Македонија
ДКСК ги потсети новите градоначалници на обрските во Законот за спречување на корупцијата
По завршување на изборите за градоначалници и членови на Советите на општините и Градот Скопје, Државната комисија за спречување на корупцијата ги потсетува избраните градоначалници, односно членовите на советите, за почитување на начелата, обврските и забраните утврдени во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, и тоа:
1. Почитување на начелото на интегритет, односно обврската при вршењето на функцијата да внимаваат на евентуален судир на интереси, а при извршувањето на јавните овластувања и должности не смеат да се раководат од лични, семејни, верски, партиски и етнички интереси, ниту од притисоци и ветувања од претпоставениот или од друго лице (член 4);
2. Почитување на правилата за неспоивост на функцијата што ја вршат, со други функции или дејности утврдени во Уставот и законите.
Функцијата претседател на Републиката, претседател на Владата на Република Македонија, министер, пратеник, член на совет, градоначалник, судија, јавен обвинител, јавен правобранител, народен правобранител и други функции кои ги избира или именува Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија или органите на локалната самоуправа се неспојливи една со друга (член 44 став 1).
На службено лице вработено во локалната администрација, ако биде избрано за член на совет на општина, односно градот Скопје, работниот однос му мирува согласно со закон, со денот на верификацијата на мандатот на член на совет (член 44 став 7).
Во таа насока, а врз основа на постапувањето по предмети во изминатиот период, Државната комисија укажува на следното:
– функцијата советник, иако се врши непрофесионално, е неспоива со вршење функцијата член на управен, надзорен или училишен одбор во јавни претпријатија или органи каде општината именува или назначува свои претставници;
– адвокатската дејност се става во мирување доколку адвокатот е избран за градоначалник или член на совет, согласно Законот за адвокатурата;
– вршењето на должноста декан и продекан е неспоиво со вршење на друга јавна функција, односно неспоиво со вршење на функцијата градоначалник/член на совет, согласно Законот за високото образование.
3. Градоначалник кој управува со трговско друштво или установа како сопственик e должен пред да стапи на функција, управувањето да му го довери на друго лице или тело, освен на членови на неговото семејство, за времето на вршењето на функцијата. Кога во трговското друштво/установа е образуван орган на управување во кој градоначалникот ги врши управувачките права, пренесувањето на истите подразбира негова обврска да поднесе оставка на членството во органот на управување. Во рок од 30 дена од пренесувањето на управувачките права, до Државната комисија е обврзан да достави податоците за лицето на кое се пренесени управувачките права и доказ за пренесувањето на истите. Лицето на кое се пренесени управувачките права се смета за лице со кое градоначалникот има приватен интерес, согласно со членот 8 став (4) од законот. РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА REPUBLIKA E MAQEDONISË SË VERIUT
Градоначалник/член на Совет на општина е должен во рок од 30 дена од денот на стапување на функција до општината да ги пријави правните лица во негова сопственост, во кои има акции, удели или управувачка функција, а општината е должна овие податоци јавно да ги објави (член 45);
4. Градоначалник/член на совет на општина не може да биде член на управен или надзорен орган во трговско друштво, јавните претпријатија, агенции, фондови и сите други правни лица со доминантен државен капитал, освен ако со закон не е поинаку утврдено (член 49);
5. Во вршењето на својата функција, јавните овластувања или должности градоначалникот не може да воспостави деловни односи со правно лице кое е во негова сопственост или во сопственост на член на неговото семејство или во кое тој или член на неговото семејство поседува акции или удели или кое го основал тој или член на неговото семејство или во кое одговорно лице е член на неговото семејство.
Во спротивно, на склучениот договор се применуваат одредбите за ништовност на договорот од Законот за облигационите односи (член 51);
6. Не може да биде корисник на грант, заем, односно финансиска поддршка од единица на локалната самоуправа, правно лице чиј основач или сопственик бил или е градоначалник/член на совет или член на неговото семејство или во кое градоначалник/член на совет или член на неговото семејство е одговорно лице или поседува удели или акции (член 52);
7. Градоначалник/член на совет не смее да врши влијание за вработување или унапредување на блиско лице во општината во кој е избран или во друг државен орган или јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице што располага со државен капитал.
Градоначалник/член на совет е должен да ја извести Државната комисија за секој избор, именување или вработување, унапредување на член на неговото семејство во државен орган, орган на локалната самоуправа, јавно претпријатие или друго правно лице што располага со државен капитал, во рок од десет дена од денот на извршениот избор, именување, унапредување или вработување (член 56);
8. Градоначалник/член на совет не смее да врши незаконско влијание во постапка за јавна набавка. Истото се однесува и кога врз основа на јавен конкурс, оглас или лицитација се одлучува за давање одобренија, концесии, контингенти или дозволи за вршење на стопанска или друга профитна дејност (член 57);
9. Градоначалник/член на совет при вршењето на јавните овластувања и должности не смее да прима подароци, освен во случаите, во износ и на начин утврдени со Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост (член 58);
10. Градоначалник/член на совет, при вршењето на јавните овластувања и должности, не смее да склучува договор за спонзорство во свое име (член 59);
11. Градоначалник/член на совет во случај на постоење на сомневање за судир на интереси, должен е да побара мислење од Државната комисија (член 72);
12. Градоначалник/член на совет доколку учествува во расправа во која се одлучува за работи зa кои тој или негово блиско лице има приватен интерес, должен е да го пријави постоењето на приватниот интерес и да се изземе пред расправата и одлучувањето, а најдоцна пред почетокот на одлучувањето. Прикривањето на постоење приватен интерес од страна на градоначалник/член на совет претставува повреда на должноста и основа за покренување постапка за утврдување на одговорност и изрекување на мерки согласно со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси (член 73);
13. Градоначалник/член на совет кој учествува или одлучува во постапката за избор, именување или вработување или е вклучен како член на тело што ја спроведува таа постапка, должен е да ги преземе сите неопходни мерки за спречување на појавата на судир на интереси (член 74);
14. Кога градоначалник/член на совет ќе дознае за околности што укажуваат на постоење на судир на интереси или на потенцијален судир на интереси, должен е веднаш да побара да биде изземен и да запре со своето постапување. Градоначалник/член на совет може да биде изземен и по барање на заинтересирано лице кое дознало за околности што укажуваат на постоење на судир на интереси или на потенцијален судир на интереси (член 75);
15. Избраните градоначалници/членови на совет на општина, односно Градот Скопје, имаат обврска за поднесување изјава за имотна состојба и судир на интереси, најдоцна во рок од 30 дена од денот на изборот.
