкупно 1.457.205 денари на штета на општина Кичево.
Македонија
Меџити го дочека претседателот на Албанија во Чаир
Градоначалникот, Изет Меџити, свечено го пречека во Чаир претседателот на Албанија, Бајрам Бегај кој допатува во тродневна посета на земјата.
Меџити му посака добредојде пред општината, нарекувајќи го брат.
Албанскиот претседател заедно со делегацијата ќе ја посети џамијата „Мустафа Паша“ и Старата скопска чаршија, кадешто ќе има свечен настан.
За утре е превидено, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, да биде домаќинка на Бегај. Албанскиот претседател ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следи тет-а-тет средба на претседателите, а потоа и пленарен состанок на македонската и албанската делегација.
Во рамки на официјалната посета, претседателот на Република Албанија ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Најавена е и посета на Тетово во сабота.
МВР соопшти дека поради посетата во главниот град деновиве ќе има посебен сообраќаен режим.
Сообраќајот пред општината Чаир попладнево беше целосно блокиран. Автобусите сообраќаа по изменета рута, додека пешаците беа пренасочувани од другата страна на булеварот.