Градоначалниците/членовите на совет на кои функцијата им престанала, имаат обврска за поднесување изјава за имотна состојба и судир на интереси, најдоцна во рок од 30 дена од денот на престанувањето на функцијата (член 82);
16. Градоначалниците/членовите на совет се должни во рок од 30 дена да го пријават секое зголемување на нивниот имот, односно имотот на членовите на нивното семејство, во вредност што надминува дваесет просечни нето-плати во претходниот тримесечен период, како и промена на интереси (член 85).
17. Непочитувањето на сите горенаведени обврски и забрани од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси претставуваат прекршок и за истите се изрекува одредена прекршочна санкција, односно јавна опомена.
Покрај наведените обврски и забрани, избраните градоначалници/членови на совет на општина, односно на Градот Скопје, при вршењето на својата функција треба да се придржуваат и да ги почитуваат и останатите одредби од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
Сите претходно наведени обврски важат и за директори, в.д. директори и членови на надзорни, управни и училишни одбори, кои ги избира или именува градоначалникот, односно советот на општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сите патишта водат кон Будимпешта, со владин авион кај шефот и на море, велат од СДСМ
Главна дестинација на владинот авион е релацијата Скопје-Будимпешта. Дури седум пати летале до шефот, во главниот град на Унгарија, според информациите за летањето на владиниот авион кои ги објавија медиумите, велат од СДСМ.
„Сите во Будимпешта, со владин авион, на консултации и по работни задачи кај шефот.
Наместо да лежи во Идризово, ВМРО му подготвува враќање на Никола Груевски.
Затоа и беа тргнати потпретседателите.
Нема повеќе потпретседатели, нема внатрешна конкуренцијам се расчистува патот за единствениот претседател на ВМРО, Груевски.
Мицкоски е само чувар на фотелјата.
Мора да се обезбеди безбеден терен за враќање на газдата“.
Според опозиционата партија, Мицкоски, Николовски, Силјановска најмногу го користеле владинот авион.
„Толку многу се шета, Мицкоски дури и на Јадран оди со владин авион на капење.
Затоа мора да се купува нов авион, да се даваат милиони евра народни пари“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.
Македонија
Можности за интензивирање на парламентарните контакти со Казахстан
Пратеничката група за соработка со парламентите на државите од Централна Азија одржа средба со амбасадорите на Република Казахстан, Киргистанската Република, Република Таџикистан, Република Узбекистан и Туркменистан, акредитирани во Република Северна Македонија.
„Претседателот на Пратеничката група, пратеникот Никола Коњановски, им посака срдечно добредојде на присутните и истакна дека ваквите средби претставуваат значајна можност за размена на ставови за актуелните билатерални односи и за унапредување на парламентарната соработка. Тој нагласи дека Република Северна Македонија му дава особено значење на развојот на политичкиот дијалог, економската соработка и културната размена со земјите од Централна Азија“, соопшти собраниската прес – служба.
Работната средба продолжи со обраќањето на амбасадорот на Казахстан, Буршаков, кој ги презентираше уставните измени и реформите што се спроведуваат во неговата земја, со цел зајакнување на демократските институции, владеењето на правото и унапредување на човековите права и слободи.
Во дискусијата учество зеде и пратеничката Дијана Илиевска, која изрази задоволство што е член на Пратеничката група за соработка и за можноста да учествува на средбата. Таа му посака успех на амбасадорот на Република Казахстан во процесот на уставните измени и реформите во земјата.
Во продолжение на средбата беа разменети мислења за можностите за продлабочување на економските, трговските, образовните и културните врски, како и за интензивирање на парламентарните контакти и размена на искуства меѓу парламентите.
Во дискусијата беше нагласена улогата на Казахстан како важен фактор во Централна Азија и пошироко, особено во промовирањето на дијалогот, стабилноста и мултилатерализмот. Учесниците изразија подготвеност за продлабочување на соработката на мултилатерално ниво.
„Во насока на унапредување на парламентарните односи, беше предложено воспоставување поинтензивна и редовна комуникација меѓу пратеничките групи за пријателство, организирање заеднички активности, работилници и тематски конференции, како и размена на делегации и експертски посети. Соговорниците ја потврдија заедничката заложба за понатамошно зајакнување на билатералните и парламентарните односи и за продлабочување на соработката преку размена на искуства во реформските процеси и евроинтегративниот пат на Република Северна Македонија“, се наведува во соопштението.

